[Литература] Николај Марковски – III година
Што ме движи кога сѐ стои
Во вакви времиња кога светот е на колена пред невидливиот непријател наречен Ковид-19, кој е толку мал, невидлив за човековото око, а толку моќен, вистински предизвик е да се најде движечка сила која ќе нѐ турка напред. Секојдневно сме бомбардирани од вознемирувачки информации за многуте заразени и починати луѓе ширум светот. Речиси и да не познавам некого кој не се соочил со стравот од губење на своите најблиски како резултат на оваа болест. На многу лица гледам грч кога ќе им заѕвони телефонот и кога само дел од секундата ги дели од добрата или лошата вест. Во овие моменти кај мене преовладува мислата дека не треба да се откажуваме и дека секој ден треба да бараме нешто што ќе не придвижува, нешто што ќе ни дава нова надеж.
Мене лично ме движат повеќе работи, а една од нив е фактот што неодамна моите баба и дедо и еден од моите родители се вакцинираа и со тоа се намали мојата секојдневна прекумерна грижа за нив. Многу луѓе ги изгубија своите блиски, особено постарите бидејќи тие се најпогодени од ова зло. Па така и јас секојдневно бев оптоварен со тоа дали доволно внимавам и дали не ги доведувам во опасност моите најблиски. Благодарение на современата медицина, тој товар малку ми е олеснат бидејќи сега знам дека моето семејство ќе ја преброди оваа пандемија. Единствено посакувам вакцините да бидат достапни и за сиромашните земји и да не бидат привилегија само за богататите, бидејќи човек не може да бира каде ќе се роди. Се надевам дека сега кога благодарение на социјалните мрежи целиот свет е поврзан, сите ќе се сплотиме во една целина и ќе најдеме начин како да се справиме, да си помогнеме и да издржиме.
Исто така мојата сила и потпора се моите другари и другарки кои ме прават многу среќен. Откако почна пандемијата заборавивме на родендени и забави, заборавивме да се гушнеме и бакнеме, си ги подзаборавивме лицата кои постојано ни се затскирени под маските, но не се заборавивме едни со други. Секоја комуникација со нив ми дава чувство на безгрижност и кога сум со нив заборавам на ова лудило кое го застана светот. Секогаш сме тука еден за друг и се поддржуваме во сите добри и лоши моменти. Знаеме да се исплачеме и да се изнасмееме без меѓусебно да се осудуваме. Позитивната енергија која меѓусебно ја споделуваме не може да се опише и многу сум благодарен што ги имам.
Јас како долгогодишен спортист голема движечка сила наоѓам и во спортот. Уште од мали нозе тренирам боречки вештини кои го јакнат и телото и духот. Спортот секогаш ми бил мотивација за успех, да одам напред во нови победи. Во овие тешки времиња спортот ми овозможуваше да ја извадам од мене целата негативна енергија и да ја заменам со позитивна мисла и нова надеж за подобро утре. Но, бидејќи сега како резултат на полицискиот час не можам активно да спортувам, тоа го надоместувам со интензивно возење велосипед. Оваа активност навистина ме ослободува и психички и физички. Кога се возам покрај кејот на реката Вардар добивам наплив на адреналин и брзам натпреварувајќи се со ветерот што прави да се чувствувам слободен и бестрашен. Во тие моменти заборавам на сѐ, ветрот е мојот единствен противник кој лесно можам да го победам. Посакувам таков лесен противник да беше и овој вирус.
Кога ќе почне полицискиот час целиот град се стишува. За разлика од минатата година кога луѓето за време на полицискиот час пуштаа музика, пееја, ракоплескаа за здравствените работници и се обидуваа на различни начини да ја покажат својата истрајност во оваа тешка борба со вирусот, оваа година со секој почеток на полицискиот час започнува и некоја непријатна и злокобна тишина. Не се слушаат ни луѓето, ни птиците, само по некое куче ако залае, како сите да се изморени од оваа борба која веќе трае повеќе од една година. Како луѓето полека да се откажуваат и се повлекуваат во своите мисли чекајќи да измине уште еден ден од низата исти денови полни со вознемирувачки вести. Овој дел од денот за мене лично е најтежок. Затоа се претворам во единствениот бунтовник во мојата населба и пуштам гласна музика. Секој момент очекувам некој сосед да се побуни, но досега никој не го сторил тоа. Можеби и на моите соседи како и мене музиката ни дава утеха и ни овозможува да си создадеме свој безбеден свет.
Оваа пандемија нѐ тера сите да бараме бегство од реалноста, да најдеме нови начини на поврзување, на помагање и нова надеж со секој нов ден. Да не дозволиме светот да стои, туку да го придвижеме со тоа што секој од нас поединечно ќе го даде својот придонес. Јас својот придонес го започнав помагајќи им на моите баба и дедо со купување на неопходните намирници. Сега тоа го правам за најстарите соседи во влезот од нашата зграда кои живеат еден спрат под нас. По телефон ја добивам нивната нарачка која им ја оставам пред врата и за возврат по телефон добивам виртуелни прегратки и насмевки и по некое чоколадо во живо. Понекогаш телефонски им помагам кога не им работи далечинското за телевизорот, па покрај тоа ќе си направиме еден куп други муабети, за нивниот внук кој не го виделе со месеци, за нивните денови од младоста и што ли уште не. Знам дека им е тешко на луѓето и дека им треба разговор, затоа се трудам да сум тука за нив.
Се обидувам да придонесам и на други начини, телефонски донирам за луѓето што се борат за живот со овој вирус, но им помагам и на животните кои луѓето како да ги заборавија за време на оваа пандемија. Затоа им носам храна на Чоко, на Брауни, на Мара и на Лиса, чија безусловна љубов силно ме движи напред.
И додека светот стои како некој да стиснал на пауза и сите луѓе се преплавени со негативни емоции како страв, лутина, безнадежност и очај, јас решив да продолжам да се движам. Не се откажувам и не дозволувам овие емоции и мене да ме совладаат затоа што сум цврсто убеден дека еднаш ќе ѝ дојде крајот на оваа пандемија, дека ние луѓето како најснаодливи суштества на оваа планета ќе успееме да го победиме вирусот. Без разлика колку удари да ни зададе и колку мутации да направи, ние ќе најдеме начин како да се вратиме на нормалниот живот. И верувам дека во не така далечна иднина ќе осамне и тој ден, ден без Ковид-19.