[Литература] Искра Смилевска – II година

Што ме движи кога сè стои?

 

Деновите ми минуваа исто, монотоно. Училиште, неколку филмови во кревет, па пишување домашни. Така ми минуваше денот. Цело време бев затворена во мојата соба, само чекав да дојде вечерта. Да заспијам, за момент да не бидам присутна тука. Да не морам да постојам барем одреден период. Доаѓа нов ден. Ме буди алармот. Повторно исто. Продолжуваше вака сè до доаѓањето на распустот. Конечно мир, си велев. Напротив, полошо беше. Се будев на пладне, половина ден веќе беше поминат. Мајка ми ме кара, ништо не сум правела. Одам до тоалетот да се измијам. Ладен млаз од вода го освежува моето лице. Се гледам во огледалото.

Која си? Бушава коса, темни кругови под моите зелени очи. Кој е овој лик што се одразува пред мене? Тоа веќе не сум јас. Не знам која сум. Не се чувствувам како да живеам, туку само постојам. Присутна сум во светот околу мене, но не сум дел од истиот. Изгубена сум. Не приметувам ни кога поминува остатокот од денот. Доаѓа вечерта, но сега е поинаку. Веќе не можам да спијам, не можам да бегам од реалноста. Само лежам и немо гледам кон таванот. Која си? Солзи се ронат по моето лице. Повторно е мрачно, повторно тонам во црниот облак кој мислев дека одамна го напуштив. Впрочем, тој црн облак секогаш ме следел. Се прикрадуваше во моментите кога бев најранлива, од мене го земаше најдоброто. Ја покривам устата со рацете. Сакам да се дерам, но не смеам да испуштам ни крик. Плачам, непрекинато плачам, не знаејќи како да си помогнам. Погледнувам кон телефонот, 3 часот наутро е веќе. Мрачни мисли поминуваат низ мојата глава, повторно истите мрачни мисли кои ги имав пред две години. Во фиоката е, земи го, можам пак да почнам. Можам пак да почнам да си ја нанесувам таа болка, таа болка која всушност ја гледав како единствен излез. Единствен начин на којшто безгласно можев да викам. Очајно сакав, но сега сум попаметна од тоа. Барем еднаш во животов биди си од корист, така си велев.

Првиот утрински зрак ја осветлува мојата соба. Се чувствувам беспомошно, осамено, а знам дека не сум сама. Едноставно молчам, се затворам во себе и самата ги водам и решавам битките во мојата глава. Но, сето тоа криење и чување во мене еден ден ќе излезе, не ќе можам да го контролирам тоа и ќе се скршам. Се скршив пред мајка ми. Моето вообичаено утро кое започна во 2 часот по пладне и секој збор што го кажуваше таа ме кршеше уште повеќе. Не беа тоа никакви лоши зборови, туку допреа до мене, онаму на најранливото место. Допреа толку длабоко до срцето што веќе не можев да се воздржам и се скршив. Плачев, мајка ми не разбираше зошто, јас плачев бидејќи не можев да ѝ објаснам. Но, и после тоа, ист беше секој ден. Таа непрекината монотонија, тоа изгубено чувство и омразата која ја имав кон себе не престануваа. По стоти пат, која си? Која сум јас, онаа вистинската јас? Знам која сум, но не сакам да си признаам. Не сакам да се соочам со реалноста, не сакам. Не сакам бидејќи е тешко, тешко е да ја признаам вистината со која ќе се носам целиот мој живот. Вистината која ќе ја дознаат сите, и голем дел нема да ја прифати. Како ќе биде кога ќе дознаат сите? Како ќе реагира моето семејство? Прашања на кои можам да им дадам само негативен одговор. Затоа стојам во место. Светот околу мене се движи, а јас талкам наназад. Посакувам да не постојам. Никогаш да не бев донесена на овој свет. Да имав избор ќе беше многу полесно. Но, кој ќе се бори за мене ако не јас? Ако не се прифатам јас самата, како ќе ме прифати некој друг? Знам која сум. Не можам да го променам тоа. Морам да бидам горда на тоа што сум. Да, тешко е, но морам да се изборам.

