[Литература] Ева Стојанова – III година

„Што ме движи кога сè стои?“

 

Животот е нешто непредвидливо, животот е сликовница во која има и темни и светли бои, тркало кое постојано врти и не става во секакви положби… Ова се само дел од приказите за животот кои сите ние ги знаеме уште од најмала возраст. Безбројните дефиниции за тоа како да се биде среќен, задоволен и исполнет – постоеле и секогаш ќе постојат. Позитивните мисли, афирмации и цитати се секогаш тука за да влеат спокој во сите нас. Па така, добро познато ни е дека после секој дожд – изгрева сонце, дека после секоја зима – следува пролет, дека најголемата темнина може да биде осветлена со добра светилка.

Но што ако целта на животот не е да се чека да престане дождот за да изгрее сонцето, туку да се почувствува самото постоење на сонцето и во најголемото невреме? Што ако среќен човек е само оној кој ќе знае да и се радува и на зимата и на пролетта? А можеби и животот сака сите нас да не научи дека задачата не ни е да пронајдеме светилка која ќе ни го осветли патот, туку да создадеме светлина во самите нас која ќе ни го осветли духот.

Безброј животни прашања со безброј лични одговори…

Така е бидејки сите ние испишуваме различна приказна, приказна во која главниот лик е самата личност која ја пишува приказната, а се останато претставува куп на околности кои го прават писателот автентичен и му даваат слобода да ја создаде својата животна приказна токму така како што тој лично посакува. И токму тие околности, токму тоа опкружување е она што побудува емоции кај писателот на личната животна приказна.

Затоа, ние луѓето како сопствени животописци се соочуваме со тон емпатии, предизвикани од истите околности кои постојат за сите. Сето она што не опкружува кај нас може да побуди среќа, љубов, исполнетост, тага, разочараност, лутина, бес… и што ли уште не. За момент сите ние можеме да почувствуваме дека се наоѓаме во еден безизлезен лавиринт каде се гушиме од секојдневието, каде сè околу нас стои, како да е изгубена вредноста на она што ние го нарекуваме „живот“. Но, и тогаш кога сè стои, за да бидеме задоволни од самите себе ние треба да создадеме тенденција која ќе настојува да не движи. За воља на вистината, сите ние како индивидуи не сме водени од работите кои не опкружуваат, туку од сопствените мисли и ставови. И јас и вие, или едноставно кажано сите, ги доживуваме нештата такви какви што нашиот мозок ќе ги перцепцира. Зарем за ова не е достоен фактот дека и најдлабокиот океан не може да го потоне бродот, се додека бродот не дозволи водата од океанот да навлезе во него? Така е и со нашето опкружување и општеството во кое живееме. Се што стои, не напредува или влече наназад, не може да влијае на нашата лична перцепција за доблеста на животот се додека ние не го дозволиме тоа. Раководењето на сопствните мисли и ставови во живтот е многу моќна работа. Претставува способност да се занемарат сите оние околности кои би можеле негативо да влијаат на градењето здрава и задоволна личност и токму таквата личност да може секојдневно да се надоградува и да работи на доброто за себе и луѓето околу неа.

Живееме во време во кое никој од нас не може да биде сигурен што носи утрешниот ден. За жал, сведоци сме на животи кои згаснуваат за секунда, фатални последици од невнимание, човечка непочит и користољубивост. Денес, да се биде филантроп, човекољубец и добротвор е навистина тешка задача. Но, истовремено е и нештото кое води напред, нештото кое во душата влева доза на амбиција и желба за едно општество каде што човештвото преовладува.

За секуна да ја оставиме моменталната состојба на општеството настрана, и да се препуштиме на слободното размислување па да помислиме која е доблеста да се создаде и започне еден нов живот. Појавата на едно ново човечко битие значи вметнување на истото во еден нов и сосема непознат свет, без разлика дали здрав или оштетен свет. И што се случува со тоа ново суштество кому се околу него е само нов предизвик за соочување со некоја лекција? Малото бебе учи како да се адаптира во новата средина, иако не знае ништо и се наоѓа на дното од животната пирамида, ден по ден, скала по скала, расте и почнува да се вклопува во работите што го опкружуваат. Пробува да се движи, паѓа еднаш, станува, паѓа уште еднаш, повторно станува, и повторно и повторно… За момент, почнува самостојно да оди. Тоа е така бидејќи својствено за човечкото суштество е да не се откажува, без разлика на возраста, без разлика на ситуацијата. Тогаш, колкава би била иронијата доколку тоа бебе кое успеало да се соочи со предизвикот, порасне во една зрела личност која нема да се соочи со предизвик кој и е наметнат од општеството во кое живее? Доколку секое ново човечко битие кое е во најраната фаза на живот е спремно да ги совлада сите непознати работи и да им се спротистави на сите пречки, зарем не е логично и ние останатите да имаме верба дека можеме да препловиме низ сето она кое животот ни го нуди?

