[Литература] Сара Маневска – II година

Што ме движи, кога сѐ стои?

 

Животот не само што е суров, туку е и непредвидлив, полн со мистерии и изненадувања. Секој човек има една душа, една шанса за живот, а потоа кој знае, можеби засекогаш исчезнува трагата за неговото постоење, но никогаш во срцата на луѓето на кои им значел и кои го сакале. Само едно е значајно и тоа дека животот се живее сега, токму во овој момент, бидејќи дел од минатото е заборавено, избришано, иднината неизвесна, незнајна, а човекот поседува моќ само во сегашноста. Треба максимално да го искористиме времето уживајќи во живот како негови гости. Зар ако не живееме според нашата волја, желби и соништа, онака како што сакаме ние, а не некој друг несреќата нема ли како црнило да се испречи пред нас? Ако навидум, живееме според она што другите ни го раскажале дека така треба да биде бидејќи отсекогаш било така, нашиот живот нема ли да биде само уште едно повторување на истата приказна? Времето никого и никогаш не почекало, ако сега не живееме, тоа ќе ни избега заедно со нашиот живот, а потоа ќе се каеме, бидејќи ѕвездата еден ден непредвидливо ни згаснува, но никогаш не блеснала со својот полн сјај. Ах, колку време му беше потребно на животот за да го смисли денешниов ден, пеколен план, ова искушение, како тест за издржливост? Да се преживее или не? Од што зависи нашето здравје? Најголемото зло на денешницата веќе зема многу човечки жртви. Дали се плашам за сопствениот живот? Сите се плашат помалку или повеќе, а јас највеќе за луѓето кои ги сакам, но сега ја сфатив важноста на овој миг, а тој не треба да е полн со страв, туку верба дека еден ден како и пред еден година ќе излезам надвор без маска и среќа, насмевки. Да, за жал сите сме преокупирани со вирусот и тоа колку инфицирани има денес, бидејќи од тоа зависи нашата блиска, па и далечна иднина, од тоа зависи дали сѐ ќе се врати по старо. Така како да заборавија сите за краткотрајниот но сепак долг престој на планетава мајка.

