[Литература] Теодора Тончевска – IV година

Читање книги – пат кон интелектуално прогресивна егзистенција

Светот претставува еден систем кој е во постојано движење. Луѓето константно брзаат, несвесни за убавините кои им ги нуди животот. Сè повеќе ја забораваат вистинската, непроценлива вредност на животот. Единствената цел на личноста е да ги исполни обврските кои ги носат одделните сегменти од нејзиниот живот. Живееме во еден циклус на елементарни случки кои секојдневно ни се повторуваат. Животот го сведуваме на преживување. Во тој процес на брзо живеење, мислејќи дека животот ни се состои од константно движење, стануваме несвесни дека всушност стоиме во едно место. Додека ги исполнуваме обврските кои ни ги налага општеството, се запоставуваме на емотивно ниво. Нашата среќа ја ставаме на второ место. Постојано се чувствуваме како да сме притиснати во некој вакуум, во кој не можеме да дишеме, да пуштиме глас. Не можеме да ги искажеме нашите чувства кои врескаат во нашата душа. Чувствата кои нè држат во една точка од која животот не ни пружа можност да се придвижиме. Секој ден влегуваме во неважни конверзации, им пружаме на луѓето лажни насмевки, сè со цел да ги исполниме должностите како привремени гости на овој свет. Влегуваме во еден вртлог од кој животот не ни пружа можност лесно да се ослободиме. Неопходно е да смогнеме големи сили за да најдеме некое прибежиште кое ќе ги раскине железните пранги со кои нè окупира животот. Тоа прибежиште за мене се книгите. Читањето книги е процес кој ни нуди вредности со кои можеме да ја осознаеме смислата на нашето постоење. Тие ни овозможуваат емотивно да се надградуваме на нивоа за кои не сме сметале дека се достижни. Тие нудат само успони, никогаш падови. Ни ја нудат сета мудрост што се состои во брилијантните умови на писателите. Тие нè движат, додека сè околу нас стои во едно место. Книгите се богатство од зборови кое ни овозможува да сфатиме дека животот не се живее само еднаш, бидејќи со секоја книга ние навлегуваме во нови универзуми, нови димензии. Гледаме бои кои не постојат во спектарот на просечниот живот. Со нив се усовршуваме на умствено и интелектуално ниво. Тие отвораат нови подглавја и хоризонти во нашиот ум, со што неговите капацитети постојано се надградуваат. Светот го согледуваме од поинаква, позрела гледна точка. Сфаќаме дека насекаде околу нас има убавини, неопходно е само да застанеме и да ги воочиме. Тие ни овозможуваат да навлеземе во секое интимно катче од фасцинантниот ум на личноста, која само преку пишаните зборови успеала да допре до нас. Успеала да ни ги посочи грешките кои сме ги правеле, да ни даде решенија кои треба да ги имплементираме за совладување на пречките кои ни ги нуди животот, да ни даде совет за проблемите кои го окупираат нашиот ум. Книгите ни пружаат можност да ги достигнеме височините, кои просечниот човек не успева ни да ги замисли. Тие го збогатуваат нашиот вокабулар, го усовршуваат начинот на кој мислиме и зборуваме. Нè принудуваат да се соживееме со различни ликови од богатиот спектар на карактери, со што ни овозможуваат да го согледуваме светот од нивна гледна точка, обоен во сосема други бои и исполнет со сосема други елементи. Книгите неретко кај нас будат бурни фантазии и емоции. Ни нудат можност за бегство од реалниот, суров свет. Тие се најсигурното прибежиште за најнесигурните моменти кои ни го препречуваат патот. Секоја книга носи свои мудрости, свои богаства од идеи и фантазии. Не постојат книги кои се идентични една на друга. Токму тоа е нивната непроценлива убавина. Токму тоа нè принудува да стапиме во врска со нив која е нераскинлива. Не постојат предизвици, непогоди или пречки кои можат да ја раскинат корелацијата помеѓу човековиот ум и книгата. Не постои фактор што може да ја згасне разгорената љубов кон книгата, кон она највредно богатство што егзистира на овој свет, богатството кое ни ги отвора вратите кон минатото, сегашноста и иднината. Книгата несомнено успева да го открие и најскриеното катче од нечиј друг живот, од некоја друга, сосема непозната за нас, култура и цивилизација. Успеваме да ги научиме и осознаеме мистериите проткаени во егзистенцијата на нашите предци. Го согледуваме животот од нивен аспект, учиме за нивните вредности и принципи, за сосема уникатниот начин на кој течел