[Литература] Љубица Глигоровска – VIII одд.

Што ме движи кога сè стои

 

 

Живот, човек поминува низ детство, младост, старост. Се развива, зрее, старее. Овие фази низ животот носат и однесуваат разни мали и големи промени. Најголемите промени и преобразби настануваат за време на адолесценција кога човекот почнува да зрее. Тоа се моите години, деновите ми се прекрасни, сложени, возбудливи. По своите карактеристики, овој период од животот претставува темел и основа на многу одлики на возрасниот човек и формирање на личниот простор.

Преку ноќ се застана. Сè се случи во еден миг. Радоста, желбите се ставени на пауза. Но, мислата нема жива сила, која може да ја запре. Да, ни остана само таа. Но овој пат, сите со една мисла, до кога, како, што. Некои мораа на работа, некои мораа дома да седат животот за сите стана сив. Животот остана далеку во минатото, во спомените. Секој ден со истата мисла до кога, како, што.

Во овој комплициран период ни се случи најнеочекуваното. Точно пред една година сè започна со известувањето дека две недели нема да одиме во училиште. Непланиран распуст, за мене беше одлична вест, се спакував и право кај баба ми на гости. Првите две недели беа вистински распуст, но како одминуваше времето се појасно ми стануваше дека се застана. Желбата за самостојност, независност, несогласувањето со ставовите на возрасните околу мене веќе некое време ме вознемируваше. Размислував за светот околу себе, во овој момент премал, претесен за мене. На моите гласно кажани размислувања и ставови гледав како сите околу мене се воздржуваат од коментари со воздржана насмевка на лицето. Започнав да размислувам поцеловито, посистематично, како поквалитетно да го искористам времето во ова време- невреме.

Како и секоја пролет баба ми започна да ја подготвува градината, помогнав во чистењето на старите веке исушени и разградени остатоци од цвекиња од минатото лето. На баба ми и помогнав со идеи од интернет, разгледувавме и избиравме како да направиме во постоечкиот простор поинтересен и поразигран изглед на градината. Забавно беше, заедно бевме на пазар за да одлучиме кои цвеќиња од понудените ќе ни се вклопат во претходно избраниот изглед од шаренило, одлуката падна на мојот избор на боја на цвеќиња. Прекрасно време поминавме, сфатив дека природата е прекрасна, па и во моменти кога се е затворено. Баба ми ме научи дека цвеќињата ја чувствуваат љубовта преку вниманието кое им се посветува. Продолжив да се грижам за нив, радувајќи се на секој нов цвет.

Дедо ми во неговиот филм, по цел ден вести, колку заболени, колку умрени…. Тој е човек кој најмногу ужива кога работи, еден од малкуте во мојата околина кои одат и се враќаат од работа весели и зборуваат со уште поголем жар за утрешниот работен ден. Еден ден го прашав дали знае нешто различно да прави, освен да работи и вести да гледа. Зачудено ме погледна, се насмевна и ми предложи да играме “табла”, јас не знаев па почнав да учам. Тоа е турска игра, кај нас се играле три игри за разлика во Турција каде се играат дванаесет игри, си помислив, сигурно целиот живот само табла играат. На почетокот ми изгледаше тешко и не толку интересно, но не се откажував, најмногу поради тоа што успеав да го привлечам вниманието на дедо ми. Од ден на ден стануваше сè поинтересно, се научив како се редат плочките, кога ќе се наместат фрлените коцки броевите се кажуваат на турски, така што и тоа го научив. Започнав со гордост да кажувам “шеш-беш”, гласното смеење на дедо ми беше заразно. И така дедо ми успешно ми ја наметна љубовта кон оваа игра, адреналинот, неизвесноста од крајниот резултат и муабетите што ја следат играта…стана моја омилена игра.

Тестото, лепчето, кифличките, колачите…вистинска уметност во кујна и слобода на имагинацијата. Со баба ми правевме вистински уметнички дела, благо, солено, посно, со најразлични мириси, празник за сите сетила…. Додека сè стоеше мене ме поведе уште една љубов, слободата на изразување, незнаев дека сум толку вешта со рацете, колачите лесно се оформуваа, сите бевме воодушевени… од формите, вкусовите и аромите. Мирисот на зачини, топлината од вкусови, знаев најубавиот дом е мојот дом.

Многу ми недостигаа другарчињата, пријателите, наставниците, безгрижните и весели лица. Секојдневните случувања во училиште, насмевките, прегратките, веселите дофрлувања. Ми недостигаа и кога правеа проблеми и кога сите бевме казнети поради нечија погрешна постапка. Во деновите на пандемија кога учиме од дома , сфатив дека трудот кој го вложуваат нашите наставници е непроценлив. Сè е потешко без нивните објаснувања, материјалот го совладувам со вложување на многу поголем труд. Возбудата после секоја победа на натпреварите на одбојка, искрените прегратки на соиграчите. Ми фалеше искрената пофалба и бодрење на мојата наставничка по секоја успешно завршена композиција на флејта. Гордата насмевка и топлата прегратка по освоената награда. Љубовта кон музиката продолжуваше да ме води, не помина ден без мојата флејта. Во тие денови кога времето надвор од домовите беше застанато, композициите кои ми беа зададени веќе ги имав извежбано, започнав да свирам композиции од познати хитови. Соседите излегуваа на тераса, почнаа да изразуваат желби што наредно да свирам, станав важен лик во соседството, прекрасно чуство.

Нема шетање со другарите, нема игра на улица, нема излегување во природа, нема одење и доаѓање на гости. Сè стои, сè е затворено, кој каде се нашол таму… остануваат само желбите и обидите за поубав ден, поубав момент во услови на сите ограничувања. Филмови, телевизија, интернет, се започна со досадување…Мајка ми веќе некое време предлага да почнам да читам книги, со убедување дека светот на пишаниот збор е едно од најубавите места за уживање. Неколку наслови веќе ми се вртеа пред очи во нејзината библиотека. И така во ова време на претек, без многу очекувања и воодушевување влегов во ширум отворените порти од пишаниот збор. Започна времето брзо да минува, час по час, ден по ден, во светот на авантурите. Сè околу мене стои, а јас низ страниците се движам каде сакам и колку сакам, светот стана многу мал, го чувствував на дланка. Љубовта кон пишаниот збор за мене во овој период е најголемото откритие. Пресреќна сум што влегов во светот на книгите. Дефинитивно подобри од филмовите се книгите каде ликовите си ги претставувам во мојата имагинација, тоа е слободата која ми е потребна во моментот. Во тој свет се почувствував водена од емоции, слободна, инспирирана.

Во ова време на рестрикции, ограничено движење, време кога се е застанато сфатив дека единствено нешто што ме движи е љубовта. Секоја личност која е отворена за љубов си наоѓа многу љубови. Јас во желбата за поубав ден, со позитивен пристап кон сè што ми се нуди, сфатив дека секој ден не движи тоа што ние ќе избереме за наш двигател. Природата преку цвеќињата на баба ми, вкусотиите во кујната, таблата на дедо ми, поучните и забавни приказни. Музиката со мојата најдобра другарка, мојата флејта. Во најубавиот свет, светот на книгите.

Кога сè застана минатата година и постојано слушав до кога, како, што и додека чекавме времето да покаже, мене ме придвижи љубовта, кон природата, кон убавиот збор, кон искрената насмевка. Вистинскиот двигателот на светот, кон убавите нешта, кон возбудлива и убава иднина представува искрениот копнеж, искрената љубов.

 

 

 

 

 

 

 

+151