[Литература] Елена Ѓорѓиевска – VIII одд.

Што ме движи кога сè стои?

Во минатата година нашиот живот многу се смени. Во светот е прогласена пандемија на корона вирусот. Сите сме принудени да поминуваме повеќе време затворени во своите домови. Кога излегуваме надвор мора да носиме маски. Каде и да одиме држиме дистанца. Домовите не смееме да ги напуштаме во вечерните часови поради полицискиот час. Овој период за мене е многу чуден и необичен. Сè стои. Никаде не може слободно да одам, никаде не се патува, границите се затворени. Ја нема дружбата. Не работат големите театри и кина кои ни беа главни места за дружење. Единствените контакти со моите другари од училиште се преку компјутер и телефон. Ова е новото секојдневие и новиот начин на живот.

Има уште премногу правила кои се менуваат и на кои треба да се навикнеме. Единственото нешто кое на сите ни дава сила е надежта. Надежта дека сето ова ќе помине. Надежта дека наскоро ќе се видиме на училиште, слободни, без маски и ќе продолжиме онаму каде што застанавме. Надежта дека ќе се вратат веселбите, патувањата, игрите и среќата. Тоа е мојата најголема желба.

Но сепак додека да се случи тоа мора да најдеме начин како најубаво да си го поминеме времето дома. Да најдеме начин како да си го исполниме денот со активност која не е телефон, интернет игри и телевизија. Јас на пример оваа година прочитав многу книги. Сфатив дека книгите не се толку досадни и дека од нив се учат многу нови нешта. Додека читаш можеш да патуваш во држави кои досега не си ги посетил. Си замислуваш нови галактички светови кои дотогаш не си знаел дека можат да постојат. Можеш да доживееш нови авантури со нови другари додека седиш на твојата тераса со чаша леден чај.

Почнав да учам нов јазик. Имав среќа со мојата нова наставничка. Таа е многу добра и многу ми помогна околу учењето. Со возбуда го чекам нов секој час и едвај чекам да ја запознаам во живо. Интересно е да се учи за друга култура и поразличен стил на живот од нашиот, а таа знае точно како да ми ја доближи. На вистинските позитивни наставници кои навистина ја сакаат својата работа не им се потребни училница и физичка присутност. Енергијата со која работат е заразна и те тера и ти да работиш заедно со нив и да се трудиш се повеќе.

Оваа година учествував на конкурси и натпревари. Веројатно оваа година ќе биде посветена на дополнителната настава по биологија. Биологија е предмет кој ми оди од рака и брзо го учам. Годинава учиме за човековото тело, па можеби затоа е и поинтересно. Се пријавив на училишниот натпревар и успеав да поминам во следниот круг. Ова одамна сакав да го направам и сега беше најдобро време. Секој ден се трудам да решам барем по еден тест или да прочитам нешто ново и да го проширам своето знаење.

Исто така целава ситуација мене ме потсети колку сум среќна што имам прекрасно семејство кое секогаш е тука за мене. Тие мене ме држат силна и исправена. Нивната поддршка ми е најважна во животот. На почетокот од пандемијата не се гледав со моите постари роднини. Останував дома со моите родители. Карантинот мината година го поминавме ние тројцата затворени заедно. Разонода ми беше терасата која ја претворив во плажа, стар детски базен наполнет со вода и еден стар чадор за сенка. Околу дури наредив школки кои сме ги собирале од минатите одмори. Беше и малку жално и малку возбудливо. Иако често зборував со моите баби ми сепак не можев да ги видам. Тогаш најдобро научив, дека ние луѓето, не ги цениме важните нешта се додека не ги изгубиме. За среќа вирусот ги одмина, не се заразија. Сега се гледам со нив многу почесто и се трудам да ги почитувам препораките.

Секоја година одиме на село заедно со моите баба и дедо. Таму секогаш е убаво, но во пролет е најубаво. Оваа година таму поминав многу време. Додека траеше карантинот во Скопје јас слободно шетав по ливадите. Заедно со баба ми и дедо ми одевме на излети и прекрасно си поминувавме. Додека бев таму видов многу нешта кои ме посетија на слободниот живот пред пандемијата.

Дел од моето семејство е и моето мало куче. Тој се вика Били и е мојот најдобар другар. Кога сме дома, остануваме сами наутро и ми прави друштво за време на онлајн наставата. И тoj дојде со мене на село. Уживаше во трчањето по возот и дружењето со селските кучиња. Многу брзо се спријателија. Многу сака да истражува нови територии. Тој ми носи радост во секој нов ден.

Ова лето отидовме и на одмор во Охрид заедно со него. Мислев дека оваа година тешко беше да најдеме место за престојување каде што примаа домашни миленици. На крајот најдовме едно многу слатко станче со поглед на езерото. Беше соворшено за сите нас. Секое утро јас мајка ми, татко ми и Били одевме на плажата. Таму Били за првпат пливаше и многу беше сладок. За жал водата воопшто не му се допадна. Едвај дочека да излеземе и ние со него надвор на суво. Многу поинтересни му беа камчињата на плажата и сонцето кое цело време силно грееше. Иако имаше пандемија минатото лето ми беше едно од најубавите.

Уште кога почна оваа учебна година знаевме дека нема да се вратиме во клупите и дека учењето ќе биде online. Никој не беше среќен за оваа одлука донесена од страна на владата на нашата држава ,но сите знаевме дека вака ќе бидеме најзаштитени од вирусот. На почетокот ми се чинеше убаво што можам да поспивам до подоцна и да не морам да трчам секое утро за да не задоцнам на училиште. Но по кратко време почнаа многу да ми недостигаат моите другари од училиште. Тогаш јас и моите најдобри другарки излеговме надвор во парк. Иако моравме да носиме маски и да држиме некоја дистанца. Јас бев пресреќна што повторно ги гледам. Сигурна сум дека и тие се чувствуваа исто,исполнети со радост и среќа.

Сега знам дека наскоро сè ќе изгледа подобро и дека ќе се вратат добрите работи кои ги сакам и ме исполнуваат. Прилагодувањето кон разни ситуации од секогаш ги движело луѓето напред и од оваа ситуација ќе излеземе посилни и поспремни да се соочиме со новите предизвици. Со нетрпение го чекам моментот кога повторно ќе седнам во училишната клупа и со другарките ќе ги планираме заедно новите животни предизвици. Можеби повторно ќе носиме маски ,но барем под нив ќе бидеме насмеани и среќни.

 

+2