Да се биде дел од едно општество, да се живее во некоја средина, не значи луѓето да немаат проблеми. Напротив, хармонична атмосфера создаваат луѓето кои умешно се справуваат со своите проблеми.

Многу пати сум размислувала колку мојата одлука за некоја постапка влијае врз она што навистина сум јас. Тогаш кога сум почувствувала дека работите не се под контрола или дека не одат во правецот кон кој јас сакам, сум се трудела да најдам одговори на многу прашања кои би можеле да ми помогнат во искачувањето на животната пирамида. Започнав секојдневно да се прашувам дали доколку работите околу мене не се во ред, можам да направам нешто кое би влијаело за подобрување на сопствената положба во општеството, моето ментално и физичко здравје како и животот на луѓето околу мене – започнувајќи од моите најсакани. Одговорот кој сама го оформив, секојдневно ме придвижува напред и во мене влева толкава доза на амбиција, што веќе сум сигурна дека најубавото нешто на овој свет е чувството да се напредува, движењето по изненадувачката животна патека дури и тогаш кога сè на патеката стагнира. Сфатив дека големината на критичкото размислување не се крие во анализирање на она што навистина се случува, туку во начинот на кој што настаните се доживуваат. Земајќи ги овие перцепции во предвид, на прашањето „Кога луѓето се спремни да напредуваат, да се емоционално стабилни и да градат едно исполнително општество?“ сметам дека тоа е моментот кога луѓето настојуваат да уживаат во придобивките од животот наместо да останат зад препреките кои се наоѓаат на сечиј пат. Доволно е само да се помисли што нуди животот за помислата да долови насмевка на сечие лице и чувство на спокој. Убавите моменти со семејството, смеите со пријателите, задоволството при постигнување успех, амбицијатата при цврсто чекорење – се само дел од работите за кои треба да бидеме доволно разумни и да одбереме да ги уживаме истите на правилен начин. Фактот дека човекот подобро знае што треба да прави кога истовремено знае што не треба да направи, за мене претставува основата на мојот личен избор да ниту една препрека која ми е наметната или положба која не ми се допаѓа, дозволам да ме совлада мене и моите желби и посакувања. Донесувањето на вистинска одлука за мене претставува клучот на сопствените среќа, исполнетост и напредок. Предводници на вистинската одлука се квалитетните и критички размислувања и ставови кои произлегуваат од реалното согледување на нештата и непотклекнувањето на негативните околности во опкружувањето. Својствено на околностите е тие да се менуваат, па така околностите можат да не унапредат, можат да бидат причина за наша стагнација, или во најлош случај – да не уназадат. Но, позитивното во оваа сурова вистина е тоа што пак за нас луѓето е својствено да настојуваме од секоја ситуација да го извлечеме најдоброто нешто и од нас да изградиме суштества кои занемарувајќи ги негативните работи ќе се фокусираат и насочат кон она што вреди во живтот. Верувам дека сопствената мисла има моќ да не натера да го правиме она што мислиме дека е правилно, а сопствената амбиција е водилката која не води и тогаш кога сплетот на околности не е на наша страна. Кога сите овие размислувања ги имплементирав во моето секојдневие, сфатив дека позитивната енергија е клучот на среќниот живот. Забележав како и најнезначајните работи во мене будат елан за успех и амбициозност. Или сепак работите кои мислиме дека се незначајни се додека не им ја разбереме вистинската вредност.

Нашите постапки не се само постапки, тие говорат многу за нас бидејќи не дефинираат нас како личности. Истото е и со желбите, амбициите и соништата. Тие се она што треба да не води низ животот и она што треба да ни претставува мисла-водилка дури и кога нашите мисли се на работ на губење на смислата. Човекот е создаден за да може да ги искачи и највисоките планини без разлика колку пати паднал, да ги преплива и најбурните бранови иако мнгупати имале тенденција да го онеспособат, човекот е наменет за да постигне успех и да се гордее на својот успех, да ја издржи болката која доаѓа од сите страни и да ужива во светлината која ја носи сам во себе. Животот е мистерија која постои за секој индивидуално да ја истражува а со тоа и сите заедно да ги уживаме придобивките од таа непредвидлива истражувачка задача. Имплементацијата на сопствениот напредок во размислувањата и ставовите значи едно огромно „не“ за сите пречки кои се појавуваат на сечиј пат. За да се види светот од највисокото место и да се почувствува убавината на животот на најубав начин потребно е ние луѓето да се движиме незапирливо дури и тогаш кога сè околу нас стои. За зборовите кои секогаш ќе останат во нашите срца, за спомените кои секогаш ќе ги паметиме, за луѓето од кои никогаш нема да се откажеме – животот е еден и ние сме тие кои треба да избереме правилно да го живееме.

 

 

+16