Само едно изгрејсонце беше доволно за сѐ да се смени почнувајќи од нашето секојдневие. На почеток со самото појавување на некој нов и непознат вирус, беше како некоја невкусна шега, но сепак шега бидејќи беше далеку од мене и мојата татковина. Никој не го очекуваше тоа што следеше. Потоа, за несреќа, еден ден кога целата земјина топка беше заболена со ковид-19, шегата се претвори во страв некаде и очај, борба за живот како во цртаните, но многу пореално. Супер херојот носи бела наметка и се бори против грозните чудовишта со одвратен изглед кои ги напаѓаат луѓето. Ха, иронично, но сепак така им кажаа на малите, невини дечиња кои мораа да останат затворени дома, наместо најубавиот дел од живот да го поминат во радост и смеа, игри со другарчињата, да го исполнат со убави спомени, а и кога ќе излезат надвор да носат некаква шарена маска, што им пречи но сепак заштитува. Кога ќе се присетам на некои спомени како слики што ми минуваат низ глава исто како вчера да помина моето најрано детство. Навистина ми е многу жал, кога ќе помислам што сѐ испуштија децата за оваа една година, но не само тие туку и сите. Наместо насмевки на лицата на луѓето се појавија платна кои го покрива но на крајот на краиштата сите се навикнаа на сѐ ново, да останат дома за своја и заштита на семејството, да бидат подалеку од пријателите, луѓето со кои секојдневно сме биле заедно. Имено за миг сѐ се забави во светот. Да, не мислам дека сѐ остана да стои во место, само да се движи со многу побавно темпо. Човекот исто така не застана, и тој продолжи да се движи, да живее на поинаков начин, пред сѐ да се бори, да се грижи за своите најмили, да сака, да споделува. Впрочем ако човекот застане, тогаш и неговата цел во ова постоење ќе изгуби смисла, значење. Не, не е својствено за човекот да стои и не треба бидејќи тој има пат по кој тргнал, кој треба да се изоди. Љубовта е таа што нѐ движи и исполнува срцата. Таа ни дава сила да ги рашириме крилјата и полетаме кон совршенството, без неа сме како празни кутии, а светот би бил сиво-бел. Едно од најважните, ако не и најважно нешто во нашиот живот е да сакаме и да сме сакани. Надежта и вербата дека се ближи подобар, посветол ден од денешниов ме тера да продолжам. Но свесна сум и да дојде тој ден, ништо нема да биде заборавено како ништо да не било, загубата на членови од семејството е премногу болно и засекогаш ќе остават празнина, урнатини во срцата, но болката со време ќе стивне. Помислата дека иднината, таму зад кривината ми носи барем малку радост, спокојство, простор каде моите соништа се исполнети, ме привлекува како некој магнет да чекорам во непознато темнило и да се движам. Еве, сега, во оваа поинакво време јас не одам во училиште, но сепак за среќа имам услови да учам онлајн, а кога ќе ми текне дека во светот има многу деца кои немаат услови ми паѓа камен на срце, немоќта ми ги врзува рацете и не можам да направам ништо освен да се надевам дека ќе биде надоместено изгубеното време со знаење. Не ги гледам пријателите, но сепак сум постојано во контакт со нив и комуницираме. Моето семејство исто така е секогаш тука покрај мене, секогаш кога ми е најтешко, но и кога сум најсреќна, заедно ја делиме љубовта, грижата, лебот кој ни е дар и молитвите за среќа, здравје на сите во светот, накратко секој момент и миг. Што би правеле во вакви времиња ако семејство не е тука како најголема поддршка, потпора, утеха? Сега повеќе време поминувам со моето семејство, играме игри во вечерните часови, се забавуваме, зборуваме за проблемите односно сега сме поблиски од било кога. И покрај овие околности мојот натпреварувачки дух не ме напушти, па како порано продолжив да одам на натпревари. И не е сѐ така црно, само треба да се погледне од другата страна. Можеби повеќе време сега поминувам дома, но сепак најдов начин да го пополнам времето учејќи нови работи. Открив нова љубов, а тоа е љубовта кон цртањето. Иако признавам не сум баш некоја уметничка сепак моите цртежи се навистина добри. Место само за себе каде ќе се скријам и ќе ми биде убаво најдов меѓу редовите во книгите кои ги читам. Книгите се најголемо богатство ми кажувале моите, а јас секако тогаш не ги разбирав и мислев дека во книгите има златни парички, но сега го разбирам значењето на книгите кои се преполни со мудрости, поуки, односно вистински богатства. Кога немаше полициски часови одев во природа, а мојот град е прекрасен, изобилува со шуми, ливади потоци, река. Посебно сега кога дојде пролетта и природата е веќе разбудена, а долгите студени зимски ноќи се заменети со пократки, на секој чекор има убавина од мириси на расцутени цвеќиња, дрвја кои се бојат во зелени нијанси, широки, сочни ливади, песни на ластовичките изморени од долгиот југ, милина од сончеви зраци и ветре кое разладува. Пресреќна сум што се наоѓам тука, а не во некој друг камен град. Да не го заборавам и Пепи, најинтересниот папагал на сите времиња кој ме смее до солзи, а и најслаткиот мачор Ричард. Не е сѐ така лошо, јас пронајдов разни начини да го поминувам времето и да ги оттргнам лошите мисли, а верувам дека сите го направија истото во изминатава година.

Најкраткото и најосновното нешто што ме движи, со мојата неумесност со зборовите, моите мисли, чувства надежи ги пренесов на парче хартија. Иако е големо клише, сепак после дождот доаѓа сонце. Ќе бидам трпелива и сигурна сум дека сонцето сите ќе ги огрее многу скоро. Во минатото имало многу војни, на некој начин сега исто сме во војна, но сега сите луѓе се сплотени и се борат на една страна, па нашата победа е загарантирана. Не знам колку болно е да се изгуби сакан човек и не посакувам никој да дознае. Сакав да можеше да биде спречено ширењето на вирусот, но сега посакувам да ни се врати стариот и добар живот на сите, а верувам тоа ќе се случи многу наскоро, бидејќи сите работи се возможни само за оној кој силно верува. Неодамна го прочитав најдоброто нешто што влева храброст и некако ми ја стопли душата, а тоа е дека во животот не треба да се чека да помине бурата туку треба да танцуваме на дождот. Многу е убаво кажано. Човештвото помина низ сѐ и сешто и сега ќе се избори, бидејќи веќе доволно покажа колкава е неговата надчовечка сила, да помине низ страшни голготи но да продолжи низ животот да се движи. Тоа што не може да ме убие ќе ме направи посилен, ќе речат и така е. Животот ми се намурти, но јас погледнав во далечната на ѕвездите, му се насмевнав и продолжив да се движам.

 

 

 

 

 

+219