[Литература] Бранкица Цветковска – I година

Што ме движи додека се стои?

Додека сѐ е запрено јас продолжувам да чекорам напред. Тешки се деновиве. Болест коjа го зафати целиот свет, болест која одзеде многу животи, а остави голем број фамилии да тагуваат, вклучувајќи ја и мојата. Го одзеде мојот ангел татко, кој ни беше столбот на нашето семејтво. Затоа со мојата мајка се бориме колку што можеме продолжувајќи го животот понатаму. Јас не сум личност која паѓа во депресија, напротив јас сум личност која цврсто стои на двете нозе, со една голема стабилност и продолжува да го чекори животот кон иднината. И токму деновиве ги работиме старогрчките трагедии на Софокле. Размислувајќи за темава некако се поврзав со идеите во овие драми. Судбината одредува сѝ, никој не може против судбината, но она што е вечно е трагата што ја оставаме зад себе, патот што го изминуваме за да се спознаеме себе си.

Во овие пролетни денови со мајка ми одлучивме да го разубавиме нашиот двор со разни цвеќиња во секакви бои, a нашите борчиња ги уредуваме во различни форми. Некако пролетта буди прекрасни чувства во мене,д али е причината дека јас сум родена во месец мај, но не знам, некако таа ме одржува во форма. Секојдневно со мојата мајка правиме овошна торта и често знаеме да откриваме нови рецепти, експериментирајќи во кујната.

Кога сум тажна, често знам моите емоции да ги пренесам во мојот дневник. Некако се опуштам кога го искажувам мојот гнев, мојата среќа, моето разочарување, ама баш сѐ што чувствувам во тој момент. Сепак емоциите што ги чувствуваме, се и голем показател за мотивација, а особено тоа го знаат сите тие што спаѓаат во зоната на писатели. Навистина емоцијата е едно неверојатно чувство и треба да знаеме вистински да ја контролираме. Пишувањето ме одржува, пишувањето ме движи напред и верувам во себе дека еден ден ќе издадам и своја книга. Прекрасно се чуствувам кога творам, товарот кој натежнува во мене, некако дневникот со неверојатна моќ го извлекува од мене.

Јас исто така се чувствувам прекрасно и кога пеам. Кога ми е некогаш тешко често знам да го земам микрофонот и да ги запеам моите омилени песни кои ме релаксираат и ме прават посреќна. Да не изоставам дека често кога сум тажна , знам да го земам мојот велосипед, да ја повикам мојата другарка и заедно да одиме во училишниот двор и долго да разговараме и да се возиме. Покрај сето ова да не заборавам дека сепак го чувствувам и стравот од вирусот. Секојдневно му се молам на Бога да ја чува мајка ми и сите други невини луѓе, а особено оние што ги познавам. Затоа што ова е страшно време, кое одзеде многу невини животи. Во ова време јас размислувам што ќе правам, која ќе биде мојата идна професија. Се замислувам како праведен судија, со чеканчето во раце, делејќи ја правдата на сите подеднакво. Не делејќи ги луѓето на сиромашни и богати, без разлика на етничката припадност, бојата на кожата. И тоа, таа правдата со големо П, ме мотивира да одам понатаму.

Преголема болка чувствувам кога ќе ја слушнам статистиката на починати луѓе во последниве неколку месеци. „Зарем не сме сите пред Бога исти нели”? И не само за ова, за премногу нешта народот е поделен, што навистина не е праведно.„Зарем не нѐ грее исто Сонце?”-Овде само ни останува да се надеваме и молиме и да се чуваме самите себе и сите останати луѓе околу нас, со тоа што ќе ги почитуваме мерките. Еден ден ќе помине и ова. Премногу сакам да почнеме на училиште со физичко присуство и секојдневно мечтаам за тие денови, премногу ми недостига следењето на настава од училишната клупа. Следејќи настава подалеку од компјутерите, не оштетувајќи ги нашите детски невини очи. Сакам да се видам со мојот клас, со моите професори за да можам вистински да ги остварам моите замислени цели во животот. Сакам да поминувам вистинско време со моите пријатели, заедно да се забавуваме, да се дружиме и заедно да зачуваме вистински спомени, за на крај да стигнеме кон вистинскиот пат за вистината на знаењето. Можеби ете таа вистината за знаењето ќе нѐ направи подобри не само како луѓе, туку подобри како општествени битија кои имаа освен права и големи одговорности кон заедницата на која ѝ припаѓаат.

Како личност која е хуманист, посветена на доброто мислам дека светот се движи напред само со добрината на сите нас, со човештината што ја покажуваме и ја манифестираме во сите форми во ова време, но пред се љубов, љубов, треба да го грее нашето срце.

 

+272