[Литература] Васја Мицковски – VIII одд.
Што ме движи кога сѐ стои?
“Храброст за спротивставување”
Континуираниот развој на оваа еуфимистички наречена транзиција, парадоксално се повлекува од својата актуелност во нашата држава. Не бев инспириран да се поставам на оваа контрадикторна замка, но сепак попуштив. Ја запоставив фронталноста на својот идентитет и ѝ се препуштив на недефинирана литература. Свесен сум дека постулирам спротивни животни вредности на мојот карактер, но спремен сум да ги истрпам критките и да продолжам да творам со автентичен став. Го цитирам еминентниот Фредрих Ниче и неговата најфамозна референца која гласи: “Она што нѐ убива, нѐ прави посилни” за да го раздлабочам супстратот на денешниот и современ наратив во оваа наша славна држава. Можеби ќе биде неверојатен предизвик, но слободата на човекот не смее да се компарира со слободата на неговото неприкосновено мислење. Предизвикот се отсликува само во иднината која новите генерации ќе ја запостават. Храброста кај младиот човек опаѓа, а флагрантната пристрасност кај државните институции еквивалентно се зголемува. Спротивставувањето во оваа наша славна демократска држава се разобличува како кршење на основните закоснки преседани, запоставувајќи ги правата и должностите на нас, “децата”. Исцртаниот патоказ на образованието води до една позната бездна зад која се крие иднината на нашата држава. Но зарем децата не се должни да ги разобличат лагите на секој режим. Зарем тие не се луѓето кои застапуваат како столбови на една држава, кои секогаш стојат во одбрана на вистината, еднаквоста и своето достоинство. Зарем тие не се идните визуелисти кои ќе ја исцртаат стекнатата храброст да се соочат со опасноста, да го уредуваат општеството и со автентичен став да се спротистават на секој недоблесен став, кој квислиншки се наметнува во вистинската заедничка визија на животот. Но за жал, не секогаш вистината победува. Песимизмот е единствениот механизам преку кој би ја опишале оваа епохална трагедија која секојдневно ја искусуваме. Емоциите едноставно не можеме да ги пребродиме, па со исправена глава нанапред продолжуваме со животот. Тоа е најпогрешната животна вредност само поради еден факт. Тој застрашувачки факт ни укажува дека отпорот кој што го даваме не нѝ е почитуван бидејќи во оваа држава, единствениот начин за успех е преку предавство на своите мисли и туѓите идеали. Децата на транзицијата, вклучувајќи нѐ и нас, растат по своето. Но, новите сили со кои ќе располагаме сѐ уште не се дефинирани. Не се дефинирани бидејќи идеалите кои истите деца ги застапуваат се фантастични, но за жал истите се интерпретирани како фиктивна визија на т.н реалност. Ова боли, ти ја руши последната надеж во хуманоста, те демотивира. Она што мене ме движи кога сѐ стои е песимизмот. Не се огледувам на судбината на Ренѐ Декарт за оваа хипотеза, но сепак сум доследен кон своите намери на проширувањето на истиот. Песимизмот од една страна е испровоциран ментален лек, но од друга страна е недостоинствено само-нарушување. Не е ова илузија, ова не може да се одглуми. Не може да се одглуми мизерното секојдневие кое ние, како млади граѓани го доживуваме. Не може да се одглуми невозвратениот реципроцитет од страна на државните институции. Не може да се одглуми оптимизмот, кој секој го очекува. Обемноста на темата на која денес творам е преголема, а позитивноста која ја очекувате да ја изнудам е драстично помала. Судбината пак, која секого го начекува не е ништо. Таа не постои, нема супстрат. Светот во кој живееш е креиран, а постапките кои ги правиш се дефинирани. Не постои коинциденција во твојата биографија. Мојата опсервација на светот сакам да ја изразам преку своите ставови и толкувања кон денешната тема со компарација на можната и очекувана транзиција и постоечката епохална трагедија. Дали ве боли кога го погледнувате светот со надеж, со бесценета визија за опоравување? Дали ве боли кога ги гледате сиромашните фамилии кои се издржуваат со еден долар дневно, плаќајќи ги двојните даночни износи? Дали ве боли кога знаете со што се соочувате, ја имате храброста, но сепак се повлекувате од своите идеали? Одговорот е скапоцен, прашањата се примамливи… Се соочуваме со секојдневни предизвици кои нас не депримираат, но државата ја зајакнуваат. Дали е ова вистинската животна вредност и општествен карактер кои една држава треба да ги застапи? Дали правото во една држава треба да биде изедначено со толкувањето на државните фирми, компании и институции? Дали класно-сегрегирачкиот систем кој функционира во полза на властодржците го зајакнуа слабонормираниот супстрат на нашата држава? Секојдневно се надеваме дека одговорите на овие прашања ќе бидат доблесни и единствени. Се надеваме дека образовниот систем ќе прерасне во слика отсликана со проблемите на учениците, луѓето, народот. Се надеваме дека мислењето на младиот човек конечно ќе биде почитувано. Од друга страна пак ние, децата, сме принудени да се однесуваме достојно и да се раководиме по тој убав бон тон. Последиците од распадот на образованието ни се наметнуваат како некој теоретски аргумент без образложение. Небаре ние сме тие кои го држат ова општество на стаклени нозе, пред неговото јубиларно распаѓање. Форсирањето на фамата за подобро образование секогаш е неопходно бидејќи ние со него растеме, се развиваме и критикуваме. Но, се