[Литература] Бојана Спасовска – IV година

Што ме движи кога се` стои?

 

Време на половина прочитани страници,

Време на непрестајно брзање,

И на нервозни ноќи,

На полетување на авиони-на краток одмор,

На нервна напнатост и болно срце,

Време на дигитално секојдневие, да не речам, искарикиран живот.

Време на 21от век.

Иако ова време на 21от век, модерно и брзо, е најдоброто време во кое живеел човекот, време во кое и најголемите проблеми ги решаваме со еден клик, време на најразвиена технологија, врвна светска економија, време на секакви нешта кои ги измислува човековиот ум, а ги прави човековата рака за лесно, но суштински празно, секојдневие, време на разни и многубројни можности, и на олеснет живот, истовремено е и време, според мене, кога се соочивме со најголемите кризи, конфликти и контрадикторности, можеби не толку на материјално и физичко, колку на ментално и психичко ниво. 21от век, со право може да се нарече век на остварување на соништата, се` материјално ни е толку достапно, толку блиску, се` ни е на дофат на рака, а ние ко деца во слаткарница-од се` би сакале да пробаме. Премногу се залетуваме кон секакви нешта, привлечени од нивната надворешност, не сфаќајќи и не претпоставувајќи што се крие под таа мазна површина, само копнеејќи по еден аплауз од општеството дека сме го избрале вистинското нешто, а заборавајќи на најдлабоките желби на нашето битие кои вистински би ни ја згреале душата. Но се прашувам, каде ли е убавината во тоа шаблонско чекорење по долгите стази? Во сиот тој вртлог, тоа виртуозно и лавиринтно секојдневие, слепо трчавме барајќи излез, сакајќи да го достигнеме врвот, крајот на патот, копнеејќи по тоа чувство на исполнетост, не сфаќајќи дека цело време трчаме по минливи нешта, трошејќи го најскапоценото нешто што некогаш ќе го имаме-времето. А времето, како незапирлив патник, јури ли јури со огромна брзина, немајќи крајна цел, а носејќи со себе брзи промени, кои ние не ги ни воочуваме зашто не одиме во чекор со времето, туку во насока спотивна на него. Премногу брзо пораснавме, премногу мислиме дека се` знаеме и дека созреавме, премногу станавме некој кој не сме. Повеќе почнавме да наликуваме на роботи одошто на луѓе, на празни силуети кои живеат по туѓи правила несвесни за своите желби. И така брзајќи кон таа крајна цел, достигнувајќи разни височини, со постојано крената глава барајќи нешто повисоко, нешто повеќе од животот, заборавивме на најважното нешто и на единствената општа цел, најважната-да живееме. Вистина е дека човештвото има направено многу значајни достигнувања, како што се модерната медицина, изобилната храна и енергетското производство. Но колку повеќе се движиме напред, толку повеќе ги злоупотребуваме достигнувањата, ширејќи ја бездната помеѓу нас и зголемената социјална неправда. Нешто мораше да не` спречи, да не` освести, да не` разбуди. И тогаш, животот, Универзумот, Бог, или во што и да верувате, ни покажа дека сепак не сме го достигнале врвниот развиток на човештвото и не` остави запрепастени и неми пред нешто коешто е посупериорно од нас и од секое достигнување кое досега сме го направиле. Се` запре. Се` застана. Некогаш не ни можеме да сфатиме колку далеку сме стигнале, ако не застанеме и не се свртиме назад за да видиме колкав пат сме поминале. И јас не разбирав. И јас не сфаќав дека цело време се стремам да се движам напред, но од сиот тој чад и прашина кои сите ги создаваа пред мене и ми ги фрлаа на патот, бев заслепена и ја бев загубила вистинската насока. Колку и да звучи сурово, јас верувам дека е добро што ни се случи нешто коешто не` сопре сите. Ни беше ограничена слободата, останавме сами, затворени ко птици во кафез, сами на себе, во тишина. За тишината велат дека е најстрашна само оние кои се исплашени да се соочат со себе, да го тргнат превезот кој им бил на очите, да погледнат длабоко во својата душа,а таму