[Литература] Павел Ѓиновски – VI одд.

ШТО МЕ ДВИЖИ ДОДЕКА СЕ’ СТОИ

 

Секојдневно заедно го живееме ова тешко време, време на пандемија предизвикана од вирусот Ковид-19, со која светот се бори повеќе од една година.

Економската криза, изгубените животи, крахираните здравствени системи, ограничувањето на правата за патување и огранизирање на јавни манифестации и слично, секојдневно ни покажуваат колку ни е всушност значајна и потребна солидарноста во современите демократски општества. Некако како природата да не потсети на она што со години наназад сме го изгубиле, вредностите на семејството, толеранцијата помеѓу луѓето, солидарноста и недискриминацијата.

Во ова тешко време кое допре до сите нас, постојано барам сила што ќе ме движи додека се’ стои. Дали таа сила доаѓа од моето семејство, од училиштето, од другарите, спортот или пак нешто друго, е прашање кое често почнав да си го поставувам на мои 12 години. Сфаќам дека нашето здравје е најважно, како и здравјето на моите најблиски. Топлината на семејниот дом, бесконечната родителска љубов, обостраната и секојдневна поддршка што ја имаме со наставниците, мојата пасија кон кошарката, сето ова ми дава сила да ја издржам тежината и неизвесноста на денешницата.

И ден денеска живеејќи под рестриктивни мерки, свесен сум за тоа што изгубивме досега, за сите нереализирани планови, за сите непрославени родендени, семејни патувања, спортски кампови, празни трибини на натпревари. Веќе долго време ми недостигаат моите наставници , кои несебично секојдневно ни ги предаваат лекциите по училишните предмети, со целaта нивна посветеност и трпение.

Оваа беше и се уште е тешка година за сите нас, ни одзеде многу, другари, пријатели, слобода, мир.. но јас, се’ додека сум опкружен со моето семејство и моите најблиски и се’ додека тие се безбедни и здрави, не можам да посакам ништо повеќе. Но, како што велат постарите, во секое лошо има и добро. Се повеќе гледам позитивни насмеани лица, кои заедно шетаат или спортуваат по парковите, на кеј од реката Вардар или пак на планината Водно. Обврската да се биде дома, наметната преку почитувањето на мерките кои секојдневно ги носат властите, придонесоа за еден вид на семејна сплотеност, која истовремено дава сила, да се надмине и истрае во оваа време.

Самата здравствена криза како да го наметна начелото на толерантност, хуманост и недискриминација, да биде основен двигател на денешното живеење. Секојдневно се информираме од медиумите за хумани гестови кои луѓето несебично ги прават за да му помогнат на некој друг. Посебно ме радува што читам за хуманост во поглед на медицината за што побрзо и поефикасно надминување на здравствената криза, со помош во медицинска опрема и вакцини, која нашата држава ја добива од соседните држави и земјите од регионот. Но, посебна благодарност за ублажување на здравствената криза, поддршката за многу други процеси, отворени прашања и спорови со соседните држави, сакам да упатам до Европска унија, со надеж дека еден ден Република Северна Македонија ќе стане дел од големото европско семејство. Да не ја изоставам и помошта која државата несебично ја дава на сите засегнати граѓани и компании, преку различни финансиски пакети, за што полесно пребродување на овој период, кој што на ваков или онаков начин допре до сите нас.

 

 

 

Но исто така, сведоци сме деновиве за хумани потези во поглед на донирање на органи од веќе починати лица, на оние кои што им се елементарно потребни за да можат да го продолжат својот живот, веќе втор пат зе една година сме сведоци на највиоск акт на човечка хуманост во нашата држава, пресадување на човечко срце.

Разликите помеѓу луѓето, возрасните, различните по вера, боја, нација имам чувство дека се намалуваат, а толеранцијата да зазема поголем замав. Да се почитуваат различностите, да се работи на подигнувањето на свеста за почитување на човековите права, секој во општеството да придонесува за безбеден живот без насилство, омраза, непочитување и понижување како да стана главна порака на денешницата. Можеби на ова не научи кризата, можеби требаше нешто да се случи за да не се брза по престижот, моќта и богатството. Бидејќи сепак сите сме луѓе, некои со повеќе материјални работи, други со помалку, но сепак сме луѓе. Затоа што дојде време да се браниме и пазиме од една болест, која за жал однесе и богати и сиромашни човечки животи.

Но, не знам ова колку ќе трае. Не знам дали сите ќе успееме да се заштитиме од ова болест, но едно знам. Како држава сме имале убави моменти, сме славеле многу спортски победи, но сме имале и тешки моменти. Сме надминале планини од проблеми и пливале во океан од среќа.

Ќе го надминеме и ова. Се надевам дека сите заедно ќе имаме доволно сила да издржиме уште малку, да бидеме мудри, умни и да извлечеме поука од сето ова. За време на полицискиот час сите научивме дома да бидеме покреативни, меѓусебната благодарност и ситните гестови во семејството придонесоа да се зајакне емотивната благосостојба, која пак ни помага да ја развиеме емотивната издржливост што ни е потребна во стресни времиња.

Оваа криза зеде данок на човештвото, но истовремено им се даде можност на различните генерации да се здружат, а можеби и започна да ги обликува нашите помлади генерации, поинаку да размислуваат за својата улога, но и тоа како поединци можеме на свој начин да придонесеме кон изнаоѓање решение за колективните проблеми. Се научивме дека тешките ситуации можат да се надминат со поддршка, свесност и грижа. Грижа за себе и за најблиските, поддршка за најзагрозените и свесност за солидарност во заедницата каде што живееме.

Додека сите процеси се нормализираат во светот и кај нас, мене како ученик ќе ме движи, љубовта од моите најблиски кои се трудат несебично да ми ја дадат и покажат, мојата љубов кон кошарката која секојдневно ја споделувам со мојот тим, силата која ја добивам од моите другари, како и безрезервната подршка од наставниците, со кои се надевам дека од септември ќе имаме можност да се дружиме и запознаеме вистински. А до тогаш на сите им посакувам да се чуваме и да останеме безбедни и здрави.

 

 

+91