[Литература] Бисера Батаклиева – III година

Што ме движи кога се` стои

 

НИШТО!

Лежам долго, сама во мојата растурена соба. Празна ми е главата, празни ми се мислите. Стојам замрзната во времето барајќи виновник за мојата несреќна состојба. Лута на приликите! Лута на семејството! Лута на другарите! Лута на општеството! Гледам бескрајно во една точка во ѕидот, и полека, голтка по голтка, залак по залак, како кифла со јогурт, си ја консумирам тагата.

Брат ми лупа врата. Неговите 23 години не се навикнати толку долго да не излезат од дома. Затоа лупа. Му прави ќеф на неговото НИШТО. Тато со денови има висока температура. Не го познавам ваков беспомошен. Мама е загрижена и често се издишува. Растрчува околу нас со чаеви, супи и сокови. Се теши дека прави нешто, а всушност се` што прави е – НИШТО. Часовите се претвораат во денови, а деновите немаат крај. Секој од нас под рака со своето НИШТО. Секој замрзнат во времето, сопствено и заедничко. Секој со мислата: Само да сме сите живи и здрави. Не е важно колку ќе чини. Ни трпение, ни труд, ни пари. Само да заврши. Потоа полека НИШТО станува досадно. Му поминува рокот на траење. Се изморува да биде тврдоглаво. Му попуштаат рабовите. Му се кинат конците. Се насмевнува мангупски, ми намигнува. Тогаш се проѕевам, се протегнувам, му ја бушавам косата на НИШТО и надмено со еден крај на устата му се насмевнувам. Ми се гушка мама. Ми се слуша Ella Fitzgerald. НИШТО предлага: Пушти blues. Јас за инает ja пуштам Let`s fall in love. За да играм. Влегувам во купатило и долго се туширам. Му се насмевнувам на огледалото. Не си лоша, ми одговара. Ѝ се јавувам на Јована, вели и кај неа сите се болни од Ковид. Нема излегување. Велам, батали Ковид, батали го НИШТО. Ми вели, Светов стана срање! Се смееме хистерично. Без причини. За инает на НИШТО. И го смалуваме. Го презираме.

Животот ли е, опстанокот ли е, времето ли е, априлското сонце ли е, радоста ли е, сите заедно ли се, како војска го напаѓаат и го смалуваат и НИШТО е немоќно. Можам да го згазам како бубачка. Со насмевка.

Ќе биде добро.

Ќе биде во ред.

Веќе е во ред.

+93