нивниот секојдневен живот. Ги разоткриваме мудростите кои тие ни ги посочуваат, а кои несомнено ни овозможуваат полесен и емотивно поисполнет живот. Ни овозможуваат да се ослободиме од злобните окови на незнаењето. Тие се главниот фактор кои нè одвојуваат од просечниот човеков ум, од луѓето кои не се запознаени со сите богатства и вредности проткаени во страниците кои имаат магични способности. Книгата нè предизвикува да стоиме немо пред сите сонови кои ги буди во нас, сета инспирација која гори во нашата душа, сите магични чувства кои нè тераат на напредок и прогрес. Нè предизвикува да гледаме на нештата позрело, да се оформиме како личности и да добиеме свое, уникатно ‘‘јас’’. Да изградиме карактерни особини кои нè одвојуваат од секоја друга индивидуа, кои не истакнуваат на посебно место и ни овозможуваат да се докажеме како личности кои носат убавини и маркантни вредности на овој свет. Тие ни овозможуваат во светот кој просечниот човек го смета за сив да гледаме бои. Во светот кој се смета за место исполнето со злоба да гледаме добрина. Нè предизвикуваат да оформиме доблести, и на работите да гледаме без предрасуди. Нè принудуваат во светот кој е во процес на брзање да застанеме и смирено да постапуваме, бидејќи само таквиот начин на согледување на нештата ќе ни овозможи вистински да чувствуваме среќа. Само така ќе успееме да се ослободиме од синџирите со кои што нè прицврстува неисполнетиот и несреќен живот. Книгите ни даваат шанса да го пронајдеме нашето место на овој свет, местото на кое навистина припаѓаме, местото кое е скроено само за нас. На нас останува да ја зграпчиме таа шанса, која во животот ретко ни се нуди. Да ја зграпчиме шансата која несомнено ќе ни овозмозможи чувство на смиреност, спокојство и сталоженост. Книгите претставуваат пријател кој никогаш во животот нема да нè извиси. Тие го ослободуваат човекот од чувството на осаменост и изолираност. Книгата го следи човекот низ сите предизвици и пречки кои животот немилосрдно ги нуди. Таа е нашиот верен придружник, кој никогаш нема да дозволи во нашата душа да се појави чувство на празнина и неспокојство. Неретко човекот е несвесен за вредноста на книгата. Несвесен е за богатсвото кое вреди повеќе од сè на овој свет, а тој го има во изобилство околу себе. Токму тоа е факторот кој го предизвикува хаосот во кој егзистираме. Луѓето се неспособни да ја согледаат моќта на книгите. На нив гледаат како нешто што е сосема ништожно, безвредно за нивното внимание. Наместо тоа, вниманието го насочуваат на нешта кои не можат да им овозможат емотивен и умствен прогрес. Се задоволуваат со она малку што им го нуди животот, несвени за тоа колку поисполнети и посреќни би можеле да бидат. Живеат еден живот исполнет со бескрајна емотивна летаргија, во кој немаат некоја конкретна цел кон која би ја насочиле смислата на своето постоење. Животот го сведуваат на исполнување на обврските кои им ги наложува опшеството, без да станат свесни за обврските кои ги имаат кон себе, како индивидуа која игра круцијална улога во мозаикот наречен живот. Не успеваат да прифатат дека токму книгата, како најскапоцено богатсво од зборови, може да им го смени начинот на кој размислуваат и суштествуваат. Да постават цел во нивниот живот кон која ќе ги насочат своите сили и конзистентно ќе се стремат кон нејзино реализирање. Да им оформи позрел начин на размислување со кој ќе ја сфатат смислата на животот. Во сивилото во кое постоиме да гледаат раскошен спектар од бои, да имаат верен сопатник и перманентен придружник во сите сегменти од нивниот тежок и предизвикувачки живот. Книгата постојано ни нуди шанса да станеме позрели личности, да се развиваме, надградуваме и интелектуално да се оформуваме. Ни нуди шанса да станеме стабилни и оформени личности, кои имаат развиен начин на мислење за сите нерешени прашања кои просечниот човеков ум непрестајно си ги поставува без никаков конечен исход. Ни нуди шанса да се движиме, додека сè околу нас стои фиксирано во една мртва точка исполнета со бескрајна инертност, апатија и рамнодушност. Од нас самите зависи дали ќе ја прифатиме таа шанса, која неуморно ни го покажува патот кој води до исполнет, вреден и раскошен живот.

 

Парадоксалната природа на читањето лежи во тоа што се дистанцираме од светот за да го разбереме.“ – Даниел Пенак

+55