[Литература] Барбара Стојковиќ – I година

„Што ме движи кога сè стои?“

 

Време е, да седнам и да напишам нешто што навистина го мислам. Имам само петнаесет години и доволно испреплетени мисли и ставови. Убава тема на разговор од која може да извадиме различни други „поттеми“. Искрено, не знам од каде да почнам. Тешко е да ги најдеш точните зборови со кои ќе можеш да опишеш што мислиш и што чуствуваш. Сите знаеме дека светот од секогаш бил злобен, суров, бездушен, чуден и што се не. Еве, повеќе од една година како сме во пандемија, која навистина го промени светот. Да ме прашаш каква бев пред една година и сега, одговорите ќе бидат многу различни. Скоро секој ден „учам“ или дознавам нешто ново, неважно дали е тоа за мене, семејството, другарите или пак светот. Пандемијава е нешто навистина фасцинантно. Секако дека секој ги знае лошите последици, но има и некои стварно чудни промени за кои не мислевме ништо пред некој ден. На пример, едно од поголемите е контактот со луѓето, всушност светот. Сето тоа е изгубено. Порано да видиш некој познаник на улица, или пробуваш да го избегнеш, или пак оддиш и како човек се поздравуваш и се гушкаш, применуваш физички контакт. Сега тоа, никако. Дури не можеш ни со своите најблиски да се гушнеш и видиш како нормален човек. Знам се прашувате каде идам со ова, но, сакам да нагласам колку само ни се промени животот, а со самото тоа и нашите вредности. Голем влијател пред, а и после пандемијава, е интернетот. Се што може се спроведува преку интернет, се спроведува преку интернет. Едноставно се сведовме од живот надвор од дома кон живот пред некој електронски апарт. Светот оддеднаш застана и никој не знаеше што да прави. Нас ни остана како да се справиме и да продолжиме понатаму. Верувам дека никој не го знае „точниот“ пат или правец кон нештото. Јас и пред пандемијата немав некој возбудлив или интересен живот, но сепак излегував надвор и се движев. Сега само седам дома, секој ден по сто саати на лаптоп и не правам ништо корисно. Сево ова можеби, звучи малце депресивно, но е вистината. Пред се, најмногу ми помогна семејството, односно мајка ми и брат ми. Како и сите други, бевме приморани секој ден да бидеме заедно во една не толку голема просторија. Иако имаше денови кога ќе се раскаравме, сепак, брзо ги заборававме тие денови и бевме тука едни за други. Со самата пандемија повеќе се зближивме. Да не беше моето семејство јас навистина не знам како ќе преживеев. За време на пандемијата ги изгубив единствени другари што ги имав и бев сама. Иако беше забрането многу излегување, јас немав со кој да излезам и да си направам муабет. Мајка ми беше единствената што ми помогна да продолжам понатаму и да не бидам толку тажна. Освен семејството, големо нешто што ме движи додека се стои е музиката. Се сеќавам кога бев помала, во училиште ќе си слушав музика за време на одморот. Во тоа време немав дигитален телефон и не знаев како да си симнам музика за да слушам без интернет. Затоа дома ќе си ја снимев песната од комјпутерот и потоа на училиште ќе си го пуштев видеото и ќе го слушав нон-стоп. Имаше некои денови, на училиште, кога се чуствував осамена или пак сакав да бидам сама, ќе излезев надвор и ќе си ја пуштев песната. Ќе си трчкав наоколу и ќе си ги гледав облаците на небото. Замислував како личат на некој или нешто, појма неам на диносаурус, на зајак, на птица, буквално на било што. Знам звучи чудно, но си правев различни сценарија во главата. Е во тие моменти се чуствував потполно сама иако имаше сто луѓе околу мене. Се чуствував слободно, сигурно или просто кажано, убаво. Тоа и сега се случува. Само што сега си пуштам веќе симната музика на мојот телефон и си танцувам по собата. Навечер, ќе си ги ставам слушалките, ќе пуштам музика и ќе почнам да си играм по соба. Се е тивко, луѓето се спремаат за легнување, а јас си играм по собата. Тоа ме прави да се чуствувам најубаво и најслободно. Навечер, кога нема никој до мене, кога го нема интернетот, кога не ми работи мозокот и не мислам на ништо. Едноставно сум сама. Без музика нема танц и без танцот нема музика. Преку музката и танцот се ослободувам