Сè уште е тешко на моменти, но сега имам причина за која вреди да се борам понатаму. Имам причина да се будам секој нов ден. Имам причина да се трудам да бидам подобра. Се појави таа, онаа личноста која ве пронаоѓа во тие најранливи и интимни моменти. Се појави таа која ме спаси и која продолжува да ме спасува секој ден. Личноста која го промени моето секојдневие и таа досадна монотонија исчезна. Како единствениот зрак светлина кон кој се стремам да одам за да ја избегнам оваа темнина. Никогаш не би помислила дека една личност може да има толку огромно влијание врз мене и моето расположение. За прв пат во мојот живот сум среќна, и оваа среќа ѝ ја должам само неа. Во секое добро и секое зло таа секогаш е тука. Бдее над мене и ме чува. Физички не е присутна, но ја гледам и чувствувам секаде околу мене. Ја гледам во одразот од огледалото. Ја гледам во сликите залепени на ѕидот од мојата соба. Ја гледам во гитарата. Ја мирисам на мојата облека. Секоја вечер ја чувствувам нејзината воздишка на задниот дел од мојот врат. Знам дека во секое време и за било што, таа секогаш ќе биде тука. Тие неколку месеци како ја познавам чинат цела вечност, како да сме биле изгубени души кои талкале по својата загубена половина. Сега сè е дојдено на своето место, сè е правилно. Често се запрашувам како може човек кој го знам толку кратко да стане единствената причина поради која сè уште дишам. Само покрај неа се чувствувам безбедно, сигурно. Само нејзиниот допир ме смирува.

Не можам да речам дека на моменти не ми е тешко и дека не го гледам тој црн облак како се обидува повторно да ме проголта. Тие мрачни мисли се секогаш тука, скриени некаде длабоко во мене, чекајќи да ме погодат тогаш кога најмалку очекувам. Таа непрекината битка продолжува, не само едно нешто не ми дава да се откажам и да изгубам. Мислам на неа. На животот кој ми го дава. Не ми треба ништо друго освен помислата на нејзината насмевката. Таа насмевка што ме освои уште од самиот почеток. Сè би направила да можам да ја гледам секој ден. Ме радува секој нов ден кога ќе ја видам таа насмевка. Таа секогаш блеска и ме исполнува. Мислам на нашата иднина. На сите наши планови за заедничкиот живот. Како се вселуваме во малото станче и за почеток спиеме на земја, на обичен душек. Тоа за мене претставува цело богатсво, ако значи дека крај неа ќе легнувам секоја вечер. Замислувам за нашето месечно пазарење после земање на првата плата. На сите кавги и смирувањата после тоа. Го замислувам нашиот прв одмор. Нашето прво заедничко лето кое е на прагот. Нè чекаат премногу планови кои допрва треба да бидат остварени. Во моментите кога ми е најтешко, само таа ми е единствената мотивација за живот. Љубовта која ми ја пружа е доволна да ме поттикне да го направам следниот чекор. Заедно растеме, си помагаме, си даваме поддршка. Таа ми помага мене, јас неа. Ако ме нема мене, прекрасната насмевка повеќе никогаш нема да се појави на нејзиното лице. Не можам така да ја повредам, само неа не можам никако да ѝ наштетам. Да не беше таа тука не знам каде ќе бев денес. Не знам дали воопшто ќе бев сè уште тука. Само таа ја има силата да ме натера да живеам, навистина да живеам. Ми помага да го најдам доброто кога целиот свет се руши пред мене. Ми ја држи раката кога ми е најтешко, ми ја милува косата и само со нејзиното присуство ме смирува. Ме прави да се чувствувам како да сум дома. Безбедна сум во нејзината прегратка. На секоја моја солза таа пролејува уште две. Секоја моја болка, неа ја погодува два пати подлабоко. Мојата среќа неа ја радува уште повеќе. Со нетрпение го чекам секое ново утро. Ги одборјувам деновите до нашето следно гледање, само тоа ме возбудува. Се чувствувам како дете кое живее во невин свет како од бајките. Светот е суров, но со неа сè е едноставно волшебно. Заедно сме и никој не може да нè спречи. Посилни сме од секоја препрека која ќе ни излезе во пресрет.

Животот е убав кога се сака, кога имаш крај себе некој кој искрено те сака и го сака само најдоброто за тебе. Животот е убав само со неа. Сега вреди да се трудам. Вреди да живеам. Да живеам, да се трудам, храбро да чекорам напред за неа, со неа. Таа е она нешто кое ме движи кога сè стои.

 

 

 

+28