[Литература] Симона Шутиноска – 8 одд.
Што ме движи кога сè стои
Животот е мистерија, бескраен лавиринт низ кој секојдневно се движиме и го бараме вистинскиот пат. Се соочуваме со проблеми и искушенија кои треба да ги надминеме и да стигнеме до саканата цел. Животот е и една црвена точка што ја означува среќата и сè она што нè развеселува, радува, восхитува, придвижува… Но, до црвената точка има и една црна дамка што ја означува тагата, болката, разочарувањето…
Честопати, тие две бои се испреплетуваат и доминираат една над друга. Тагата над среќата, болката над радоста, разочарувањето над восхитот… секојдневна борба за превласт.
Ова време-невреме, борбата со пандемијата и вирусот Ковид-19, најочигледно ја прикажува таа борба меѓу доброто и злото, нормалното и новото нормално. Нормално!? Да, сега е нормално да излезеш од дома со маска. Да, сега е нормално да не се поздравуваш со своите блиски и познати, да не се гушкаш, туку да ја испружиш раката со тупаница или да се допреш со лактот. Твојот роденден не можеш да го славиш со другарите и блиските, туку преку ФБ и Инстаграм споделуваш слика од славеничката торта, а на лицето ти „сјае“ бледа насмевка. Нема забави, журки, нема кафе-барови, слаткарници каде со пријателите ќе се почестиш и забавуваш. Вирусот те демне насекаде и те предупредува преку големиот број болни, а за жал и многуте смртни случаи. Не е нормално ни да одиш на училиште со соучениците, да се образуваш во твојот втор дом, да се смееш на шегите на твојот најдобар другар или под око да ја гледаш твојата симпатија.
Не е, не е! Се чувствувам како во некој балон од кој не можам да излезам за да вдишам свеж воздух што значи живот. Изгледа како светот да застанал, како сè да стои и не се придвижува. Нашиот најголем непријател, таа црна дамка што ја покрива црвената точка е вирусот и неговата застрашувачка моќ да нè нападне, зарази, разболи… Тој, сите нè стави во карантин што трае цела година, нè натера да размислуваме поинаку, да се однесуваме повнимателно и да бараме нови надежи и перспективи.
Сè стои затоа што во прашање е нашето здравје и нашиот живот. Кој е вистинскиот излез од овој испреплетен лавиринт, полн со мали патчиња низ кои се губиме барајќи го патот кон излезот, кон светлината?
Велат дека во секое зло има и нешто добро. Можеби, доброто е она што нè движи додека сè стои. Квалитетното време поминато со нашето семејство и нашите најблиски не се споредува со ништо. Се потсетивме на сите оние заборавени игри од детството на нашите родители: табланет, Не лути се човече, домино, шах… И онлајн учењето има свои предности затоа што ги збогативме нашите технички знаења, а и се поврзавме на еден поинаков начин со нашите наставници. Колку би било убаво кога технологијата на вистински начин ќе се поврзе со непосредноста, со погледот во живо, со допирот, со насмевките, во училница? Сонувам за враќањето назад пред пандемијата, тоа ми дава надеж дека и ова ќе помине, дека ќе бидеме победници, човекот посилен од вирусот. Овие мисли секојдневно ме движат да продолжам напред, да не потклекнувам пред лошите искушенија, да се борам и надевам дека тоа утре ќе дојде брзо. Научив многу нешта од оваа година што поминува. Научив да ги ценам моите родендени поминати со најблиските, славите и имендените со роднините, забавите со другарите, прошетките до Вевчанските извори со соучениците. Научив да молчам и во молчењето да наоѓам мир и задоволство. Со книгата во рака го прошетав целиот свет, се качив на Ајфеловата кула во Париз, гордо се исправив пред Статуата на слободата, Кинескиот ѕид го прошетав од небесната шир, а со уживање јадев од вкусната баклава во Истанбул. Во спомените се вратив на многубројните прошетки со моите најблиски во Охрид, Скопје, бродев со кајче на мирното Охридско Езеро, се искачував низ планинските предели на Јабланица.
Не треба многу за среќа, малите едноставни нешта нè прават радосни и задоволни. Градината полна со мирисливи цвеќиња, моето мало влакнесто милениче кое ми се вртка низ нозете и сака да се гали, кренатата рака на мојата другарка која поминува по улицата…
Надежта е таа што нè движи напред и која не запира во ничие срце. Надежта дека оваа состојба ќе заврши и ќе дојдат подобри времиња, а секоја добра вест е мелем за потхранување на оптимизмот во нашите глави. А она што навистина нè одржува и храни цело време е и љубовта која ја добиваме и даруваме во големи количини. Љубовта од нашето семејство додека стравувавме за животот на некој близок или познат. Љубовта од нашите другари и пријатели пренесена преку социјалните мрежи, преку далечина, а толку силна и реална. Јас верувам, се надевам и љубам… знам дека животната временска машина за нас има уште поубави, порадосни и посреќни денови. Животот нè учи дека среќата е во малите нешта. Да се радуваме на секој нов ден, да живееме дишејќи со полни гради, бидејќи секојдневните работи нè движат напред и кога сè стои.