од мислите и чуствата, заборавам за неколку минути на светот и движењето преостанува на моето тело. Ритамот ме води, а јас само се движам. Често пати, од досада, почнувам да си размислувам за некој си „совршен“ или посакуван живот. Тешко е тоа да се објасни со само неколку реченици. Уште како мала си замислував за некој си „зелен“ свет. Јас како живеам на некоја планина заедно со моите најдобри другари, со моето семејство. Како станувам на сабајле, си ги хранам животните, го зимам коњот и заедно трчаме по зелените и расцветани ливади. Косата ми е пуштена и ветерот дува во мене. Нема никој на патот, никој да не спречи. Така, „летаме“ по ливадите се додека не ја истрошиме целата енергија. Се враќаме дома и си го продолжуваме животот. Од мала ме движи помислата дека еден ден ќе ми се остварат повеќето желби и ќе бидам прилично среќна. Како деца можеме само да си замислуваме и да посакуваме за некој си „совршен“ живот или свет. Мене, најмногу ми помага кога со некој ќе ги споделам мислењата и соништата. Јас, бидејќи немав многу пријатели, почнав да си пишувам дневник. Исто како и за танцот и за музиката, навечер ќе си пуштев музика и ќе си напишев се што ми лежеше на душа. Како што кажав, бев поосамена, па затоа пишувањето ми помогна на некој начин да си ги „споделам“ мислите со некого, со универзумот. Знам дека ова звучи чудно, но навистина ми помогна. Сега не пишувам толку редовно, бидејќи си најдов другари. Другарството е нешто премоќно. Сите знаеме дека денес е тешко да се најдат вистински пријатели, луѓе кои пред се ќе те почитуваат и ќе те прифатат како еден обичен човек, а потоа ќе бидат тука за тебе и во добро и во лошо. Звучи клише, ама навистина е така. Се уште немам најдено најдобри другари, освен мајка ми, но сум благодарна за тоа што го имам. Секој заслужува да ја почуствува таа пријателска љубов. Кога сум тажна или депресивна сакам да имам некој кој ќе ме врати во колосекот или барем ќе ми ги оттргне мислите со нешто друго. На пример, да се договориме и да излеземе надвор, на нашето тајно место. Да си правиме муабет, за што не мачи, што не радува, што не прави среќни, што не прави тажни, што не нервира…и на крај да збориме за најчудните теми и да плачеме од смеење на најглупавите и најпростите работи. Кога сме заедно треба да забораваме на проблемите и да се смееме на нашата болка, колку и тоа да звучи погрешно и чудно. Нормално дека нема секогаш и цело време да бидеме заедно. Немам многу пријатели и не сум излагала многу, но имам доволно мемории и спомени. Кога ми е досадно ќе го отворам лаптопот и ќе почнам да си ги чистам и средувам сликите и видеата. Со самото тоа поминувам низ сите мои спомени. Во тие моменти се радувам и разбирам колку само се скапоцени тие спомени. Ме прави среќна да се навратам на минатото и да ги „оживеам“ тие моменти повторно. Кога сум тажна и ќе видам како се смеам и колку сум среќна на некои видеа, тоа ми става една можеби не толку голема насмевка, но сепак насмевка. Почнувам да се смеам и да си ги бришам солзите. На крајот на денот ние сме само едни прости живи суштества кои не можеме едни без други. Како и сите други, па така и јас, растам, созревам и почнувам да размислувам на работи кои до пред некое време не ми беа јасни или пак не ни знаев дека постојат. Секој ден откривам по нешто ново за себе, нешто ново што би ме направило посреќна, односно што би ме „движело“ додека се стои. Бидејќи растам и се менувам, почнувам да разбирам колку само значат малите нешта. Многу ми е чудно и не ми е јасно како може некоја ситница да те направи толку среќен и да те орасположи, а и обратно. Ете тоа е се што мене ме движи кога се стои. Mузиката, танцот, моите најомилени филмови или тв-серии, природата, семејството, другарите, насмевката на луѓето, насмевката на луѓето кога јас ќе им помогнам за нешто, моите спомени, сите мои моменти, моите соништа, моите мисли… се до најмалите и најчудните нешта, ете тоа мене ме прави среќна. Според мене е најважно да го правиме она што навистина не прави среќни и задоволни, колку и тоа да звучи клише.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

+116