[Литература] Бернарда Малевска – II година

Одеднаш ги отворив очите и силно земав воздух, чувствувајќи се како бурниот сон да ми откопал длабока бездна. Пред мене беше прикачено платно, чиј сликар понесен од моментот на нервоза го обоил со најтемните нијанси познати на човештвото. До моите ноздри набргу пристигна мирисот на празнината, мирисот на апсолутно ништо. Ушите ми беа исполнети со звучните бранови на тишината. Се обидов да зборувам, но залудно, колку и силна да беше помислата да испуштам громогласен крик, тој луксуз ми беше одземен од сопствените гласни жици кои беа изневерувачки настрoени.

Наоѓајќи се во новонастанатото бунило, се обидов да го кренам моето тело во стоечка позиција, активирaјќи ги нозете кои ги чувствував неискористено и отуѓено, небаре сум лежела на тоа место со векови. Разгледав с`еоколу себе, но не наидов на ништо освен веќе познатата глетка на црнило која се протегаше до бесознание. Се обидов да се присетам на последната сцена од мојот свесен живот. Иако како низ магла, здогледав сцени на паника и нервоза, плачење и повишен тон. Некој познат лик си замина трескајќи ја вратата. Мојата мала сестричка. Веќе јасно можев да ги визуелизирам последните случки, големата кавга, каде бесрамно ги повредив чувствата на најсаканата. Зошто ли моето срце биеше со толкава брзина и зошто ги кажав сите оние работи кои воопшто не ги ни мислев? Си ветив дека доколку некогаш повторно сум наградена со погледот на нејзиното совршено лице, ќе ја прегрнам извинувајќи `и се за моите постапки и ќе ја наведам на патот на толеранција, наспроти омраза и нервоза. Гледајќи во ретроспектива, можеби и заслужив да се изгубам во овој бескраен простор. Се обидов да не се задушам во немирното море на моите каења и во име на сестра ми да го пронајдам значењето на сето ова.

Зрак светлина се јави од длабочините на мојата свест и ме предизвика да трчам што е можно побргу во неопределена насока. Навистина не планирав да правам ништо поинтересно на ова место, па решив да се покорам над разгорувачката желба. Се присетив како сум се чувствувала кога сум била многу помала и сум се впуштила во истражувањето на убавините на светот, веднаш решавајќи се дека ќе го освојам. Небаре сум стапила во временска машина, се навратив на слатките доживувања и лекомисленоста на овој период. Една од првите лекции на детството ненадејно се појави во мојата меморија, со која ми беше предадено значењето на пружената рака. Низ сите мои интеракции се обидував да ја аплицирам ваквата поука, која ми овозможи низ годините да изградам цврсти ѕидови на пријателства. Каде беше таа солидарност во оваа темнина и се наоѓаше ли некој наоколу кој беше во можност да ми ја понуди?

Загубена во ваквата помисла, се струполив од нешто што, на мое пријатно изненадување, беше невидливо. Бев упорна и се кренав себеси, не заради убавината на моментот, туку од преовладувачката тврдоглавост која не ми дозволи некоја безначајна замка да ме оневозможи во постигнување на мојата цел. Во мојата свест се проектираше слика на мојата шарена и често неуредна собичка, каде заедно со малечката се смеевме с`е додека не почувствувавме силна главоболка, како да сме произвеле премногу серотонин, та ќе ни прснат мозоците. Рационалниот дел на мојот ум повторно ме повика и ме извлече од пријатната мечта и ме предизвика да најдам начин и пат да стигнам до оваа визија. Собирајќи ја сета сила во своите ткива, се впуштив во мојата втора трчачка етапа. Се вчудовидив кога дојдов до сознанието дека не чувствувам никаков замор, па решив да ја искористам оваа прилика со максимизирање на мојата брзина. Се јави дилемата за дистанцата која ја имав истрчано, дали се работеше за целосен маратон, неколку стотини метри, или, пак, сето ова време сум била прилепена на истото место. Сите чувства ми беа отапени, та што и да помислев, се преиспитував дали тоа е вистина или продукт на мојата фантазија. Ориентирањето за постигнатата брзина, истеченото време или, пак, изминатото растојание беше едноставно невозможна. Само продолжив да трчам.

