[Литература] Кирил Николовски – IX одд.
Што ме движи кога сѐ стои?
Што е она што може да ме движи, да ми даде сила кога целиот свет тапка во место? Ова ли е оној момент да се напушти зоната на комфорт и да се ослободи душата? Секој има своја зона во која има поставено свои граници. Но, дојде и оној момент во кој секој треба да ја крене рампата на својата граница и да подаде рака на оној до него. На оној кому тоа вистински му е потребно. Во овој момент на пандемија треба злобата, алчноста, завидливоста да се турнат длабоко во темнината и на површина да излезе добрината. Добрината која блеска од нашата душа.
Но, што е всушност добрината? Добрината не е да направиш нешто добро и да чекаш да ти се возврати во иста мера, со исти дела. Секој дава добрина онолку колку што му е широко срцето. Според мене, во оваа време, додека светот го раководи „невидливиот“ непријател наречен вирус, сите треба да ги прошириме нашите срца од добрина и да подаваме рака. Дали само добрината има тикет за да помина низ нашата рампа во срцето? Во мојот случај не е така. Се прашувам и кој сѐ може да ми биде движечка сила во сиот настанат хаос. Што друго може да ме движи? Дали љубовта се вреднува како движечка сила или, пак, како емоција. А, ако ја немаме таа емоција, па како ќе се движиме низ сево ова што ни се случува во моментот. Љубовта и добрината се држат рака под рака. Тие се неразделни другари. Ако едниот си замине и му ја затвори вратата на другиот, тој не ќе може да опстане. Без добрина не ќе можеш да даваш љубов, но има и случаи кога љубовта ја раѓа, ја турка на површина добрината. Денес треба цврсто да ги држиме за рака љубовта и добрината, затоа што тие нѐ движат напред и ни го прошируваат хоризонтот пред нас. Љубовта минува низ различни стадиуми, во кои се активни различни региони во мозокот. Некои луѓе дури сега сфатија што значи тоа да сакаш некого. Сфатија дека љубовта кон семејството треба да е најголема, дека треба да ја негуваат секојдневно. За прв пат се сретнаа очи во очи со стравот. Стравот од загуба. Некои искусија на своја кожа како е да се изгуби близок член од семејството. Сето тоа е многу болно и трогателно. Можеби е и вистинскиот момент да ги активираат сите пасивни клетки во нивниот мозок и да размислат што пропуштиле. Како поради сите обврски, заборавиле на семејниот собир, на родендените на нивните баби и дедовци, на сите натпревари на нивните деца, браќа и сестри и сѐ тоа само поради работа. Работа која носи пари. Голем процент луѓе ги движи материјалното задоволство. И еден ден кога ќе го постигнат сето тоа што го сакале во младоста,сфаќаат што се пропуштиле. Ја пропуштиле љубовта што ја замислувале во детството, им се враќа сликата на сѐ што го имале претходно, додека биле мали и среќни. Можеби ова што се случува денес на некој начин е и позитивно. Луѓето ја притиснаа својата сопирачка за намалување на брзината во својот живот и за момент уживаат со семејството. Секојдневно се гушкаат и ги изговараат највредните и најголемите зборови -те сакам. Почувствуваа какво е чувството несебично да даваш љубов,без никаква цена и очекување за нешто повеќе. Но, не треба да им судиме и на таквите луѓе, бидејќи секој од нас за миг се има најдено во ист кош со тие луѓе. Без разлика дали сакал или самите можности му го овозможиле тоа. Секој барем еднаш има заборавено да ја прегрне својата мајка на излегување од дома, да се јави на баба си и да ја праша како е. Тоа воопшто не е страшно, страшно е ако тоа се повторува повеќе пати.
