[Литература] Матеја Талевска – VIII одд.
Што ме движи кога се стои?
Толку мал, а толку моќен збор. Живот. Животот е една телевизиска кутија со ред неочекувани настани.Тој е такво место во кое и од тагата доаѓа среќа и од насмевката доаѓаат солзи. Многу е мал, а толку моќен, толку тежок, а толку убав. Едноставно е кутија со лаги и вистини, со разни лица и приказни.
Кога ќе размислам животот е како воз. Секој човек тргнува од една почетна точка и мора да го помине патувањето со другите патници, но ние не ги избираме патниците кои патуваат со нас, ние само можеме да се прилагодиме кон нив или дистанцираме од нив. Но мораме да патуваме. Како што ние не избираме кога тргнуваме, така не избираме и кога се симнуваме од возот. Но тој период додека сме заедно имаме иста цел: Сите патуваме. Многу би сакала да напишам дека животот на сите луѓе им носи среќа и неизмерна радост, но за жал сите луѓе не се среќни во својот живот. Но навистина некогаш не знаеме да го препознаеме тоа мало ,,нешто“ што би ни ја вратило насмевката , што би додало друг израз на лицето, нешто што ќе ни го обои светот во најубавите бои. Трчајќи низ животот, итајќи кон остварување-честопати кон невозможното, барајќи совршенство во секоја активност, се губиме во шумата наречена вистински живот. Современиот живот ни наметна стандарди и животни стилови кои мислиме дека не интегрираат, а всушност не разделуваат, мислиме дека не спојуваат и вртат едни кон други, а реално не отуѓуваат. Ние луѓето сме многу чудни, понекогаш тргаме по ,,големите нешта“, а најчесто нив не можеме да ги имаме. Така, не ги забележуваме оние малечки нешта, кои кога добро би ги склопиле, би дале прекрасна слика за тоа како треба да изгледа совршенство. Но, досега не сум имала прилика да размислувам за многу работи што ми се случувале. Многу работи не сум знаела да ценам и на многу работи сум давала важност, а всушност и не биле толку важни. Не сум знаела дека дождот ме прави среќна.Сфатив дека читањето книги е она што ме исполнува, ме прави среќна. Играње карти и монопол во домашна атмосфера всушност и не било толку лошо, само треба да сме да го препознаеме моментот кој не прави среќни. И покрај се, човек се раѓа за да живее, а еден ден само да го снема од овој свет. Тогаш која е смислата на нашето живеење? Мене се ми изгледа како круг во кој постојано се вртиме. Затвораме една врата, отвораме друга, со едни луѓе се разделуваме, со други се среќаваме. Постојано живееме под некои правила напишани или не напишани. Околу нас се луѓето кои ги цениме и сакаме личности кои ни даваат храброст да се движиме додека се стои. Сепак кога ќе размислам поубаво човекот е всушност само една марионета, чии конци ги држат други луѓе од неговото опкружување. Вистината е во тоа што доколку некој остане тоа што навистина е, би останал сам на светот. Затоа постојат нервози, стресови. Затоа што ни еден човек не е тоа што е! Понекогаш се прашувам дали живееме во проклето ретро општество? Дали луѓето се навистина толку злобни? Зошто сите чувствуваат некаква потреба некому да судат, да критикуваат, да го делат правилното во неправилно? Но некои луѓе не препознаваат дека нивните големи куќи, богатството, скапите автомобили, брендираната гардероба, гламурот и сјајот нема да направат од нив подобри и посреќни луѓе. Можеби за миг ќе почувствуваат возбуда и позитивен трепет, но дефинитивно среќата не доаѓа толку едноставно и еквивалентно со богатството, таа со пари не се купува, среќата се создава и извира од секојдневните ситни нешта. Среќата доаѓа од благодарноста изречена од некој добронамерник за помошта што си му ја дал, од успехот кој си го постигнал преку макотрпната работа, среќата доаѓа со насмевката на лицата кои ти значат, среќата