Полека моите нозе како да го започнаа долгиот процес на одделување од непостоечката површина и започнав да лебдам. Небаре паѓав обратно од законите на гравитацијата. Или сепак, паѓав надолу. Од силната прегратка во која ме имаше стиснато темнината, не успеав да одредам. Мојот веќе бесмислен пад траеше апсурдно долго и с`е што можев јасно да проектирам во мојата глава беше слаткото насмеано лиценце на моето сестриче. Посакав да можам да го бакнам нејзиното чело и да ја помилувам нејзината коса. Душата ми посака да вриснам. Се напрегнав, но залудно. Камо да имаше и некој да ме слушне.

По два дена, два часа, две минути или две секунди здодевно паѓање, конечно го удрив тлото или, пак, таванот на ова мистериозно место каде се наоѓав. Очите ми се зажарија бидејќи забележаа нешто што навидум наликуваше на боја, на светлина, на постоење. Се обидов да го поразам оној преовладувачки и надмоќен дел од мојот ум кој велеше дека приближувањето кон светлината е добра одлука со изговор дека можеби се крие некоја стапица, но залудно. Избори убедлива победа над мене. Со брз од или можеби сосем бавен, се упатив кон оној мал примамлив зрак на крајот. Приближувајќи се перцепирав некоја огромна рефлектирачка површина. Во мене се јави она чувство по кое веќе бев во долго очекување. На вратата на мојот ум затропа стравот. Зошто сега и од што потсвесно се предупредував? Дали додатокот на ова кобно чувство ќе придонесе во хаосот на моите емоции?

Застанав вчудовидено пред отсликувачката површина, огромно и совршено чисто огледало. Здивот на слабата светлина беше доволен за да би можела да се препознаам себеси во него. Среќата која ме обзема од здогледувањето на мојата комплексност беше нешто кое го немав почувствувано претходно. Можеби бидејќи го минав поголемиот дел од својата адолесценција мразејќи се себеси и наоѓајќи ја секоја возможна мана. Изгледот на моето лице одеднаш стана навистина чуден, нешто се промени. Се приближив за да си овозможам подобар поглед. Константно одредени делови од него се менуваа. Бев оневозможена да размислувам бистро и немо се ѕверев во површината. Како блиц од дигитален фотоапарат се менуваа бојата на очите, на косата и кожата, како и нивниот стил, изглед и форма. Во дел од секунда сета физиономија на мојата глава изгледаше сосем различно. Стравот ќе се стишеше со стабилизација на било кој од изгледите, сите подеднакво лични. Барав излез од оваа бескрајна и комплетно бесмислена агонија на непостоење. Комфорот на мојата соба беше единствената замисла која ми беше водилка низ сета оваа забуна. Се обидов да се фокусирам на сите тие ликови и на вистинското длабоко значење на овој настан. Веројатно, секој од овие имаше оставено одредена печат врз човештвото, или барем на неговиот живот. Секој од нив имаше различни карактерни одлики, различни пристапи на ситуациите, различни мислења и, веројатно, различни интереси. Некои од нив можеби се студенти или ученици, можеби се веќе вработени како сликари, писатели, фармацевти и слично. Се досетив на нивните сакани личности со кои ја минале златната доба во животот, на сите нивни кавги расправии и недоразбирања.Посакав доколку овие лица не се само плод на мојата безначајно бурна мечта, без разлика каде се наоѓаат, да го најдат нештото кое ги исполнува и да живеат уживајќи во сластите кои ги нуди тоа.

Некој чуден инстинкт ми даде до знаење, како мало дете кое ги прилепува рацете на секој шарен излог, да го допрам огледалото. Раката ми пропадна внатре и менувањето на лицата запре. Мојот екстремитет беше зграпчен од невидлива сила и нешто чудно го влечеше, небаре го внесов во жив песок. Решив дека можеби не би било лоша идеја да се втурнам сета внатре во него и да прикажам верност кон својата рака со тоа што нема да ја оставам сама да пати. Инстинктивно ги затворив своите очи. Се појави некоја силна бука. Нешто ги голицна моите ноздри и бев во можност да кивнам. На мое комплетно пријатнно изненадување, го слушнав мојот глас. Се засмеав, подготвена да ги отворам своите очи и да се соочам со глетката пред мене.

