[Литература] Мери Димитриевска – VIII одд.

 

 

МУЗИКАТА Е СИЛАТА ШТО МЕ ВОДИ И МЕ ДВИЖИ

 

Во свет во кој што изгледа дека се стои, мирува, и се е како заробено во еден невидлив балон наречен „Пандемија од вирусот Ковид 19“, силата која што мене ме води и ме движи е музиката.

Музиката е еден од најстарите начини на комуникација уште од почетокот на човештвото. Според историските податоци, музиката всушност настанала и пред да биде измислен пишаниот збор. Тоа покажува дека музиката е длабоко вкоренета во самото постоење на човекот и ги одразува неговите најдлабоки мисли и чувства. Човекот, како суштество обдарено со разум, е создаден да ужива во звуците што го опкружуваат. Во предисториските времиња првите луѓе ја користеле музиката за да им се обраќаат на природните сили кои не ги разбирале и за кои сметале дека се богови.

Музиката се спомнува дури и во Библијата и во неколку библиски книги е опишано како после некоја извојувана победа Израелците, кои важеле за народ избран од Бог, ја користеле музиката за да ја прослават својата победа и да му се заблагодарат на Бог. Тие свиреле на различни инструменти како што се дајре или харфа и пееле фалбени песни. Исто така, речиси една десетина од самата Библија е сочинета од песни (Псалми, Песна над песните и Плач Еремиин), а самиот збор песна се споменува на повеќе од 300 места како нешто што е директно поврзано со обожавањето на Бог. За библискиот цар Давид, кој бил надарен музичар и композитор, се вели дека организирал околу 4000 луѓе кои служеле како музичари и пејачи во храмот во Ерусалим и нивната единствена задача била да и се посветат на музиката.

За старите Грци, музиката исто така имала особено важно место во обожавањето на нивните богови, но и во целокупниот друштвен живот. Старите Грци биле познати по нивните раскошни гозби на кои задолжително била присутна и музиката. Благодарение на нив ние до ден денес го имаме еден од најубавите митови поврзани за музиката, а тоа е митот за Орфеј и Евридика. Орфеј бил легендарен музичар, пророк и поет од античката грчка религија и митологија. Тој имал униктна дарба со својата музика, како со магија, да ги привлекува сите живи суштества, па дури и камењата и заради тоа им бил омилен и на боговите. Според легендата, еден ден неговата сакана жена Евридика била нападната од Сатир (митолошко суштество за кое се сметало дека е шумски демон и најчесто е прикажуван како получовек и полуживотно). Обидувајќи се да му избега на сатирот Евридика паднала во легло со змии, била смртносно касната од змиите и умрела. Според верувањата на старите Грци, по смртта Евридика била однесена во подземниот свет. Орфеј толку многу жалел по Евридика и ги молел боговите што тие му дозволиле да оди во подземниот свет и да ја спаси од таму. Цело време додека одел низ подземниот свет Орфеј свирел на својата лира и на тој начин успеал да го смири и богот на подземјето наречен Хадес (или Ад), па така тој му дозволил да ја изведе Евридика, но му поставил еден важен услов. Сè додека не излезат од подземниот свет Орфеј морал да оди пред Евридика и да свири на својата лира без воопшто да се сврти назад. Орфеј направил така и успеал да ја извлече Евридика од подземјето, но баш тогаш кога стигнале на последната скала за да излезат Орфеј веќе не можел да се воздржи, заборавил на условот од боговите и се свртел. Во тој момент Евридика повторно се вратила во подземниот свет, но овојпат засекогаш. Заради тоа што засекогаш ја изгубил својата сакана Орфеј толку многу тагувал, што ниту јадел, ниту пиел и умрел од тага.

Од Библијата и од старите Грци учиме дека музиката може да ги охрабрува луѓето, да ги развеселува, да влијае на нивното расположение, па дури и да лекува. Моќта на музиката да лекува е присутна во сите историски периоди, а особено е актуелна последниве децении. Во медицината денес постои посебна гранка наречена музикотерапија и тоа е еден посебен вид на терапија во која што преку специјално одбрана музика се лекуваат различни болести, односно пореметувања. Музикотерапијата се покажала како особено ефикасна кај луќе кои се борат со различни психолошки пореметувања и состојби, како што се депресија и анксиозност, па дури и кај деца и возрасни кои страдаат од аутизам. Во денешно време науката потврдила дека музиката влијае на ритамот на срцето, односно на бројот на отчукувања на срцето во една минута, на самото дишење и на целокупната душевна состојба на некоја личност.

Во книгата Прирачник за справување со стресот (Principles and Practice of Stress Management) пишува: „ Една од причините зошто среќаваме музика во речиси сите култури е тоа што таа влијае добро врз здравјето“. Во истиот овој прирачник пишува и дека слушањето на тивка музика: „значително го намалува нивото на хормонот на стрес при операција“, а фирмираното списание Psychologies истакнува дека „додека пееме, целото тело вибрира. Овие нежни вибрации ги опуштаат и ги шират ткивата, а тоа може да ги смири болките“.

Сето ова покажува дека музиката навистина има неверојатна моќ да влијае на луѓето. Затоа мислам дека со право велат дека музиката е универзален јазик кој го разбираат сите. Ти можеш да слушаш песна со текст кој е напишан на странски јазик, па сепак нејзините звуци да предизвикаат во тебе милиони чувства. Музиката е нешто што обединува и зближува. Таа не ги дели луѓето по ниту една основа, ниту по националност, по боја на кожа, по вероисповед или по социјален статус. Доказ за тоа е што денес на музичката сцена во светот постојат популарни пејачи кои одржуваат концерти на сите континетни и имаат свои обожаватели насекаде низ светот.

Кога слушам музика јас ја чувствувам нејзината сила, дозволувам таа да ги обликува моите мисли, со еден потег на волшебник да ги претвора од негативни во позитивни и да ми помогне да се справам со некој проблем или ситуација. За мене музиката е движечка сила која ми помага да се смеам, да гледам позитивно на нештата околу себе, да бидам креативна, да се дружам, да ги правам сите нешта со поголем ентузијазам и повеќе сила. Особено сега, кога во една симболична смисла „светот околу нас стои“, музиката буквално го движи мојот внатрешен свет. Слушам музика кога учам, кога работам нешто, кога се дружам со другарките… Еден од најпознатите гитаристи на сите времиња Џими Хендрикс рекол: „Музиката не лаже. Ако постои нешто што може да се промени во овој свет, тоа може да се случи единствено преку неа.“ За мене музиката е искрена, вистинска и инспиративна. Бертолд Ауербах рекол „Музиката е единствениот светски јазик, не треба да се преведува, душата зборува со душата во неа“. Мојата душа се поврзува со светот околу мене токму преку музика и затоа таа е мојата сила што ме води и ме движи.

 

+6