Јас сум пресреќен што ги имам моите родители. Тие секогаш ми покажуваат како е да сакаш и да се грижиш за некого. Без разлика дали во светот има пандемијата или не, тие на секаков начин ја искажуваат својата љубов меѓусебно, а уште повеќе нѐ облеваат мене и мојата сестра со неа.Тие ме учат дека семејството е број еден и дека неговото место треба да е најгоре, над сите обврски. Во ова тешко време ние уште повеќе ја зацврстивме нашата семејна врска. А поради широчината од љубов која настана во моето срце, јас направив уште поголемо место од веќе постојното и за моите пријатели. Зар човек може да се движи напред и да се стреми кон поголеми успеси ако нема свои пријатели? Покрај семејството, пријателите се тие што го даваат своето рамо во најтешките моменти. Без разлика дали тоа рамо ќе го користиме за плачење или, пак, за прегратка во најсреќниот момент, знаеме дека пријателот ќе ни го подаде кога и да ни треба. Колку и да сме ограничени со излегување, со групирање, пријателите секогаш наоѓаат начин и ни излегуваат во пресрет. Тие се луѓето со најголемo трпение. Нѐ ислушуваат секогаш, без разлика дали го сакаат тоа или не. Го впиваат секој наш збор и на крајот наоѓаат решение заедно со нас. Но, има и денови кога и тие самите имаат свои обврски и едноставно немаат слободно време за нас. Во тие денови колку и да сум бесен, секогаш до мене го имам мојот втор најдобар другар -баскетот. Ништо не може да ме спречи да го земам в раце тоа кружно чудо и да одам на кошаркарскиот терен. Да го мавам и тапкам со сета сила.Тоа ми е единствениот начин да се ослободам од целиот стрес што ми го наметнува денешницата. Во сето тоа има и нешто добро. Со секоја моја физичка активност го зајакнувам својот имунитет, а воедно и го подобрувам моето ментално здравје. Менталното здравје е најбитното нешто на денешницата. Колку е поцврсто, толку поголема ни е издржливоста кон ситуацијата. Па затоа, со гордост ќе кажам дека кошарката ми е уште една движечка сила во моментов, која го раздвижува светот за мене. Многу луѓе го искусија и стравот, и размислија што ако немаат сила за да го пребродат сето ова. Стравот е чувство кое воопшто не треба да биде движечко. Треба да ставиме прст на глава и да се прашаме зошто досега не го негувавме нашето здравје. Зошто и порано не се храневме здраво, не вежбавме. Дали пандемијата требаше да ни покаже што значи грижата за себе. Во овој момент, а и во претстојниот за сите ни е најбитно здравјето.Треба да се ослободиме од стравот и напнатоста од сите медиуми и едноставно да му се препуштиме на сето она што може да нѐ движи додека светот тапка во место.Треба да мислиме на сѐ што се случуваше претходно. Само така ќе пребродиме сѐ. Сите убави моменти да ги откопаме од минатото и да ги пуштиме слободно да дишат, да се обноват. Јас тоа и го направив. Продолжив да се движам заедно со моето семејство, со чистата љубов на која тие ме научија, заедно ја подаваме раката на добрината кон раката на љубовта. Овие сплотени раце го красат човекот. Благодарен сум што сите мои сакани се здрави и живи, но сочувствувам и со секој еден што изгубил некој драг. Се радувам на секоја насмевка на улица од возрасен човек, бидејќи сум сигурен дека и тие имаат движечки сили со кои се борат против овој смртоносен вирус. Најбитно нешто што го научив во оваа ситуација е тоа дека вирусот е како оние гости што немаат чувство за тоа колку е часот и кога е вистинското време да си заминат дома.Тие остануваат со часови и часови кај вас, па така и тој со месеци е меѓу нас.
Заедно можеме да се избориме против него, затоа што на сите ни е добро познато дека има само еден живот за живеење. Колку и да сакаме да го смениме животот, не можеме, нема резерва од пет или, пак, десет животи. Доделен ни е само еден и треба максимално да го искористиме. Секоја пречка колку и да е голема, треба храбро да ја поминеме. Можеби во моментот ова на сите ни е најголемата зададена задача што треба да ја совладаме, но верувајте ми, како сме научиле да собереме во прво одделение колку е пет плус осум, така и сега треба храбро и исправено да научиме како да ја совладаме моментната ситуација. На овој досега изоден пат мои движечки тела беа и ќе останат: на прво место семејството и целата меѓусебна љубов, пријателството и страста кон спортот. Без семејство и љубов не ќе можеш да се предвижиш и сѐ останато. Затоа сакајте се, бидејќи секој човек со срце полно љубов е подобар човек, спремен да преброди сѐ. Јас излегов од мојата комфорна зона и го придвижувам светот движејќи се самиот, по мојот пат. Зарем ти уште чекаш да го направиш тоа?