[Литература] Мила Алексовска – II година

Што ме движи кога сѐ стои?

 

Какво е чувството да се стои на едно место сиот свој живот? Какво е чувството да се нема право на слобода и еднаквост? Какво е чувството кога немаш право да сонуваш? Какво е чувството на заробениот и осамениот човек во сопственото тело и дом? Мислам дека тоа е исто како на птицата да и се скршат крилјата, како цветот да го лишиме од водата, како на детето да му го одземе правото на сонување и тоа е како кога човекот не сака да излезе од сенката на животот плашејќи се од сето она што го носи светлината. Се тресам од самата помисла на такво студено чувство, кое за жал се наметнува на многу луѓе во светот. Чувствувам грчеви во стомакот на помислата дека сега во овој момент некое битие на моја возраст не може да ги вкуси сите убавини на овој нектар наречен живот. Чувствувам длабока болка во себе кога мојата глава ја навеат мисли за луѓето кои заспиваат не знајќи дали ќе се разбудат живи на бојното поле, кое всушност е нивниот дом, за сите девојчиња кои немаат право на слобода и избор, за сите нив кои се како птици во кавез на некој кој не го сакаат, за сите оние кои немаат право на глас во својата татковина и за сите оние на кои им е нанесен било каков облик на неправда. Таа остра болка во моето сеуште мало срце, тие извици за помош во моите мисли и желбата еден ден да помогнам овој свет да стане послободно место за живеење, ме повикаа да го напишам ова.

За жал можам да кажам дека навистина живееме на едно бурно море, одиме на патувања кои не знаеме каде не носат, се соочуваме со разни природни незгоди за кои не знаеме дали ќе завршат, губиме луѓе кои ни биле водичи на поголемиот дел од нашето патување. Тогаш учиме како да се издигнеме од урнатините на кормилото на бродот и како самите ние да управуваме со истиот, но сепак продолжуваме да дишиме, продолжуваме со неговото управување, а ако и тој се скрши од силата на брановите тогаш само пливаме и пливаме, но никогаш не се откажуваме. Бидејќи овие патувања претставуваат искушенија кои ни се дадени со некоја цел, многу луѓе на истите се губат себеси, го губат својот пат и стануваат токму оние од кои највеќе се плашеле, стануваат бранови. Така се создадени сите луѓе кои немаат да подарат ништо освен неправда, болка, дискриминација… Такви се татковците кои ги мажат своите ќерки кои сеуште не усепале да ги рашират своите крилјата за лет, за жал тие слободата на тој лет никогаш не ја вкусуваат. Такви се мажите кои мислат дека жената е робот за исполнување на желби, а не битие исполнето со големи надежи за остварување на чисти наивни соништа. Оние кои ги привилегираат сите студенти, ученици, вработени врз основа на тоа од кое семејство потекнуваат, каква им е материјалната состојба, бојата на кожата, и тие се такви. Да ги спомнам и сите оние на кои им е мирна душата кога ќе поминат покрај една мајка со бебе на улица, покрај едно дете кое нема привилегии како другите, покрај еден човек што нема услови да го приушти она најосновното… Сите тие се исти, такви какви не би поскала ниедно битие на овој свет да запознае. Длабоко во себе верувам дека тие некогаш биле само изубени души во разбрането море, оние кои не успале да го пронајдат вистинскиот пат… Чувствувам дека длабоко во најмрачните делови на нивните срца се крие само едно дете кое се плаши од светлината. Верувам дека секој може да го пронајде детето во себе, дедето кое го знае патот до вистинските вредности во животот. Кога не би постоеле луѓе кои заборавиле да пливаат на вистинската страна на морето, ДА светот би бил подобро место. Сепак сметам дека тоа е нивната казна бидејќи се откажале, бидејќи не ја барал правдата не продолжиле да пливаат. Сите ние знаеме дека ако не се откажале ќе стигнале на место каде завршуваат сите борци во животот, на копното, во мирот и спокојот. Но да не постоеле тие, тогаш не би постоеле и оние кои се бореле да го пронајдат тоа копно и сончеви зраци кои ќе ги милуваат вечно. Тоа се луѓе кои успеале да се изборат со сопствените демони, оние кои останале на цврсти нозе со надеж за подобро утре. Луѓе кои го препливале морето, оние кои се спротиставиле на силните бранови кои толку многу сакале да го срушат сето она добро градено со години, луѓе кои сите бури ги чекале со насмевки… Така биле создадени сите кои не можат да подарат ништо друго освен емпатија, совест, правда, почит, мир… Такви се искрените детски срца кога го делат јадењето со соученикот кој нема. Такви се родителите кои ги учат своите деца како да полетат кон слободата. Такви се сите оние кои не премолчуваат на дискриминација, затоа што без разлика на сѐ сите ние сме исти и заслужуваме еднаквост. Секој има право на слобода, на можност да го надоградува знањето, на работна позиција, на право на глас и никој на овој свет не смее да ни го одземе тоа. Такви се луѓето кои имаат емпатија и разбирање за оние кои се изгубиле себеси. Оние кои имаат толеранција за грешките кои можат да се случат на секој, тие се такви. Такви битија какви би посакала секој да има во својот живот. Последните година дена сите ние се наоѓаме во една ситуација, дојдени до една крајна точка кога се прашуваме „Што ме движи кога сѐ стои?“. Овој пат брановите во морето беа премногу силни… Оваа бура со себе зема премногу невини жртви, оние кои беа нашите водичи, нашата потпора и засолниште… Овој пат за жал навистина е тешко да го пронајдеме копното, а во исто време да се избориме со непријателот. Брановите дојдоа сосема неочекувано, тогаш кога најмалку ни требаа. Ни ги одземаа миговите на училште исполнети со смеа, ни го одземаа правото да другаруваме, ни го одземаа правото да го запознаеме светот и најболното што направија е што ни ги одземаа најмилите. Срцето ме боли затоа што знам дека многу битија не ја издржаа оваа битка и знам дека сеуште ќе ги има. Мојата душа лее солзи за сите оние што не ја издржаа болката по најмилите и се откажаа од оваа сурова борба, од оваа сурово секојдневие. Сепак токму поради ова сметам дека не треба да се предадеме, не треба да се откажеме, само треба да продолжиме да пливаме. Да се бориме за сите оние кои неправедно загинаа во оваа борба, за сите оние на кои им е одземено правото да си ја запознаат мајката, на сите на кои им е одземено правото на среќни мигови со семејството, на сите нив им го должиме тоа. Знам дека е неправедно тоа што заминаа на таков начин и знам колкава е болката за некој кој бил единствениот зрак светлина во темнината, но верувам дека сите тие се сега на некое подобро место на кое навиваат да продолжиме. Ве молам да не дозволите да го изгубите детето во себе, онаа дете коешто секогаш се бори за своите соништа. Доаѓа нешто многу подобро, доаѓа сонцето, доаѓа смејата, доаѓа топлината во душата, треба само уште малку да се бориме, а потоа да и дозволиме да се насели во нашите срца во чест на сите кои ги нема. Сакам да кажам дека понекогаш брановите се многу посилни од нас, но ако го загубиме водичот не треба да се откажеме од сопствениот брод, а ако го изгубиме и него не треба да се откажеме од копното.

