[Литература] Исидора Хенниг – III година

Што ме движи кога сѐ стои

 

Одговорот на ова прашње е комплициран, за разлика од самото прашање. Впрочем, не гледам ништо што ме движи, ниту пак добра причина зошто да се движам. Зарем услов за да постојам е нешто да ме движи? Не е доволно самото постоење, страдањето и трагедијата за да постојам? Самово прашање ја потврдува уталитарноста на општеството. Не ми треба да се движам за да постојам, уште помалку конкретно нешто да ми дава пасија за живот. Страст има и во самото постоење, страдање, трагедијата на животот, и во лудилото. Најдобрата уметност произлегува од тие страдања. Нема причина зошто да сме секогаш среќни, највозвишената и најчистата убавина се раѓа во тагата. Што ги движи работниците во фабрика? Имаат ли време за длабока контемплација за вакви прашања? Какви се овие прашања според својата природа? Наменети се за луѓе кои имаат време и луксуз да бараат апстрактна страст во животот која ќе ги движи. Со други зборови, овие контемплации се карактеристика на буржуазијата. Со ова не сакам да имплицирам дека работничката класа не мисли или дека нема длабоки чувства и егзистенцијални кризи, баш напротив, поентата ми е, дека покрај целата негативност којашто ја чувствуваат, и покрај длабоките прашање со коишто се занимаваат, како и сите други, не постои апстрактна сила или конкретна страст којашто ги движи. Што би се случило ако некој го изгуби тоа нешто што ги движи? Зарем животот додека сѐ стои е безвреден? Не, бидејќи во самото страдање има страст, и таа страст, иако знае да биде чиста агонија, е невидено убава.

Пасиите коишто ме исполнуваат и коишто предизвикуваат јуродиво лудило кај мене се уметноста, поконкретно глумата и поезијата, љубовта општо, и лудилото што е врзано со самото постоење. Посветена сум на моите страсти, бидејќи ми се како религија и наоѓам божественост во нив. Мислам дека глумата е најчистата и најискрената форма на уметност. Кога човек глуми, тој не ја измамува публиката, туку ја кажува својата вистина и вистината на карактерот којшто го глуми, манифестирана преку глумецот. За глумецот да може да глуми, треба да ги извади сите чувства коишто ги чувтвувал и сите негови карактерни црти, и тие да ги покаже и искаже преку текстот на карактерот. Со други зборови, глумецот треба да биде интимен и ранлив пред целата публика. Кога глумам се чувствувам како да дишам, како стварно да дишам и живеам. Се чувствувам моќно, возбудено и истовремено ранливо. Уметноста е хаос, треба да вознемирува и да биде вистинска и искрена, никогаш не треба да биде конвенционална, и уметноста не треба да се креира со цел да постои убавина, туку со цел да биде израз на чувствата кои не можат да се искажат со зборови, и убавината да произлегува од искреноста на делото. Љубовта е многу слична на уметноста, на ист начин е хаотична, и има невидена јуродивост во љубовта (кога е искрена). Љубовта е кршење и распаѓање на нормалноста и монотонијата, затоа мора да е невидено луда и хаотична. Љубовта е радикална, чиста, екстремна и се вкоренува божественоста. Тоа што ја прави љубовта различна е дека субјектот на љубовта е различен од сѐ до сега, и ја крши монотонијата, поради тоа субјектот не треба да се споредува со други работи. Невозможноста саканото потполно да се знае и да се конзумира, е тоа што ја прави љубовта возможна, и поради тоа, и во најсреќните моменти со другиот (така ќе го нарекувам субјектот на љубовта) има невидена меланхолија. Самиот обид да се конзумира другиот доведува до фетишизација, што го лишува другиот од тоа што го прави различен, и го банализира и сведува на општи карактеристики. Со конзумирањето и тврдењето дека целосно го познаваме другиот, ја лимитираме бесконечноста на другиот. Сите луѓе се бесконечни, ама бесконечноста на другиот е различна. Љубовта треба да биде всушност негативна, и да вознемирува, исто како и уметноста, и убавината произлелгува од самата негативност и самото лудило на двете појави.

Пасиите, што и да се, треба да се екстремни. Нивната убавина произлегува од неконвенционалноста и искреноста. Кога се вистински и екстремни, страстите се јуродиви. Треба да бидеме спремни дури и да умреме за нив. Не мора да нѐ движат напред, треба само да се екстремни и искрени. Тие е јуродивоста во животот.

+36