[Литература] Сара Чуперковска – II година

Што ме движи кога сѐ стои?

Да започнеме од самото создавање. Поради некоја огромна случајност доаѓаш баш ти, во овој навидум идеален свет. Ти го доделуваат сценариото и улогата, но кога си мал, ти колку и да даваш напор да го разбереш читајќи го, некако не ти успева. Но, не грижи се! Твоите родители секогаш ќе те поштедуваат од лошото и неправдите, сервирајќи ги пред тебе само добро исфилтрираните парчиња среќа. Но колку ли долго ќе можеш да се криеш од се што се случува околу тебе? Кога веќе почнуваш малку по малку да согледуваш како функционира светот, го препрочитуваш сценариото, но се обидуваш што подолго да се правиш дека сѐ уште не го разбираш. Доаѓа период во кој ќе мора да се осамостоиш, а те плаши помислата дека ќе мора и да се соочиш со многу работи сосема сам. Во овој свет на секого му е доделена некаква улога, па можеш и да претпоставиш дека ќе гледаме и луѓе кои избрале да ги глумат “лошите” во представата. Седни сега, ти чував место токму близу бината. Да одгледаме заедно што имаат да понудат другите, а потоа и ти ќе ги имаш своите пет минути.

Одеднаш, од зад долгата црвена завеса срамежливо и несигурно се појави едно момче. Беше високо и доста слабичко. Носеше зелени сатенски панталони кои не му ги прекриваа целите нозе со нивната должина. На главата имаше каубојски шешир кој постојано му паѓаше па му го прекриваше видикот.

“Јас сум Илија… Живеам на село со своите баба и дедо. Како мал, постојано бегав од дома за да седам со животните кои ги чувавме во шталата. Понекогаш, својот дел од ручекот скришум им го носев на нив. Не е ни чудо што сега сум волку слаб, но никогаш не зажалив за тоа. Сметам дека животните имаат повеќе разбирање од луѓето, и никогаш не би ме осудувале окулу физичкиот изглед а ниту за моите одлуки…” Се поклони и мирно ја напушти бината, давајќи му знак со раката на следниот да дојде. Беше тоа едно нежно девојче со бујна виткана коса и црн тен.

“Се викам Џени. Веројатно е очигледно зошто сум била најмногу критикувана и отфрлана од друштвото.” Ја подигна левата рака сакајќи да посочи на бојата на нејзината кожа. “Уште од мала ми велеа дека тоа е причината поради која не сум убава и дека никогаш нема да бидам како нив… Дете бев, тогаш тоа не допираше толку многу до мене. Но како што растев, опкружена со луѓе чии уверувања беа дека сум помалку вредна од нив, многу често ми се случуваше да имам суицидни мисли кои беа присутни со години во мојата потсвест.” Со плачлив глас го раскажа сето ова и истрча зад завесите на бината.

Што мислиш, како би можеле да го направиме овој свет подобар и побезбеден за сите? Со години мислата беше она што ме движеше. Нема ништо по брзо од неа, па затоа треба убаво да размислиме пред да го изговориме она што сме го намислиле. Не можеш да знаеш какви емоции, мисли и постапки ќе предизвикаш кај соговорникот. Понекогаш, еден твој збор може од корен да му го смени животот на некого. Размисли дали ќе бидеш нечиј спасител и потпора во животот, или ќе избереш да критикуваш, понизуваш и омаловажуваш нечиј изглед, размислувања и одлуки. Откако го слушна сето ова, качи се на бината, покажи што сѐ си научил низ животот и откриј ни што е тоа што тебе те движи кон подобриот свет, додека гневот и злото стојат и чекаат нова жртва.

+51