[Литература] Стефанија Јовческа – I година
Стефанија Јовческа – I година
Домашна работа – македонски јазик и литература
Есеј
Што ме движи кога сѐ стои?
Сите ние се соочуваме со пандемија од светски размери. Многу од нас сме затворени дома, ги исполнуваме нашите обврски онлајн преку компјутер и голем дел од времето се затвораме во соба пред компјутерот. На многу од нас секојдневните активности коишто ни беа рутина пред да започне пандемијата ни се променија, а и дел моравме целосно да ги откажеме. И сите сме свесни дека не е нешто што трае краток период бидејќи цела година пројде од почетокот на карантинот и пандемијата. Иако сега е најважно да го зачуваме нашето физичко здравје, да почитуваме протоколи и да носиме маски, не значи дека треба да го занемариме нашето ментално здравје. Што е она што мене ми причинува среќа и задоволство секојдневно и како најдов начин да продолжам со активностите кои ме движат?
Најпрво, среќна сум кога ќе одвојам време да поминам со мојата фамилија, со пријатели и со моите домашни миленичиња. Со моите пријатели не се гледаме многу често бидејќи моменталните услови тоа не го дозволуваат. Се гледаме еднаш неделно и преку неделата се слушаме на телефон. Важно е да не се гледеме често и да се заштитиме меѓусебно од вирусот, но постојат начини пријателствата да се одржат. Тоа може да биде преку онлајн разговор како и договорена дружба на отворено, заштитени со маски. Со мојата фамилија поминуваме дел од нашето време заедно кога се дружиме, пуштаме музика или гледаме филм. Дома чуваме маче и папагал и интересно ни е да си играме со нив, да ги галиме и да се смееме. Некогаш и кога сум сама, домашните миленичиња се секогаш тука за друштво. Доколку сакате животни јас дефинитивно би ви препорачала да си земете домашно милениче и да се грижите за него. Едноставно миленичињата донесуваат позитивна енергија и зближување помеѓу фамилијата. Знам дека сите ние немаме можност да се гледаме со нашата поширока фамилија, но затоа можеме да им се јавиме на телефон и малку да поразговараме и да се прашаме како сме. Понекогаш еден телефонски повик со моите братучеди или пак со баба ми вистински ми внесуваат промена во денот и во моето расположение. Ние сме луѓе и меѓусебна комуникација ни е неопходна, затоа не треба да забораваме да се слушаме со нашите најблиски.
Како второ, физичката активност е онаа која ми дарува сила и среќа секојдневно. Јас вежбам балет, тој многу ме исполнува, понатаму пешачам во моето маало, на кеј, низ град или пак на планините Водно и Матка со моите родители. Дома вежбам, покрај балетот, физички фитнес вежби, јога и се тегнам. Јас лично вежбам неколку часа дневно од причина што тие вежби ми помагаат да го играм балетот, но исто така се и дел од мојата рутина и ми причинуваат среќа. Уживам да излезам на свеж воздух, да пешачам или да возам велосипед слушајќи музика и да си дозволам да не размислувам на ништо. Како препорака за секој од нас што едноставно е многу зафатен со обврски пред компјутер, јас би предложила да одвои краток период од денот и да излезе на прошетка, било дали е сам, со пријатели или со домашно милениче. Сметам дека некаков вид на физичка активност е неопходна за секој од нас, иако можеби таа не е комплетно иста со онаа што била пред да започне карантинот. Најдобро за сите е да најдеме начин да се движиме, барем краток период од денот, кое лично ни одговара. Нема потреба да се форсираме премногу, едноставно да размислиме на кој начин можеме да внесеме енергија во сопствениот ден.
Третото нешто што ме движи е училиштето, часовите, учењето, исполнувањето на моите обврски и училишните натпревари. Искрена да бидам, јас сум карактер кој е заинтересиран во многу различни области, а една од тие се природните науки. Затоа како трето хоби за мене се натпреварите на коишто учествувам од училиште. Јас оваа година се пријавив да учествувам на натпревар математика и биологија, бидејќи тие два предмети ми лежат и уживам да ги учам. Интересно е да се пронаоѓаме во различни насоки, а од време на време убаво е да излеземе од нашата безбедна зона и да пробаме нешто ново. Секој од нас учениците може да проба, доколку сака, да учествува на некој конкурс или натпревар или пак изработка на проект или видео. Можеби сега натпреварите не се начин за создавање на пријателства, бидејќи повеќето се на интернет, но можеме да ги прифатиме како сопствен предизвик и да пробаме што сé можеме да постигнеме кога ќе се потрудиме за нешто дополнително. Покрај натпреварите, генерално отсекогаш сум ги учела предметите редовно за на училиште и тоа учење ми исполнува голем дел од моето време. Редовното учење ми е рутина и јас не учам со сила, а една од навиките која сметам дека лично ми придонесува голем бенефит е способноста скоро секој ден да седнам, да го исклучам телефонот и да учам барем еден час. Тоа за мене е еден начин да се опуштам, да се исклучам од надворешниот свет и сѐ она што се случува и да се фокусирам на една работа.
Ми помага и да одвојам време за себеси, да гледам серија или филм кој ме интересира или пак да читам. За време на училишната година немам многу време за читање книги, но затоа за време на распустите сум слободна и често читам некој интересен роман или трилер. Доколку некој сака да проба да го развие читањето како навика, дефинитивно би го препорачала како активност која расположува и опушта.
Дел од активностите што ги наведов ми биле од порано навика, а дел ми станаа рутина за време на карантинот, но генерално тие се оние кои ми причинуваат задоволство, среќа и надеж, а и некои ме релаксираат. На секој кој му е веќе здодевно од овој начин на живот го охрабрувам да започне некоја нова активност или хоби и да најде начин да внесе свежина во деновите.
Најважно од сé е да не паничиме, да се релаксираме, да се зближиме со фамилијата и да си помагаме еден на друг. Бидејќи никомуј не му е лесно. Важно е да најдеме начини да задржиме позитивни мисли за нас, нашата фамилија и за сите останати. И никогаш да не се откажуваме. Да веруваме во подобра иднина за целиот свет. Свесна сум дека оваа пандемија е голема закана за светот, причинител е за смрт, тага, загуба и грижа. Благодарна сум што мојата фамилија и јас не сме заразени од вирусот, што го имаме зачувано нашето здравје и благодарна сум што имам услови за живот од дома. Знам дека сите ние се трудиме да ги задржиме пријателствата, позитивните мисли и да ги исполниме секојдневните обврски. Најмногу од сѐ посакувам здравје на секој човек, посакувам среќа и се надевам дека што поскоро ние ќе го пребродиме овој вирус.