[Литература] Митревски Дамјан – I година
,,Што ме движи кога сѐ стои”
Животот e маратон-долга патека по којa трчаме и ја тестираме својата издржливост, постојаност на карактерот, нашата самодоверба. Таа патека е сонуван сон, со многу препреки и секогаш бара од нас да вложиме максимален труд за да ја истрчаме добро и да постигнеме онаков успех каков што сакаме.Тој маратон може да биде пократок или подолг, но секогаш ние треба да го трчаме со поголема брзина колку што можеме, бидејќи на крајот остануваат само најсилните и најиздржливите. Односно, како што на сите нам ни е позната теоријата на Дарвин-во таа природна селекција неминовно и во привидниот пораз треба да согледаме зрак светлина, но и во привидната победа треба да разбереме дека најтешко е одржувањето на врвот.
Во нашите животи повеќе пати сме се наоѓале во ситуација кога сме биле среќни и весели меѓутоа сме се наоѓале и во ситуација од која ни се чинело дека нема излез, односно дека вечно ќе останеме во тој навидум нерешлив проблем. И токму во тој момент кога работите стојат закочени во место кај нас се појавува решение за кое претходно не сме знаеле дека го имаме. Но сепак, за да дојдеме до тоа решение треба многу труд да се вложи за да се открие. Тоа што ќе нѐ придвижи кога сѐ стои и ќе нѐ мотивира кога сите се разочарани, депримирани, јас би го дефинирал како една многу интересна појава која се јавува кај нас луѓето. Всушност, секогаш во нашата душа постои една искра која тлее и не дозволува огнот во нас да се изгасне, па дури и кога ние мислеме дека за тоа дошло време. Таа искра е секогаш присутна како што е и во огнот кога гори, па дури и кога ќе згасне потребно е само да се стави малку дрва за повторно да се запали. Меѓутоа ние не сме свесни за тоа што го имаме во нас и за тоа колку сме спремни да направиме, а тоа секогаш се открива кога се наоѓаме во тешка ситуација и кога често пати велиме дека силата ни е дотука, но секогаш правиме повеќе и согледуваме дека всушност можеме многу повеќе. Но, за жал, човекот само во такви ситуации, односно во ,,лошо” време ја согледува својата вистинска сила која ја поседува, но не ја знае. Но и тоа е добро заради тоа што тогаш му е и најпотребна и без неа не би можел да го направи посакуваното дело.
Токму јас како човек којшто се занимава со спорт, а тоа е ракометот, многу добро го знам тоа нешто бидејќи тоа што сум го почувствувал на своја кожа. Тоа се случи кога нашата екипа загуби еден важен натпревар после кој јас бев многу разочаран, па може да се рече дека и немав волја за ништо во тој момент. Бидејќи постојано се прашував дали јас сум доволно добар и дали добро сум одговорил на задачата која била пред мене зададена. Имаше и многу разговори со моите родители кои ме уверуваа дека тоа е само лош ден и дека ќе биде подобро следниот натпревар. Но јас едноставно како да не можев тоа да го сфатам, па постојано ми доаѓаа истите прашања на памет. И токму за мене во тие моменти како да застана сѐ и ништо да не се случуваше околу мене. Но токму како што кажав и погоре во најтешкиот момент кога мислиш дека нема решение ,токму тогаш таа искра која кај мене тлеела цело време го запали огнот и ја разбуди свеста која ми беше толку многу потребна за да може да ги согледам работите од вистинска гледна точка. Кога му кажуваме ова нешто на некои други луѓе често пати не веруваат во тоа и тоа го прифаќаат со не така уверлив одговор, но потоа кога ќе почувствуваат се уверуваат во тоа што им го кажувале.
Исто така тука можеме да ја споменеме и денешната ситуација во која се наоѓаме во врска со корона вирусот. Минатата година кога темпото на животот се сведе на минимум, односно на извршување на елементарни операции, како што е набавка на храна, лекови, светот се затвори, се самоизолира, стана театарска претстава под маски- а маската ја прифативме како облик не само на размислување туку и на комуникација. Сите луѓе беа во своите домови и се прашуваа кога сѐ ова ќе заврши, но исто така тие ја губеа својата верба и своите секојдневни навики. Но нешто како постојано да ги придвижуваше да ја задржуваат нивната верба за подобро утре и подобри времиња. Бидејќи без тоа коешто погоре го споменав сѐ ќе се уништеше и сите ќе западневме во големи неволји од кои тешко ќе можевме да излеземе во блиска иднина. Секако таа верба ни е потребна сѐ уште затоа што се наоѓаме во таква ситуација од која се надевам дека ќе излеземе во блиска иднина. Таа искра исто така ни е потребна и во секојдневните животни активности како што е читањето, спортувањето, враќањето кон природата. Нарушената рамнотежа во природата како бумеранг ни се враќа во реалноста. Тоа е нов предизвик за нас, со поинакви очи да ја гледаме секоја промена околу нас, да покажеме почитување кон самиот живот. Или како што Волтер забележал во делото „Кандид“, работата е таа што ќе нѐ спаси од трите зла на денешницата-од мрзеливоста, здодевноста, незаинтересираноста.
Таа слободната волја го придвижува човекот-таа слободната волја е единствениот човеков светоглед за прогрес, за напредок во иднината. Само големите умови како Њутн, Галилео Галилеј, Коперник, покажале дека во миг е нашата жртва, но иднината е нашата радост- секоја цел бара одрекувања, но секое одрекување е цел сама за себе. Затоа што кога некој кажува дека нема страв тоа не е вистина заради тоа што страв немаат само тие коишто се најисплашени и тоа не сакаат да си го признаат. Но сепак ова треба да се земе со одредена мерка на претпазливост затоа што секојдневно гледаме како науката и технологијата напредуваат, па можеби еден ден ќе бидат способни и да ги откриваат нашите мисли и чувства. И во таа насока не смееме да заборавиме дека во таа трка со технологијата, технологијата може да го контролира човекот. Па затоа човекот треба постоајано да погледнува во својата душа, да не се плаши од богатството на емоции, да се надградува себе си, да биде алтриуст- само така светот ќе го доближи до себе си. Тоа тркало наречено живот постојано е во движење, трката за нас само што почнала ние сме на стартот на животниот маратон.
Од погоре напишаното можеме да заклучиме дека човекот е суштество кое поседува многу повеќе моќ и сила отколку тој самиот мисли и дека секогаш се гледа светло на крајот од тунелот кој нас ни изгледа многу долг. Па затоа и никогаш нетреба да ја губиме нашата верба во нештата кои ги правиме, но најважно е тие нешта да се прават со љубов и страст затоа што нештата кои се прават со сила и со инает можеби одредено време ке даваат резултати но еден ден ке се срушат како кула од карти и ние нема да сакаме да се сеќаваме на нив и ке биди како никогаш ништо да не постоело.