[Литература] Татјана Јовановска – I година
Да се биде човек и тогаш кога ни е многу тешко
Пролеттната вечер тивко му се прикрадува на градот. Со лесен чекор, откако го испрати Сонцето во земјата на соништата и им посака добредојде на ѕвездите. Таму некаде горе во крошните на дрвјата, каде небото се гали со младите листови кои само што зазеленеле, срамежливо ветре ја поздравува месечината и започнува ново вошепство над притаениот град. Со расцветани бели ради во косата и шарени лалиња, пролетта тивко зачекорува по градот во кој никој не спие, а се е толку тивко. Така накитена со пеперутки кои заспале во нејзиниот скут, оваа убавица чекори по пустите паркови, по улиците на кои само семафорите и намигнуваат и го поздравува осамениот Вардар чие вечерно дрдорење никој не го слуша.
Во спокојот на мигот, кога низ прозорецот на мојата соба влегува мирисот на јоргованот, убедена сум во осаменоста на оваа пролет. Ги нема децата чии гласови до доцна навечер се слушаат насекаде, ниту вљубените чии воздишки ја слават љубовта, а ни возрасните кои со бавни, но сигурни чекори му се радуваат на животот и искуството.
Сама оставена, пролетта нема со кого да ги сподели воздишките украдени од расцветаните цреши на плоштад. Нема друштво за да ја слуша песната на птиците во мирната вечер. Натажена не може да им се израдува на жителите на градот, на кои знам и таа бескрајно им недостасува. Затоа и не ни чудо, што пролеттни дождови многу често ги бојат деновите во сивило, натежнати облаци го гушкаат Водно, а капките дожд по стреите и во сон не потсетуваат на животот кој природата повторно го разбуди.
Колку само си недостасуваме еден на друг, животот на луѓето, луѓето на животот. Само мирисот на тревата и летот на ластовицата се потсетници дека природата и без луѓето го врти тркалото и повторно се буди од студот, но луѓето се тие на кој надежта им е потребна најмногу.
Тивко е по улиците, уште потивко на детските игралишта, најтивко во срцата на неговите жители. По некое возило со ротационо светло многу брзо поминува по улиците испраќајќи вознимрувачки звуци низ сега веќе отворените прозорци.
Да, оваа пролет е со сигурност многу осамена, но осамена сум и јас. Осамена е друугарка ми Јана, Маја, Магдалена, братучетка ми Сара, другарите од клас, училиштето, маалото, градот, светот. Како никогаш до сега човештвото го обвила осаменост, а неопходната социјалната дистанца ги направи луѓето подалечни од било кога.
Иако помина една година од новиот начин на живот, грч ја стега радоста во мојата душа и темни облаци надиснуваат над светот кој се смали и сега е колку мојот прозорец, светол е само колку екранот на мојот компјутер и гласен колку звучникот од мобилниот телефон. Толку. Пусто, тивко, најтивко.
Не мора да кажам, веќе сите знаеме, новите утра се бавни, учишните ѕвончиња останаа заспани, ја заборавивме вревата на големиот одмор, а пижамите станаа училишна униформа. Во новиот начин на живот поделени на тоа што беше вообичаено пред глобалната пандемија и тоа што сега е нормално, често се затекнувам самата себе растргната помеѓу желбата и реалноста. Душата ми копнее по дружба со другарките, срцето ми тагува по прегратките на баба ми, а младоста си ја бара бунтовноста, која стана бавна како новите утра. Тогаш најчесто и мене облаци ми го кријат Сонцето, мислите ми ја бојат реалноста во сиво, а само надежта подзаборавена чука на портите на новиот ден и очајно моли да и дозволам макар за миг да влезе и да ми подариме воздишка од шарени пеперутки.
