[Литература] Матеја Вуковојац – II година

Што ме движи кога се стои?

 

Животот е како песочен часовник, тече сѐ додека не застане песокта. Ако песокот не нѐ движи, тогаш што ќе нѐ… Што ќе нѐ прави нетрпеливи за мемориите допрва што нè чекаат да ги откриеме? Што ќе нѐ мотивира за да продолжиме понатаму? Дали тоа ќе бидат другарите, фамилијата, интернетот, природата или пак среќата и љубовта? Што мене ме движи додека песокот не тече? Јас не можам да избројам колку работи ме туркаат понатаму, но во оваа прилика ќе можам да издвојам барем неколку.

Што ли ме движи кога се’ стои? Прво нешто што веднаш ми паѓа на памет е мојата фамилија, љубовта која тие ми ја пружаат, секојдневните насмевки, неизмерната поддршка. Да се има некој кој ќе биде секогаш покрај тебе, кој бескрајно ќе те сака, цени и води низ бурните лавиринти низ животот – е тоа е навистина нешто што ме движи. Да се има една половина до себе, родена најдобра другарка значи многу, а да се има и во сето тоа и некој што те движи, тоа е дури подобро и од добивка на лотарија. Не можам да ги заборавам и моите родители кои секој ден даруваат парче од нив за да се изградам себеси. Ништо не може да се замени со тоа. Не можам да ги заборавам и луѓето околу мене, и случајните минувачи и моите другарки и моите соученици и секој човек во околината. Никогаш не знаеме со кого ќе се судриме, на кој ќе налетаме или кој ќе ни го смени животот. Секој изминат момент сме за 1 секунда поблиску до запознавањето некој кој ќе нè заврти за сто и осумдесет степени и можеби тој некој ќе стане токму тоа што ме движи. Тоа сме го искусиле и во оној прв момент во болницата, запознавајќи се со нашите родители, а еве денес ги спомнувам во овој скромен есеј. Затоа и секоја душа, секој човек ме движи на овој свет. Токму затоа што не знам што тој крие што би можело мене да ме тангира. Дали ќе бидеме само една разминувачка променлива или пак ќе бидеме две паралелни линии кои нема да имаме ништо заедничко? А можеби тоа ќе излезе нешто ептен добро. Баш тоа ме движи понатаму – таа мистерија.

Второто нешто кое ме движи низ оваа моја авантура се токму нотите. Тоа е тој момент на допирот на жиците од гитарата кое во мене всадува едно неописливо чувство, момент на возбуда, на внатрешно возвишение. Уште како мала кога го имав првиот контакт, заклучив дека музиката ќе биде еден неизбежен сопатник. Доколку гитарата е палетата, нотите се еден неизбежен колорит кои ги обојува тмурните и некогаш досадни денови, а особено деновите поминати за време на оваа неочекувана пандемија. Можеби тука станува збор за 6 паралелни жици кои немаат никаква допирна точка меѓу себе, но пак сите тие се движат заеднички нанапред, функционираат како целина, создаваат неверојатна мелодија. Јас сум само обичен посредник кој успева да ги поврзе, да им ги испреплете за миг живтотите создавајќи некаква смисла за мојот. Можеби звучи апсурдно, но само оној кој го почуствувал ова ќе знае за што зборувам.

Наредното нешто кое ме движи, а кое е поврзано со еден дел од мојот карактер произлегува од натпреварувањата, желбата за адреналин, копнежот за еден пријателски натпревар, да учам од подобриот, да се надоградам. Сметам дека добрата конкуренција може да донесе многу бенефиции, да ни претставува една отскочна даска која ќе не испрати далеку во животот. Секако, со секој натпревар, доаѓа и можноста за успех. Успехот е третото нешто кое го насочува мојот живот. Иако се’ уште откривам што значи истиот, и како тој ќе може да ми помогне понатаму, во оваа сфера од мојот живот моја единствена цел треба да ми биде да се стремам кон тоа. Се сеќавам како да беше вчера која ја добив првата петка на рачето во градинка и колку тоа ми значеше, иако беше најбаналното нешто. Не за да се докажам, туку дека јас можам, јас знам, јас имам кон што да целам, јас сум успешна. Па, дојде и денес, кога петките на раче се заменети со успех во училиште, успех во спортот, успеси на различни полиња.

Но, најважното нешто кое дефинитивно најмногу ме тегне и влече низ живтото сум Јас – самата Јас. Нема ништо посилно од силната желба и сопствениот ентузијазам за промена, растење и оставање некаков белег на овој свет. Можеби оставањето на некаква стапка и е преголем залак за џвакање, но можам да започнам и од најмалите нешта. Од првиот утрински аларм кога најмногу ми се спие, а сепак станувам за да вложам во себе, па се’ до најмалата настинка кога самиот организам се изборува и ми дава уште плус еден ден од ова мое патешествие. Всушност и тоа е животот. Борба, континуирана борба за нешто повеќе. Движејќи се самата, ги движам и луѓето околу себе. Со помош на моите прсти ги свирам нотите на гитарата и со тоа таа ме движи понатаму, со помош на мојата љубов го прегрнувам моето семејство, кое пак мене ме движи уште подалеку. Се’ почнува длабоко од мене. Тоа започнува уште од првиот мој плач во далечното зимско пладне, па се до некое си далечно идно време на последната воздишка. Често во оваа трка без победник се забораваме себеси, гледаме да не ги прекршиме правилата на игра, прекршувајќи си ги сопствените животни цели. Ама сепак ние сме борците. Ние сме тие што туркаме нанапред, ние сме тие кои не се откажуваме, кои знаеме дека можеме повеќе. Јас сум Матеја и јас знам дека јас ги држам конците на животот, знам дека јас не сум само обичен пион во шаховската игра, и дека мојот елан може да ме однесе кон ѕвездите.

Нема реченица која би можела правилно да го заврши овој есеј, без разлика колку и да размислувам. Но, веднаш ми текна на еден цитат кој одамна ми има оставено впечаток: Да се биде или не? Тоа е прашањето. Да се живее или да не се живее, што е животот, што ме движи понатаму? Дали да ја оставам играта во рацете на судбината или јас да бидам главниот кројач? Е тоа е прашањето.

 

 

+88