Зачудувачки, се пронајдов на главна улица, среде некој непознат град каде што времето беше запрело во дел од момент и сите фигури кои се наоѓаа во мојот хоризонт беа застанати насреде своите секојдневни дејства. Бавно шетав по тротоарите на ваквиот придушен град, кој `и се чинеше познат на далечната половина на мојата меморија. Тротоарот се стесни и го забележав апсурдот на моето следење на правила, бидејќи сиот сообраќај, кој овде се состоеше од коњски коли , комбиња и камиончиња, не беше во можност да ме повреди. Импресионирана бев од уметноста на лицата околу мене, кои беа застанати во нивниот емоционален занес на секојдневните активности. Секој израз, посебна приказна. Куќите кои го опкружуваа мојот пат не беа доволно достојни да се наречат константни живеалишта. Топлиот дом беше лишен од раскошот на овие статуи, та не беше тешко да се воочи прекршувањето на неколку од нивните витални човекови права. Ме трогна мислата за како изгледаат нивните животи и колку е мала количината која можат да си ја пружат.

Продолжив да чекорам по комплетно непознатата улица, со извонредна сигурност. Мојот ум патуваше доста побрзо од мене, преокупиран со нееднаквостите кои ги воочував, испреплеткани со конфузијата која ме обземаше, поврзана со значењето на ова бескрајно патешествие. Вината поради мојата бескрајна себичност и самодоволност ја предводеше трката на моите чувства. Ова нивно водство беше поддржано од страна на глетката на напатените граѓани чии проблеми, споредени со оние на луѓето кои ги познавав, се чинеа како човек застанат покрај мравка.

Забележав една пространа ливада од страната на оваа голема, но помалку распадната улица. На неа група дечиња беа запрени во занесот на фудбалот и нивните недоволно облечени тела беа накитени со најубавите бисери видени од страна на небесата. Потсвесно во мојот ум се јави силниот ек на смеата, која успеа нежно да ја скокотне површината на моето срце. Мали дечиња, проколнати да не го исполнат својот потенцијал, поради неинклузијата и лошото понудено образование.

Исклучиво при загубата на се’ околу нас кое н`е идентификува како специјална индивидуа, се разбиструва нашиот поглед над привилегиите во кои сме уживале. Низ овие неколку години, месеци, денови или часови стигнав до огромен број на сознанија кои потполно ќе го променат мојот потенцијален понатамошен живот, секако доколку некогаш се изборам со оваа невидлива сила и го пронајдам патот дома. Се заколнав за едно, последно нешто, почеток на борбата за поголема демократија и еднаквости во општеството. Ветив дека каде и да чекорам, ќе го правам тоа со извонредно достоинство и по пат ќе сеам семиња на толеранција и солидарност, кои ќе пораснат во извонредни, раскошни цветови, кои заеднички ќе ги негуваме.

Се пронајдов себеси насреде поплава, каде мојот ум веќе доста слабо можеше да се справи со емоциите предизвикани од настаните на оваа доза никогаш и ништо. Војната меѓу мене и окупаторот на мојот мозок беше жестока. Ми нанесе тешки повреди и приморана го легнав своето тело на бетонот на улицата. Гледав како низ калеидоскоп, јарките бои и изместените геометриски форми наизменично се менуваа. Посегнав по бетонот чиј отпор до неодамна го чувствував под своето тело, но залудно. Веќе се наоѓав на некое друго еднакво чудно место. Оваа транзиција ја обзема сета моја енергија, та започнав да треперам, небаре минувам низ грозница. Единственото нешто кое ме мотивираше храбро да ја минам оваа фаза, беше понудената љубов на мојата мала сестричка и погледот на нејзините мили очиња. Забележував само шаренило. Или, пак, бунило. Можеби и двете.

Одеднаш ги отворив очите и силно земав воздух, чувствувајќи се како бурниот сон да ми откопал длабока бездна. Пред мене беше прикачено платно, чиј сликар решил да ја реплицира мојата соба. До моите ноздри набргу пристигна мирисот на палачинки зготвени од мојата мајка, мирис на апсолутно задоволство. Ушите ми беа исполнети со звучните бранови на смеата и задевањето на мојата сестра, која веднаш се смести до мене. Следуваше долга прегратка преполна емоции. Што се случи и зошто? Одлучив дека можеби е излишно да трагам по овие одговори, бидејќи конечно ја досегнав реалноста. Сепак, се чувствував како ова непостоечко искуство ме преобрази и уште веднаш започнав да ги исполнувам моите ветувања. Кој би знаел дека бескрајното ништо може да те наведе на толку нешта.

 

+191