доаѓа од многу мали работи. Треба да уживаме во животот и да го цениме тоа што го имаме затоа што помислата дека во светот постојат луѓе кои имаат многу помалку од нас, а ние се жалиме на тоа што го имаме е многу неправедна спрема нив. Да бидеме среќни и позитивни за тоа што ни се случува, само на тој начин ќе ја изградиме нашата личност. Ете ова време во кое сме денес сите не научи само една работа, а тоа е еднаквост. Оваа пандемија која владее низ целиот свет ни покажа дека сите сме исти без разлика на нашата вера, култура, обичаи, без разлика дали сме сиромашни или богати. Потребно е само малку трпение и поддршка за да ја надминеме кризата. “Без дожд, нема сонце“ е стара изрека која јас сега ќе ја употребам како мала утеха во ова тешко и неочекувано време. Некои од луѓето ќе речат дека им е тешко да ги почитуваат мерките за заштита, но сигурно не им е полесно на тие кои лежат по креветите во болниците, тие кои изгубиле блиски личности, но во ова време на никој не му е лесно, затоа и се дадени тие мерки за претпазливост и треба да се почитуваат. Но ако некој би ме запрашал мене за тоа што сум научила од ова што се случува сега би му рекла дека ова време ме научи да сакам, да слушам, да се грижам, да почитувам и да помагам.На многу мали години сфатив дека животот не носи во различни насоки, и затоа е потребно да живееме во моментот, и без никаква потребата да мислиме на минатото или на иднината.Сфатив дека во животот не треба да ни е сѐ совршено за да бидеме среќни и да се цениме себе и сѐ околу нас. Меѓутоа зошто чекаме да се случи нешто лошо за да знаеме да го цениме доброто? Ете затоа не знаеме да ги цениме малите работи кои не прават среќни. Но суштината е во тоа, сите да бидат среќни. Баш би сакала свет во кој сите би се сакале и би се почитувале меѓусебно. Кога секој човек би го живеел својот живот на свој начин почитувајќи го туѓиот избор би се живеело многу полесно. Но најпрво треба да си веруваме најмногу на самите себеси за да го постигнеме тоа што го сакаме затоа што без труд нема добивка, а додека да стигнеме до крајниот резултат треба да собереме храброст за сите препреки кои ќе ни излезат на патот да ги надминеме. Секој ден од животот е борба, но ако живееме реално и вистинито, ќе ја откриеме смислата на животот низ среќа и радост. Тоа е целта на секој човек. Тоа е тоа што го движи човекот понатаму. Животот е убав со убави доживувања, со искрени другарувања со радост и смеа. За некој смислата на животот е доброто и злото, војната и мирот, болеста и здравјето, радоста и среќата. За мене смислата на животот е да бидам секогаш гордо исправена пред секоја препрека, насмеана и полна со љубов. Да се радувам на успесите, да не тагувам премногу по несреќите и да бидам оптимист. Живеејќи да им помогнам на блиските, да делам љубов и добрина и да не очекувам таа да ми биде возвратена. Да се борам за своите идеали и да имам цел во животот, да бидам тоа што сум, а не тоа што другите ќе речат – тоа е смислата на животот. Не треба никој од нас да се препушти на судбината и да се помири со неуспесите. Треба да бидеме упорни и трпеливи. Секако треба да веруваме во судбинското, но треба да сакаме да ја измениме судбината кон подобар и посреќен живот. Во ваква смисла е мојата борба со животот.
Животот е дар, животот е вдахновение. Ние не го живееме животот, животот не живее нас. Ние сме само средство кое избира како ќе го живее тој драгоцен дар. Животот е премиера, нема реприза. Тој е премногу краток, затоа живеј го како што ти сакаш затоа што само ти си го избираш патот кон твоите цели. Тој не учи да го сакаме она што го имаме а не она по кое мечтаеме. Искористи го секој миг, годините се само бројки. Не сонувај го животот, живеј го својот сон.