[Литература] Даница Левкова – VIII одд.

Што ме движи кога сè стои?

 

 

 

 

Јас како една единка во ова општество, како една индивидуа која штотуку почнува да созрева, да го гледа она вистинското во луѓето сфатив само едно нешто. Без разлика кој си, од каде си, што правиш секогаш ќе има луѓе кои ќе те враќаат се понаназад и понаназад. Ќе ти бранат влез или ќе ти попречуваат некое друго твое право кое е загарантирано, кое е пишано, кое е прифатено од сите. Но знаете во што е проблемот? Во човечкиот морал. Правилото поставено од човека, не го опфаќа само доброто или само лошото, само едната или само другата страна, туку спротивностите заедно. И тоа е лошо. И тоа многу лошо. Бидејќи тоа не само што ги ограничува моите права, ги ограничува и правата на останатите, на сите останати кои ќе бидат запознати со мојот проблем, или пак на оние кои што се само недоволно храбри и затоа тие никогаш нема да се обидат да направат нешто, никогаш нема да можат да имаат свои соништа, да имаат свои желби, да веруваат во нешто, бидејќи има многу такви кои придонесуваат општеството да не биде добро. А тоа? Тоа нè попречува, претставувајќи еден хендикеп на нас и на нашите способности и желби, воедно доведувајќи нè до губење на нашите соништа, нашите морали, нашиот карактер. А што се случува потоа? Ги губиме желбите, ја губиме надежта, ја губиме вербата, а со нив….со нив го губиме и тоа што нè движи или барем малку нè движело порано. Со тоа губиме сè што нè движело. Бидејќи надежта, вербата и желбата се оние кој нè движат до едно подобро утре, до еден подобар ден, до едно подобро општество за сите нас.

Надеж, верба и желба. Тоа е она што мене ме движи. Тоа е она што мене ми беше потпора во оваа пандемија, она што секој ден ќе ме натераше да станам од кревет, да му се насмевнам на светот и да си речам дека сè ќе е во ред. Дури и кога светот се претвори во една огромна зелена онлајн точка тоа беше она што секој ден ме движеше, што ми овозможуваше интересен живот без разлика на сè. Тие се оние главни три нешта кои секој ден ме носат до возот на мојот живот, движејќи се по шините на среќата.

Токму надежта е онаа којашто мене ме приближува до мојата желба, свет во кој правдата, мирот, толеранцијата, недискриминацијата и солидарноста царуваат. Ние секојдневно живееме преку горивото на надежта, бидејќи без таквата особина што го грее срцето, ние би биле само празни и механички суштества кои дејствуваат во склоп со наредбите на разумот, а не со тие на срцето. Така што надежта е уште една сила која што и мене и вас нè придвижува кон нашите цели, нè придвижува кон сè во овој наш живот. Бидејќи нема да можете да пливате кон нови хоризонти додека не соберете храброст да го изгубите брегот од вид, бидејќи надежта е недостижна желба со позитивни очекувања која секој миг станува реалност. Бидејќи таа нè движи до наредниот ден, до едно подобро утро, до подобра иднина и до подобро општество.

За разлика од останатите живи суштества на планетата, човекот е единственото кое умее своите чувства да ги изрази на повеќе начини. Чувствата најчесто произлегуваат од наште желби. Какви ни се желбите, такви ни се и чувствата. Но, најубавите чувства доаѓаат од желбата за љубов и среќен живот. Да живееме во свет без грижи. Свет полн со љубов, здравје, меѓусебно почитување. Тоа е мојата желба, тоа е она што мене навистина би ме движело. Остварувањето на желбата ме движи. Да живеам во соништата, да чекорам во безгрижноста, да сонувам во стварноста затоа што и јас ја носам желбата на секој еден како мене. Секој ден овие мои желби стануваат сè поголеми и поголеми, се возвишуваат до небото и со брзина на светлината се остваруваат малку по малку. Верувам дека не постои човек без овие желби, затоа што не постои и човек без чувства. Желбите се една огромна сила, која сите нас нè движат и нè тераат гордо да гледаме во подобра иднина.