Тогаш од некаде до мене допира гласот на мајка ми, чија канцеларија сега е нашата дневна соба и спокојот во нејзиниот глас ме потсетува дека можеби останало нешто од онаа старото надвор од нашиот стан. Таа, личноста која има убав збор за сите, сега работата ја врши, чекорејќи помеѓу каучот и шпоретот, на луѓето им дава подршка во тешките моменти исто како да е до нив, шепотејќи им дека не се сами, им подава рака давајќи си дел од нејзината душа во зборовите кој им ги пишува во меиловите, а понекогаш без глас пушта и по некоја солза за соговорникот од другата страна. Има убав збор за сите, надеж буди во разговорите, несебично се дели на секој нејзин соговорник, а очите и се смеат секогаш кога од другата страна ќе чуе или ќе прочита убава вест. Има душа планина, широки раменици на кој го носи товарот на многумина, набрчкано чело и сила која извира од нејзиното срце. Секојдневно не учи дека менталното здравје е многу важно, а подршката во оваа време, невреме, му е потребна на секој.
Јас сум нејзината сопатничка на оваа патување во непознато, ученичка со училница во детската соба, која средношколските денови ги започна он лајн, а класната и сокласниците ги има видено само на екран….
Учам од неа, осекогаш згрижувачот на луѓе во невоља, а сега душебрижникот на многу осамени души, заробени во четири ѕида, заложници на вирусот кој за време од едно земјино завртување околу Сонцето завладеа со планетата. Потоа тој неуморен глас, го остава телефонот и компјутерот и се вооружува со маски и средства за дезинфекција излегува и пазарува за сите нас, за нејзините родители и родителите на татко ми.
Некаде на крајот на денот кога полицискиот час веќе го започнал своето владеење, наоѓа време за сосетката од спроти, госпоѓа во повозрасни години, која живее сама, но со која на дистанца и повторно со маски, разменува лаф муабет, дека утре сигурно ќе биде подобро.
Така и јас, помислувам дека и на овој денот мора да му се даде шанса макар и сега, да му се погледне во очи и со силно наполнети гради со верба да се направи нешто добро. Помислувам на сите супер херои во бели мантили кои војуваат во оваа војна со срце оставено покрај болничките кревети, на припадниците на полицијата кои не чуваат и кога сме затворени дома, на наставниците кои и на ваков начин се трудат да не направат добри личности, на пекарот кој ноќта ја заменил со ден, на земјоделецот за кога битката продожува на нива, за сите луѓе знајни и незнајни современи борци, секој во својта битка, но сите подеднакво херои во војната за ден без жртви на пандемијата, ден во кој животот ќе биде победникот.
Верувам во секој од нас, протагонисти на новото време во кое втурнати без наша воља се справуваме со наметнатиот предизвик. Предизвикот на нашите животи, на нашето време.
Во тишината на пролетната вечер кога светот присилно стои, нашите соништа се ставени на пауза, вербата во човек ме движи понатаму. Знам, само со без условна грижа еден за друг, светот пак ќе биде подобро место за живеење.
Ваквите предизвици во кои болеста и смртта, зајадливо му се потсмеваат на животот во огледало добрата воља, задржување на доброто во секој од нас на високо ниво и потикнувањето на емпатијата се клучни во грижата за другите. Не смееме да заборавиме дека менталното здравје на секој од нас е подеднакво важно како и физичкото.
Зад секоја задтворена врата во деновите кога копнееме да излеземе надвор, а страв го обзема нашето битие, нечија душа трепери за убав збор. Во присилно замолкнатите ноќи со полициски час, нечие срце копнее за поглед полн со разбирање, а среќава само тишина. Да не заборавиме, иако физички вратите и прозорците се затворени, зад нив луѓето се осамени и стегната воздишка надвиснала над нивните сенки.
Би сакала сите да се потрудиме и со убав збор и насмевка во гласот, да се обидеме да ги отвараме вратите и прозорците, без разлика колку се тешки и колку шкрипи нивното отварање, затоа што разбирањето и надежта се тие кои мора да ги споделиме полека и внимателно, макар и да мора да влеземе низ клучалката.
Во војната која сега е дел од животот на секој од нас, разумот може и да потклекне, несигурноста многу лесно за миг да не совлада, самодаовербата да се предаде тивко и без збор, па утрата да се поцрни и од најтемната ноќ.
Само еден убав збор подарен со разбирање и посветено внимание, ќе помогне секоја душа да заборави на грижите барем за миг. Тоа ме движи кога се стои. Да се биде човек и тогаш кога ни е многу тешко.