[Литература] Луиза Гонев Чашуле – VII одд.

Конкурс на тема ‘‘Што ме движи кога сè стои‘‘

 

 

Есеј со наслов: Мали нешта кои не учат на големи работи

 

 

Не сум голем љубител на споделување емоции и не знам да се справам со нив, така што најчесто ги чувам во себе или ги пишувам во дневник. Ако сум сосема искрена, многу малку луѓе знаат дека пишувам. Сметам дека ми е единствен талент, и тоа ме исполнува кога сум осамена и затворена дома по полицискиот час. Размислувајќи за есејов и неговата тема, спротивно на себе, одлучив да споделам емоции.

Што ме движи?

Малите нешта, незабележливи мигови. Тие ме тераат да туркам напред, иако дадените околности не се подобруваат.

‘Малите нешта го сочинуваат животот‘ е фраза која често е користена и расфрлана насекаде без вистинско значење. Кога животот е нормален, најчесто ги прескокнуваме малите нешта и ги земаме здраво за готово, трчаме низ деновите без да забележиме што ни се случува, возбудено очекувајќи нешто ново. Но, животот ни се измени. И дури откога ќе се случи нешто вакво, разбираме и се каеме што не сме им посветиле повеќе внимание. Дури и сега некои не ги вреднуваат, но јас им придавам огромно внимание. И учам. Учам нешта кои можеби ги имавме подзаборавено. Учам за себе и за тоа каква сакам да бидам.

Со виртуелното учење и забраната за често излегување со пријатели, тешко е. Деновите најчесто ги поминувам дома сама, слушам музика, работам некоја училишна задача, со поглед вперен во веќе познатиот екран надевајќи се дека овој пат ќе најдам нова разонода. Се е веќе досадно, осамено. Деновите поминуваат се побавно и

побавно, музиката ми е веќе преслушана, задачите стануваат здодевни а екраните не успеваат да понудат забава.

Деновите ги поминувам мечтаејќи за детство. За вистинско, убаво детство, во кое наместо сама да седам и да пишувам домашна, ќе пишувам со другарите од одделение. Детство во кое секогаш ќе слушам нова музика на звучници, со друштво, во кое нема да седам сама во дневната пред телевизорот, туку ќе седам во полн ред во огромните

кино сали. Во вакви времиња, секој момент поминат со пријатели значи повеќе. Научив дека осаменоста и самотијата не се исто. Научив дека си требаме еден на друг.

Сите ние сме различни, различно изгледаме, се однесуваме, размислуваме, учиме, другаруваме. Кога дружењето беше секојдневна нормална активност и игравме во

школскиот двор, знаевме да бираме со кого ќе се дружиме, кого ќе примиме во нашето друштво. Биравме пријатели по тоа кој како е облечен, како зборува, какви играчки има, каде бил на одмор… Сега, изолираноста, бескрајната самотија, еднаквоста пред злото не научи дека сите сме си потребни едни на други. Без разлика дали некој има пречка во зборување, не знае математика или лошо зборува англиски, како се облекува или дали има наочари или не. Порано не мислев дека е толку лесно да се стават нашите различности на страна и да комуницираме, а дефинитивно не очекував дека ќе дојде до ваква човечка изолираност за да видам колку е лесно. Денес, ги ставаме разликите на

 

страна и едноставно другаруваме. Научивме да прифаќаме различности и да бидеме толерантни.

За време на виртуелното учење научивме и уште учиме да помагаме. Има повеќе професори и професорки кои немаат големо искуство со технологија и програмите што ги користиме, па ние им покажуваме како и им објаснуваме, а тие нам ни ги објаснуваат лекциите и тестовите. Многу од нас имаат трема кога одговараат, решаваат тестови, праќаат задачи. Секогаш кога можеме, си помагаме и се поддржуваме. Некои соученици не ги почитуваат правилата, се уфрлуваат во нечии збор и ги прекинуваат сите во повикот. Се трудиме да ги браниме тие чиј збор бил прекинат. Научивме да бидеме солидарни, да бидеме праведни.

Некогаш сакам да бидам сама, но не сакам да се чувствувам осамено. Има разлика. Овој период научив да поднесам и осаменост.Научив да си бидам доволна сама на себе и да ги гледам малите нешта и мигови што се секаде околу мене. Среќата што ме исполнува кога ќе здогледам добра оцена во е – дневникот. Кога се потсетувам како го гледам зајдисонцето со Јоана, на ноќите што ги поминувам допишувајќи се на телефон со пријатели или во група. Кога сите спијат а јас сама гледам филм во дневната. Кога седам во дворот доцна навечер. Мирисот на топлиот чај од камилица. Саботните утра кога е убаво времето. Седењето крај реката во Градскиот парк. Моментот кога кучето ќе ми заспие во скут, а подоцна и јас. Дождливите денови. Трчањето на облачно време.

Почнав нов спорт – класичен тренинг. Секој ден трчам покрај кеј, но денес нешто навистина ми го привлече вниманието. Беше облачно, дувкаше слаб ветер и одвреме навреме заросуваше. Седнав и се восхитив на погледот. Облаците се помрднаа благодарение на благиот ветер. Низ нив, сонцето едвај да пробиваше еден зрак. Во тој момент, научив дека секогаш треба да се надеваш. Дури и кога е најоблачно, сонцето ќе најде начин да зрачи. Зрачи топлина, зрачи надеж, зрачи живот.

Пандемијава ме измени. Но не ни знам дали на добар или на лош начин. Не знам што да очекувам. Само знам дека после секоја лоша работа, доаѓа добра. После секој здодевен и напорен ден, ќе дојде и интересен и опуштен ден. Можеби ќе биде вака уште 5 години, можеби уште 5 месеци. И јас ќе продолжам да уживам во малите моменти кои ме учат на големи работи. Ќе имам и лоши периоди, но и добри.

Што и да се случи, животот продолжува. Но, луѓето што ме движат и ме мотивираат низ сето ова, ќе останат. Вистинските секогаш остануваат, низ што и да поминеме, заедно или сами.

Иако на почетокот мислев дека ќе биде тешко, успеав. Го напишав есејот и со тоа споделив голем дел од мојот став, мислење и дел од моите емоции. Мало нешто кое ме научи на голема работа

 

+109