Полека сакам да одговорам на прашањето што тоа мене ме движи кога сѐ стои. Искрено, за одговорот на оваа прашање морав да навлезам длабоко во мојата душа и да се соочам со работи од кои долго време бегав. Мене отсекогаш ме движел стравот, стравот од тоа да нема утре. Еднаш одамна загубив многу важни личности исчекувајќи го утре. Еднаш одамна премолчував на неправдата со мисла дека ќе ја спречам утре. Еднаш одамна гледав тортура за која мислев дека ќе престане утре. Еднаш одамна немав сила да помогнам на никој затоа што мислев дека утре ќе ја имам. И дојде тоа утре кога сето тоа го изгубив и вејќе го немаше. Затоа од тогаш во мојот живот живеам само за денес. Живеам за насмевката на дедо ми пред да го удрат брановите, живеам да ја видам денес. Живеам за сите на кои можам да им помогнам на било кој начин. Живеам за да ја спречам неправдата и насилсвото колку што можам. Живеам за да се смеам, живеам за да го паметам овој свет како подобро место. Живеам за еден ден да можат да живеат нашите деца, тоа е она што ме движи мене. Стравот дека овој свет ќе остане мрачно место е тоа што ме движи. Се борам со секоја своја воздишка за ова да стане место исполнето со мир, спокој, емпатија, правда и љубов. Се борам, пливам, се движам за сите оние кои не успеаа, за подобро утре и подобар свет. Верувам дека ќе успеам, верувам дека ќе успееш ти, верувам дека ќе успееме ние, само треба да продолжиме да се движите иако околу нас сѐ стои.

 

+165