[Литература] Сара Наковска – VII одд.
Што ме движи кога сѐ стои?
Се будам и почнува моето движење. Топката се тркала, се движи, децата на велосипедите се движат, но јас стојам. Наоколу нема други движења, тоа е во моите мисли. Тие непрестојано се двжат. Прават патеки на кои има траги. Дувнува ветре и ја крева правта. Возрасните се многу загрижени. Ги кријат лицата, но јас знам дека се случило нешто. Тој ден моите родители не заминаа на работа. Денот течеше, но работите стоеја во место. Мајка ми ме прегрна и ми соопшти дека сме загубиле блиска личност. Јас се обидов да разберам, ама немав одговори на многу прашања и затоа останав скаменета, а во себе поставив многу прашања. Зошто? Како? Кога? Мојата мајка немаше сила да ми објасни. Почнав сама да размислувам. Сѐ застана, ништо не се случува. Многу е чудно. Оваа пандемија почна да ни ги зема блиските. Покрај сѐ, животот продолжува. Сѐ додека дишам, се движам. Моите мисли патуваат, јас патувам заедно со нив. Движењето е мојот живот и животот на другите. Сега сѐ е поинаку, училиште од дома, нема добро утро на соседите, нема смрзнати образи и зацрвенети носиња. Поинаков живот, во кој сѐ стои, само животот заминува и нашето детство заминува. Тагата и среќата се сретнуваат и разаминуваат. Секоја оди на својата страна. Секој ден е неизвесен, што ли ќе донесе, се прашувам. Лицето на мојата мајка ми зборува многу. Стои пред мене, а јас знам дека и ова мора да помине. Следното утро ќе ја видам насмевката и надежта. Изгубивме близок, но животот мора да тече. Сѐ ќе се промени, а јас морам да одам по патот на кој стојам. Ден, два, три – времето минува, нови мисли и нови настани се случуваат. Збунето стојам на прозорецот. Го набљудувам времето. И тоа е како мислите. Еден ден сонце, другиот дожд. Ваков ли е животот на возрасните, а јас и другарчињата брзаме да пораснеме, брзаме кон времето-невреме, бури, молњи и громови. Тоа ли е животот, од среќа се претвори во несреќа, а сите сме немоќни. Нема начин да си помогнеме, едноставно треба да ја прифатиме реалноста, болката, солзите, и тие нѐ движат напред. Ние стоиме во детството, невини деца, а нашите мисли брзаат кон возрасните, кон деновите со многу грижи и неизвесности. Мама често ми вели: „Ти си сѐ уште дете, мала си.“ Но јас како да пораснав побрзо, гледајќи како невремето го движи светот. Облаци тмурни над нашето небо, а сите чекаме зрак сонце да огрее во душата наша. Животот нѐ движи сите – некого нагоре, некого надолу. Ја слушам мајка ми, како вели: „Многу ќе ми недостига, требаше да се сретнеме, а таа замина на лекување и оттаму не се спаси, не ја победи болеста, престана да дише“… Мала сум, имам само дванаесет години, ама и јас ја разбрав смртта, на некој близок. Сега мора да продолжиме да се бориме и да дишеме за новиот ден, животот кој нам ни останува. Сега ми е јасно дека животот нѐ движи и животот нѐ стопира. Ме движи надежта, ме движи гласот на мојата мајка, моето семејство.
Тоа е најважно, сѐ додека сме блиску, нема стоење, само движење кон новиот ден и нови желби, нови мечти и препреки. Детството е моето движење. Возрасните велат дека децата треба да се безгрижни, да имаат среќно детство, но дали ние го имаме тоа? Грижите на возрасните се и наш товар. Грижи од минатото, сегашноста и што ќе биде во иднината. Дали нашето детство е тоа што треба да биде, да нѐ подготви за животот на возрасните. Тешко е да се живее во безгрижност кога многу работи ни се забранети. Ограничени сме со движењето, чувствувам како да сум ограничена и во мислите. Стојам јас, стои целиот свет, земјата се движи, желбите се движат. Постојано имам некои желби. Само желбите не застануваат. Тие се тука да ни дадат надеж, да нѐ движат напред, нѐ креваат во небото, високо патуваме. Мојата желба ми е да го посетам Париз, и ете навистина се случи тоа во фантазијата, во мислите јас сум таму. Лебдам над преубавиот Париз. Како Петар Пан се вивнувам и владеам со бескрајната шир. Кој може да ми го забрани ова чувство, кој може да ми забрани да патувам, да мечтаам.
Никој! Јас самата му се спротиставувам на целиот свет. Тој е безмилосен, на човештвото му донесе зло и маки, но ние мора да се спротивставиме, ако сме затворени дома, ние не сме затворени во умот. Мојот ум е широко отворен кон полињата, планините и небесната шир. Повеќе не стојам во место, имам идеја како да го раздвижам светот, нешто ме вивнува високо, а височината е бескрајно убава. Таму нема пречки, само остварени соништа и мечти за нешто недостижно. Јас сум насекаде, нешто ме притиска, гледам низ прозорецот од височината. Гледам многу куќи, покриви од стотици куќи. Се прашувам: Колку тајни кријат тие куќи. Во секоја има различна приказна. Секое семејство крие своја тајна и живее по свои правила. Но судбината ни е заедничка. Овој воздух е заеднички, заедно го дишиме и заедно се гушиме. Нешто нѐ притиска, сите во страв излегуваме и ја прескокнувавме оградата, таа е само тврда пречка на мојот простор, но јас сум храбра, скокам и веќе го исполнувам сонот на слобода. Во минатото народот за слобода се борел со пушки. Војниците се криеле во планините. Чекале или да бидат убиени или да убијат некого. Денес се војува од дома, никој не пука со пушки, а луѓето се убиени од нешто невидливо. Тоа што не го гледаме е болест. Таа го застана целиот свет. Вестите бргу се проширија и целиот свет застана да се движи. Воздухот стана премногу скап. Не знаеш дали да го дишеш. Сепак, мора да дишам. Додека дишам, се борам со самата себе. Војувам со своите желби и идеи. Посакувам секој момент да можев да го поминам со моите другарки, заедно да наоѓавме одговори, така ќе беше сѐ полесно, а вака се имам самата себе. Можам бескрајно да скокам и да патувам, но осаменоста ме запира и ми ги расипува плановите. Моето семејство е тука и тоа е заробено меѓу ѕидовите, каде што на прв поглед изгледа дека сѐ е во ред. Стравот е голем, што ќе се случи, неизвесно е да се дочека наредниот ден. Што ли ќе донесе? Добро или лошо? Доброто нѐ движи, а лошото нѐ запира. Ниту возрасните немаат решение. И тие се беспомошни. И богатите и сиромашните се на исто скалило. Може да се падне или да се остане, борбата е голема, но ние не знаеме кој е победникот, дали тој што паѓа или тој што останува. Ноќта е понекогаш посветла од денот. Јас имам нешто што ме движи секогаш. Кога сакам да се откажам и да се вратам назад, тоа е мојата желба, да не се откажам и да издржам секогаш. Животот е нашето движење, дишење и неоткажување.