[Литература] Марија Петреска – II година

Што ме движи кога сè стои?

Знаете ли што е тоа што е најбрзо на свет? Не, не е сончевата светлина, тоа е мислата. Нашите мисли се премногу брзи може да не однесат за миг на најпосакуваните места. Сега сум тука, после сум таму. Магично. Некогаш тоа е и моментот кога сте физички присутни во една просторија, а вашата мисла сосема на друго место. Ние стоиме, таа се движи. Истото функционира и кога сè околу нас стои. Сè стои, а ние со помош на нашите мисли имагинарно се движиме.

Кога на почетокот од претходната година сè застана, ние кои бевме навикнати на екстремно брз, напорен и зафатен живот, баравме и најмала активност која нè држи во движење без да размислиме на тоа дека треба физички да одмориме. Тоа беше нагла промена за сите нас кои бевме постојано во трка со времето не знаејќи зошто, како, до кога и многу други нешта. Промена која ни кажува дека колку времето и сè околу нас се движи брзо или бавно, ние сме тие што одлучуваме со кое темпо ќе се движиме самите. Сепак како што кажавме, нашата мисла е најбрза, а можеби и најмоќна. Таа може да нè движи и кога ние стоиме, а не пак кога сè друго стои. Мислата исто така е единственото нешто кое никогаш, НИКОГАШ, не може да мирува. Дури ни кога спиеме. Можеби чудно, можеби не, јас би го нарекла “Магично”.

Во време на пандемија, кога преовладува полицискиот час и сме длабоко навлезени во него, сè што може да правиме е да си посветиме време на себе си и на она што најмногу го сакаме, без разлика на тоа дали е тоа некоја личност, некое хоби или можеби милениче. Со правењето на тоа се релаксираме и се полниме со нова енергија која ни помага да продолжиме ефикасно да се движиме понатаму кога тој полициски час заврши и функционираме со полна пареа. Некој можеби ќе рече тоа не е функционирање кога се стои, но јас не би рекла така. Тоа би можело да се нарече на еден начин “ефикасна пасивност во општеството” која не трае долго, а потоа има добри резултати затоа што сме почнале со освежена сила и моќност.

Да размислиме вака, кога сите би работеле без престан (како што и правевме) и немавме време за себе, за средување на сопствените мисли и за “полнење” на нашите батерии, што ќе се случеше. Сите постојано се жалиме за тоа дека нашата работа е тешка, дека учењето и сите дополнителни активности ни имаат здодеано, одиме во кревет, спиеме неколку часа и истото од почеток. Тоа е еден монотон и здодевен живот кој сите ние го мразевме. Да, да мразење е тежок збор, но тоа е само реалноста која сите на некој начин ја прикриваме од шефот, професорот и општо, нашиот претпоставен во која активност и да сме. Но во моментот кога сè застанува, освен времето и нашите мисли сè е поинаку. Тогаш разбираме колку тоа ни било потребно. Момент на тишина исполнета со гласни на почеток неразбирливи, а потоа подредени мисли.

Во таков момент физички нè раздвижува музика. Нема некој што музика не може да го развесели. Без разлика на жанр, тон, инструментал или не, таа раздвижува. Со самиот ритам таа те поведува и како што вибрира таа, така вибрираш и ти. Тоа е и научно докажано со водата, какви вибрации и давате на водата, такви таа прима и вибрира на таа фреквенција. Доколку пуштате метал музика исполнета со агресивност во водата се создаваат остри, темни кристали, а доколку пуштате смирена музика со нежни тонови кристалите во водата се прекрасни. Не знам дали е овој експеримент спроведен на нас луѓето, но сигурна сум дека исто би реагирале со нашата аура. Во овој универзум нема нешто што навистина стои, сè се движи и кога навидум стои. Сè е енергија која вибрира на одредена фреквенција. Енергија која нè движи и одржува во живот. Енергија која исто така се рефлектира и ни го возвраќа сето она што го манифестираме и кажуваме.

Можеме да се движиме со зборови, можеме да се движиме со мелодија, со сликање, со сè она што може да го пренесеме со некаква визуелна, звучна или каква било форма. Не е движење само успешно извршена должност, добро постигнат успех, вежбање и нешто така. Движење е и создавањето, творењето, дури и кога тоа го правиме легнати во кревет удобрно сместени и со пенкало и лист во раката пишувајќи или цртајќи нешто во скутот. Движење со кое ја пренесуваме нашата имагинација. А имагинацијата не може да постои без инспирација. За тоа се погрижува околината која и кога стои е доволно инспиративна. Не можеме статичната околина да ја споредиме со раздвижената околина, но сепак таа е инспиративна сама по себе. Птиците, дрвјата животните, инсектите, за нив не важи полицискиот час, а и не се толку загрозени од сташниот вирус и ете ја инспирацијата. Ете ја до некаде среќната слика за нив затоа што колку и да сме ние луѓето “најинтелигентни суштества” сепак мора да си признаеме дека многу често знаеме да сме и штетници на остатокот од живиот свет. Кога ја гледаме оваа слика гледаме прекрасно нешто и посакуваме да остане така. Замислуваме како би можеле да направиме светот да е прекрасен и замислуваме на кој начин да ги оствариме нашите соништа и тоа го пренесуваме на парче хартија.

Не движи сè она што нè инспирира, нè движи сè она што мислиме, нè движи сè она што го сакаме и ни е инересно. Секој има свои нешта што го привлекуваат. Секој има свои комбинации на тие нешта. Јас го сакам ова, ти го сакаш тоа. А потоа ние го сакаме она третото. Милиони луѓе, милиони комбинации на вкусови, стилови, жанрови. Милиони мотивации за движење. Милиони темпа на истото. Сè стои, сè се движи не можеме навистина да кажеме кога точно, може само да го кажеме она што го гледаме од нашата перспектива.

Сè е онака како што ние самите сакаме да го видиме. Секој од своја точка и перспектива. Секој на свој оригинален начин. Сè се движи и сè стои во зависнот од тоа како ние го гледаме. Но сепак ништо нè стои навистина додека постои вибрацијата.

 

+218