[Литература] Дона Шалевска – IV година
Што ме движи кога сè стои?
Живееме во време во кое не знаеме што нѐ чека вечерва, утре. Пандемијата го постави знакот стоп пред сите активности кои ги извршувавме пред само една година. Собирањето во друштво, гушкањето, дури и пиењето кафе станаа активности кои ги избегнуваме, активности кои и ако случајно се осмелиме да ги направиме, ни застануваат како кнедла во грлото и ни отвораат прашања што ни растрчуваат низ главата. Стравот, дали погрешивме што го испивме кафето и дали утре ќе заразиме некого, долго во ноќта ни ја измачува душата.
Расправиите за реалното постоење на вирусот, за ефективноста на вакцините и кога ќе ги добиеме, кризата, луѓето кои се на болница и страдаат, луѓето кои ги изгубивме… сето тоа како обрач ни ја стега душата и како ментален оков ни ги растргнува мислите кои се борат во нас. Губиме и победуваме борејќи се со себе. И не знаеме кој е вистинскиот победник.
Сè застана, закочи… Животот каков што го знаевме ни се лизна од рацете, побегана од нас. Бегаат и спомените од едно веќе минато време. Се заматуваат менталните слики на преполните училишни дворови, на нетрпеливоста со која се чекаше крајот на училишниот ден. Расправиите за неважни, тривијални проблеми се закопани длабоко во свеста, заборавени во некое ќоше на умот. Денес смешно изгледаат утринските нервози поврзани со облекувањето, средувањето на косата, брзањето да се стигне пред време за да се повтори лекцијата со најдобрата другарка.
Првиот пат кога се воведе полицискиот час и нѐ ослободија од училиште, при крајот на трета година, се чувствуваше еуфорија слична на онаа на крајот на школската година. Се радувавме што нѐ ослободија порано. Замислувавме дека ќе можеме да шетаме, да се дружиме… Смешно е колку тоа кратко траеше. Еуфоријата се претвори во страв, во задушување кое секојдневно ни ги притиска градите. Дишењето ни стана плитко и површно. Исто како и живеењето. Ги ставивме маските на себе, застанавме на дистанца еден од друг. Заборавивме како е да се прегрнат најблиските. Ставивме забрана на сопствените животи. Себе се осудивме на самотија. Заборавивме да се будиме со насмевка. Целосно го подјармивме, покоривме секојдневието.
Почнавме да се прашуваме дали остана нешто што може да нѐ раздвижи. Се испитувавме себеси што е тоа што ни дава сила наутро да станеме од кревет. Баравме енергија, моќ да победиме сѐ. Почнавме да се свртуваме кон малите, ситни нешта што до вчера не ги ни приметувавме. Сфативме дека среќата, задоволството, отсекогаш биле во ситниците. Во местењето сложувалки, во гледањето на веќе виден филм и повторувањето на репликите што сме ги научиле напамет, пеењето песни. Во заедништвото, но и во индивидуалното.
Индивидуалното за мене е убавината на душата која се раѓа со свирењето гитара, нурнувањето во светот на убавата музика, испробување нови песни, нови тренинзи, пронаоѓањето љубов кон пишувањето. Ме движи и придвижува моќта да еволуирам, да растам и да се развивам во сестрана личност, со широко поле на интерес. Љубопитноста е незапирлива сила, со која, и покрај тоа што сѐ застана и сѐ е искомплицирано, јас сѐ уште можам да патувам. Патувам со мислите, се насмевнувам на убавите слики, откривам нови светови. Па дури и да создавам мои, скриени, имагинарни простори.
Неоспорлив факт е дека промената е неизбежна, промената е единственото нешто кое е константно. Љубовта кон оние ситници кои нѐ прават она што сме, прифаќањето себеси во целост, со сите маани и вредности, трудот да се направи светот подобро место, е константното што се менува, гради и надоградува. Суштината на едно постоење е во убавото. Во убавата душа, во убавата насмевка, во радувањето на туѓата среќа, во милувањето на непознатото и прифаќањето на истото. Без страв и задни мисли.
Суштината на човекољубието се крие во односите кои ги негуваме, со себе и со другите луѓе. Насмевката што ја создаваме, мирот кој го шириме. Кога се опкружуваме со добрина, шириме добрина. Добрината се населува во нашата душа, во нашето срце. Емпатијата и чувствителноста, вниманието – тоа нѐ прави луѓе. Не смееме да заборавиме да подадеме рака, да поклониме насмевка, да помогнеме кога треба, да избереме добрината да нѐ води кон промените.
Лесно е да се биде човек во време кога сѐ е во ред. Човекот и неговата човечност се гледаат во вакво – време-невреме, каде, сакале или не, оставено ни е нам и на нашата самосвест да се заштитиме себеси, семејството, пријателите, како и сите други луѓе со кои се разминуваме на улица. Грижата, внимателноста и љубовта кон себе, другите, и планетата, која сѐ повеќе и повеќе ја уништуваме, се витални за да можеме да се вратиме на еден нормален живот, со нормална слобода и нормални, секојдневни случувања што го прават денот посебен.
Ги сакам луѓето, се сакам себеси, ја сакам и природата. Тоа е она што ме тера секој ден, и покрај загушувачката ситуација, да станам од кревет. Надежта дека утре ќе биде подобро од вчера раѓа чувство на лично достоинство, кое ми помага да ги бијам секојдневните битки. Со себе и со општеството. Битки кои ми помагаат да дишам со полни гради, кои ме потсетуваат дека сум жива, дека умеам и можам. Кои ме поттикнуваат да градам подобро утре. За себе, за семејството, за соседите, за другарите, за мојата музика, за сите нас.