И за крај, ни преостанува само вербата. Исто како и надежта и вербата е една од неизбежните човечки особини. Бидејќи не постои човек кој не верува, било добар или лош. Секој верува во нешто. Па така и јас верувам во моќта на добрина, во моќта на човековите морали, човековите права и човечкото достоинство. Затоа што и тие се оние нешта кои нè движат. За почеток движејќи нè кон наредниот час, кон наредниот ден и доведувајќи нè до едно подобро општество.

А што за мене е тоа подобро општество? Општество со повеќе паркови, повеќе споменици или пак повеќе фонтани? Па зарем ги немаме доволно? Владеење на мир притоа и мирно решавање на конфликтите, единство и еднаквост, слобода, солидарност, основните слободи и права на граѓаните, владеење на правото, почитување на националниот идентитет, почитување на инклузијата, имање толеранција и демократија. Ете тоа за мене претставува подобро општество. Општество кое сите заедно ќе го движиме кон заедничките цели. Бидејќи тоа е најважното нешто во животот. А знаете кои се најважните нешта? Оние што нè движат, оние што ни даваат сила.

Па не за џабе, нашите предци, прадедовци се бореле со пушка на рамо и ѕвезда на чело. Тие се бореле само за едно нешто: за подобро утре, за подобра иднина. Но, знаете што е тоа што ги движело? Што е она што ги натерало да се кријат по планините, да водат битки без престан и на крај да умрат? Истото што и мене. Вербата, надежта и желбата за едно подобро утро, за едно подобро општество, за еден подобар свет. Бидејќи кога на 4 ноември 1950 година во Рим владите потписнички, членки на Советот на Европа, имајќи ја предвид Универзалната декларација за човекови права, мислеле само на едно, се надевале само на едно, ги движело само едно: општество еднакво за сите, без разлика дали си сиромав, богат, христијанин или евреин, тие сакале само едно нешто, загарантирани права за секоја единка на овој свет. И тие вредности коишто сега ни ги кажуваат како европски, ги имале нашите претходни генерации, ги граделе, ги негувале во рамките на СФРЈ, како што знае да каже мојот татко.

Но сега, во ова време, сè нам ни преостанува, на младите генерации. Зашто во нас е иднината, во нас е клучот за едно подобро општество. Сè што ни е потребно е поттик, желба, надеж и верба. Можеби за вас ова се само неколку зборови подредени по еден нелогичен или за некого логичен редослед, но за мене се вредности коишто мене ме движеа, ме движат и ќе ме движат во иднина. Бидејќи тоа се оние три нешта кои ме движат до мирот, до слободата, солидарноста, владеење на правото, почитување на националниот идентитет и демократија. Но сепак, знаете што? Не е сè до вербата, до надежта. Да, тие се оние нешта кои нè поттикнуваат, кои го разгоруваат огнот во нашето срце, но потребна е и храброст да се превземеме акција, да се направи тоа што навистина го сакаме, затоа што дури тогаш навистина би се движеле. Дури тогаш тоа би те однело на секоја врата, па дури и ако вратата се наоѓа на крајот на едно „стебленцето од зрно грав“. Би те однела и таму каде што не си ни сонувал, каде што не си ни знаел дека можеш да стигнеш. И дури тогаш тие три нешта, вербата, надежта и желбата би те движеле.

Но, не е важно дали знаењето, дипломата од факултет или храброста ме носат на посакуваното место, или пак нозете, важно е дека јас стигнувам таму. Бидејќи тоа е моќта на човековиот разум, те движи каде и да посакаш, тоа е моќта на човековата волја. Сепак без разлика што те движи, важно е тоа што те движи да те однесе на чесен и совесен начин до твојата цел. Бидејќи тоа е незапирливиот циклус на животот. Тоа е она што може да те движи дури и кога сè стои, дури и кога вирусот царува, дури и кога „светот е затворен“.

 

+179