[Литература] Бисера Јаневска – III година

Што ме движи кога се стои?

 

Живееме во време кое е тешко за сите. Одеднаш светот запре, нема повеќе патувања, концерти, гужви, кафулиња, дружења. Сосема се оддалечивме од социјалниот момент. Најмалите работи кои ни го составуваа секојдневието станаа една несфатлива илузија. Ја изгубивме реалноста и за жал ни остана само виртуелно да се потсетуваме на изгубените спомени. Се наоѓаме во една безизлезна состојба во која секој мора да најде мотивација која ќе го движи низ овој период. Оваа пауза во нашите животи е само лекција со наслов ,,живеј во моментот”.

Живеевме еден брз живот во кој сѐ ни беше малку. Неблагодарно и алчно трчавме по подобра работа и ред други материјални работи кои никогаш нема да бидат доволни. Но што се случи сега? Станавме свесни дека среќата е во луѓето кои се со нас. Ја цениме секоја споделена воздишка. Свесни сме дека можеби некој во тој момент ги испраќа своите најмили, поразени од битката со болеста. Најважно нешто за мене во овие денови е здравјето на моите најблиски. Секој нов ден е благослов, и треба да се заблагодариме за можноста која за жал стана луксуз. Можеби сме и посреќни отколку што мислиме, патот многу пати е всушност целта. Затоа треба свесно да уживаме чекорејќи по него. Имајќи го ова на ум треба да се грижиме и за нашето психичко здравје.

Позитивната мисла е она што ќе го осветли нашето секојдневие. Сите теми на разговор се вртат околу вирусот кој предизвика пауза во нашите животи. Треба колку можеме да ги избегнеме овие гласини, но сепак да останеме одговорни, бидејќи само така можеме да ја надвладееме денешницава. Позитивно да се размислува, не е толку лесно, бидејќи реалноста не ни е во прилог, но сами треба колку можеме да се заштитиме од проблемите кои ни го замаглуваат расположението. Работата на себе е одличен начин за внесување на позитива во секојдневието.

Сега имаме време повеќе од било кога. Наместо да се бавиме со негативни мисли, треба да работиме на создавање на подобра верзија од себе во секој можен поглед, сѐ додека е тоа нешто што нѐ исполнува. Имаме време да се посветиме на себе и да совладаме некои работи за кои никогаш не сме можеле да одвоиме време. Внесувајќи секојдневни мали промени утре ќе ни значат многу. Можам да кажам дека конечно најдов време да се вратам на танцувањето, кое ме исполнува и е начин да ја исфрлам негативната енергија. На танцот гледам како најбезбеден начин за дружење денес. Исто така едукацијата не смееме да ја оставиме зад себе. Сега имаме повеќе време да се осознаваме во областите кои нѐ интересираат. Со надеж дека дел од нас утре ќе бидат способни луѓе кои успешно ќе се борат со колективните проблеми кои животот ни ги нанесува. Но не треба и да се изгубиме во виртуелна замисла која ни нанесува терет.

Во секој може момент треба да се трудиме да го избегнеме стресот и да си дадеме пауза за одмор и да се изненадуваме самите себе. Имаме забрана за дружење, излегување, на нашиот ум очајно му е потребна нова содржина и промена. Нова листа на песни, промена во физичкиот изглед. Дигиталните уреди и социјалните мрежи ни нудат скриени богатства, кои може да нѐ инспирираат со безброј идеи.

Секој треба да биде креативен во однос на животот кој денес го живее. Да се труди да се држи до позитивните мисли, и да носи позитива во туѓите животи. Сите се сочувствуваме со оваа пауза која ни даде многу работи до знаење. Ставени сме во еден кафез кој можеби се случи со причина за да не ги заборавиме своите морални вредности, во трка со брзиот живот.

+38