докажува дека образецот кој ќе го извлечеме е беспотребен во развојот на нашиот иден карактер. Повторно ќе се послужам со цитирање на една референца од Жан Жак Русо која ја отсликува желбата за власт во нашата држава, и истата гласи: “Најсилниот никогаш не е доволно силен за да биде секогаш господар, освен ако не ја трансформира силата во право, а послушноста во должност”. Оттука, морализирањето и релативизирањето не се единствените механизми на поставување на фундаменти во општеството. Си мислиме дека постои само една патека кон индивидуалниот кариеризам. Пробуваме да се затскриеме зад искреноста која всушност ја нудиме. Треба конечно да се оттргнеме од оваа наша недифинирана животна идеологија. Да ставиме крај на флагрантната пристрасност во образованието, и едноставно да победиме. Да ја победиме оваа генерациска умствена војна на времињата бидејќи знаеме дека столбовите на нашите идентитети се базираат врз екстремни морални вредности. Но залудно… Победникот ќе прерасне во симболичен режисер на филмови со ист жанр, но различни улоги. Неговата индивидуалност нема да го претстави неговиот интегритет, бидејќи е научен на се навраќа на одлуките во минатото со решение, запоставувајќи ги фактите од историјата кои довеле до тие одлуки. Индвидуалноста ви останува како последна карта за играње кога сте соочени со најбаналните проблеми во вашиот живот. Храброста пак, ја третирате како небитна силуета на општеството која никој досега не ја земал во предвид за анализа. Она што вас ве движи кога сѐ стои е недефинирано. Но можеби грешам, поправете ме ако имате храброст. Но не ме дополнувајте! Достоинството пак, има сосема спротивен ефект врз нашиот идентитет. Тоа ве доведува до состојба на избор. Избор помеѓу патеките и текот на вашиот живот. Предизвик е, да се спротивставиш. Достоинство е, да знаеш кои ќе бидат последиците од твоето спротивставување. Замислете си како патувате по бесконечна патека. Патека која нема предизвици. Нема доживувања, но вие сепак сте принудени да продолжите да одите. Ќе сретнете луѓе кои досега не сте ги виделе, како паралелно со вас, бесчујно чекорат по оваа патека. Не знаете кој е финалниот исход, но сепак, спремни сте да продолжите. Дали е ова храброст? Како е можно, после секој животен предизвик, да се издигнете како независна индивидуа во општеството. Ако го банализирате вашето достоинство, ќе ја зајакнете вашата храброст. Свесни сте дека по оваа животна анализа, можете да ја претсавите вашата актуелност, и да конкурирате со другите како вас, без храброст. Победата во овие макотрпни конкурси ви е неопходна. Зарем ова не е храброст? Пробувате да се извлечете од оваа замка на која се препуштивте, но таа едноставно ве победува, таа е неизбежна. Таа е креаторот на конкурсот. Вдишувате длабоко, но не издишувате. Свесни сте дека секој следен чекор ве доведува до нова замка, ново автентично доживување. Што се случува? Како успеав да го променам своето мислење? Зошто не можам да издишам без да се каам за своите постапки? Залудно ли беше; трудот, напорот, ХРАБРОСТА… Ова е чувството на пораз. Но, овој пораз не го предизвика ТИ. Ова е пишано да се случи. Полемиките веќе немаат вредност, светот почнува да се замрзнува. Сѐ стои и само твојот збор ја има моќта да го преброди ова патешествие. Секоја секунда е вредна и бесценета, само бидејќи знаеш дека повторно ќе треба да се соочиш со овој најреален предизвик. Ова не беше пишано, го предосетив. Не ја раздлабочив суштината на постоењето. Сѐ стои и ќе продолжи да стои. Можеби моралните вредности во секоја замрзната индивидуа опаѓаат. Можеби криењето под дабовата сенка и прикривањето зад сонцето беше погрешна одлука. Зборот ‘можеби’ не секогаш е губитнички израз. Можеби е единствената информација со која во секој момент можеш да го претставиш својот животоопис. Спокојот патува со тебе, а гневот се крие зад таа фамозна дабова сенка. Зошто не се нервираш? Дали мислиш дека нема останати карти за играње? Мислиш ли дека си принуден ТИ да понудиш реми? Свесен си дека усехот и стекнатата авангарда во твојот древен алманах бавно се бришат. Повторно се осеќаш демотивиран и спремен си да се спротивставиш. Твојата инертност те спречува, но твојата доблест те поттикнува. Песимизмот конечно допира до тебе. Стекнуваш храброст и го напушташ овој свет, ова патешествие, оваа единствена димензија. Сега се наоѓаш во реалноста. Осеќаш мотивација и доблест за да го промениш овој свет. Ја наоѓаш дефиницијата на хуманоста и продолжуваш со твоето спротивставување. Но сѐ уште не осеќаш елан за да се претставиш со твојата храброст. Осеќаш како детството немилосрдно патува низ времето, и остава спомени-кои за жал сите ние ќе ги заборавиме. Ќе се образуваме во странските непознати и фамозни држави, ќе добиваме незаслужени поткупени стипендии и едноставно ќе го парафразираме нашето детство од димензија во која сме ја пронашле храброста, во оптимистичка фиктивна визија. Ова е песимизам. Не би поверувал дека последните и славни зборови ви ги претставувам во јавето. Секоја разумна индивидуа би си помислила дека сонува. Но јас не сум разумен, никој не е разумен, никој не сонува. Сѐ стои, само ти се движиш. Се восхитуваш на вистинската вредност на постоењето. Но, повторно залудно. Сакаш да живееш, но не се поднесуваш себеси. Се каеш за сѐ што си сторил и конечно издишуваш.
Ова ли е храброст…?