да видат дека додека сите им ракоплескле, тие се изневериле себе и останале глуви на шепотот на нивното вистинско јас и на детските соништа кои бесно им пулсираат во сржта. А сите бевме такви, и поради тоа ни беше тешко некој да не` стави во еден вид на затворска ќелија со самите себе, а сите најмогу се плашиме од своето јас, од сопственото его и внатрешниот, изневерен глас. Но, тој страв единствено можеме да го победиме ако со него се соочиме. Соочувањето носи болка, простување и прифаќање, но резултира со надеж и верба, во животот, во себе. Се надевам дека се соочивте. Јас барем, така сторив. Сфатив дека животот е како вага, сите сакаме да седнеме на оној дел каде свети сјајно сонцето, секогаш да ни биде убаво. Но за тоа ни треба и другата страна, а на неа чуда кои те фаќаат за гуша. Животот е како детска нишалка, клацкалица, сите посегнуваат по високиот дел, сакаат да бидат горе, ама ако си горе, значи високо те држи сето она заради кое некогаш ќе плачеш. Ова го разбрав и ја разбрав ситуцијата во која се најде светот неподготвен. За да научиме како треба, треба прво да научиме како не треба, за да знаеме како се живее, треба прво да почувствуваме како не се живее. Сакаме похумано човештво, а бегаме од себе, сакаме подобро општество, а немо ги следиме неговите наметнувања и програмирања, без да го менуваме, сакаме да земаме, а не сакаме да даваме. И ова ме разбуди. Што ме движи кога се` стои? Само една единствена желба, една мисија, за секого најзначајна: да бидам подобар човек. Секој ден да бидам подобар човек, подобра ќерка, подобра сестра, подобра внука, подобра другарка. Да бидам подобра за себе, да бидам подобра за тебе, за човештвото, за нас. Да бидам подобра поради себе, поради тоа што си го сакам животот и поради тоа што сакам да го сакам светот и времето во кое живеам. Ме движи идејата никогаш да не ја загубам човечноста во себе и вербата во луѓето. Ме движи првото појавување на сончеви зраци во муграта и благодарноста која ја чувствувам за вдишувањето на воздишката на животот уште еден ден, зашто убаво знам дека некој веќе нема да ја почувствува свежината на тој здив. Ме движи сјајот во очите на сестра ми кога забележува дека со внимание ја слушам додека ми раскажува како и` поминал денот. Ме движи насмевката на мајка ми кога ќе и речам дека ми е најголема инспирација и вечна муза. Ме движи љубовта. Ме движи поривот на цел глас да викам колку сум вљубена во животот и сакам да го живеам гледајќи низ призмата на љубовта. Ме движат убавите зборови и љубезноста. Ме движи случаен поглед и неискварена насмевка на минлив патник, ме движи радоста која би ја почувствувала кога повторно слободно би можела да гушнам некој таков минувач и да му посакам убав ден. Ме движи идејата да те насмеам и да ти го разубавам денот тебе, зашто тоа би го разубавило и мојот. Ме движи потребата јас да бидам подобар човек, а не да очекувам некој друг да биде подобар со мене. Зашто ако јас сум подобар човек, а ти го следиш мојот пример, ние заедно би биле подобри луѓе, заедно би изградиле подобро општество со вистински вредности. Зашто светот го менуваме и го создаваме со личен пример и дело. Светот не се менува со зборови, колку и да се моќни. И да се цврсти како карпа и остри како сечило, секогаш поголема промена ќе се види од дело, и да е мало, нечујно и немо. Ме движи тој порив да учам и да се градам во најдобра верзија од себе за да можам да придонесам за ова општесво кое го градиме сите. Тоа подобро го објаснил Тагоре: ,,Спиев и сонував дека животот е радост. Се разбудив и открив дека животот е служба. Служев и открив дека служењто е радост“. Ме движи трудот да бидам подобра од вчера и да те гледам тебе утре како си подобар од денес. Ме движи сознанието дека единствениот начин да правиме нешто за светот е да почнеме од себе, а тоа е толку едноставно-само биди подобар од вчера.

 

 

+207