[Литература] Јана Глигороска – III година

Што ме движи кога сè стои?

Извор на светлина

 

За да бидам комплетна личност во рамките на сопствените сфаќања, сето она што сакам да го направам, во вид на извор на светлина сјае пред мене. Тогаш се стремам да стигнам дотаму и имам мотивација. Меѓутоа, доколку тој извор на светлина се наоѓа зад мене, единственото нешто што ќе го гледам пред мене е мојата сопствена сенка. Магијата трае додека сонуваме, мечтаеме и создаваме!

Секој голем мајстор во својата професија, не започнал од ниедна друга позиција, освен од онаа на ученик. Затоа и еден обичен ученик, преку своите мали тајни, успева да стане голем мајстор. Тајните можат да бидат автентични, уникатни, единствени… каков што и треба да биде животот на секоја личност: полн со креативност, иницијатива за просперитет и инспирација за имагинативност.

Не велам дека процесот кон успехот е едноставен и не бара многу внимание, туку напротив – кога ќе се совлада неговата тежина, бенефитот и резултатот кои ќе ги донесе, ќе бидат од неизмерно значење. Меѓутоа без континуиран напредок, достигнувањата и успехот немаат никакво значење. Секако, мостот помеѓу поединецот и неговиот успех, е самото општество, кое диктира дали и колку ќе овозможи човекот да се реализира себеси.

Нема потреба да сме воени херои, за да сме вљубени во татковината. Секој човек кој има желба за личен успех, преку својата чесност станува амбасадор за успехот на својата држава. Вистински патриоти се оние кои придонеле нивната земја да стане попозната како резултат на нивниот авторски успех.

Зошто да не создадеме општество полно со солидарност и толеранција, простор за лична интеграција? Местото во кое растеме да претставува лулка на организиран општествен апарат, а не на организиран криминал и наметната гломазна бирократија. Единствено на такво место, поединецот ќе има можност да ја оформи својата личност преку државна позадина која ќе предизвика „ветер во грб“, а не опструкција на патот кон сопствената конструкција.

Модерниот човек е продукт на модерното општество и тоа е факт. Сѐ додека државната политика афирмира вредности како единство, демократија и праведност, поединците ќе го градат својот карактер во рамките на тие исти морали. Преку патот на универзалниот морал, да ги поддржуваме и цениме оние кои навистина живеат чесно, достоинствено и трудољубиво, во духот на работливоста и недискриминацијата!

Моралните вредности кои ги има една личност, може да ги има секој. Моралните норми кои ги почитува една личност, можат да ги почитуваат сите. Замислете вака: едно општество каде различностите се цел на промоција, а не алатка за деградација. Место каде човековото право е на врвот на општествената пирамида и општата етика е единствениот начин за егзистенција. За жал, овој концепт за едни е главна дестинација, додека пак за други – утописка имагинација…

Според Мајка Тереза, светот може да се подобри од коренот на самата општествена база. „Што можете да направите за да го промовирате мирот во светот? Одете дома и сакајте го вашето семејство.“ – вели таа. Меѓутоа јас би рекла дека светот се подобрува преку продлабочување на душата на секој поединец: иако моралот се раѓа во општеството, секој е должен да го развие истиот во рамките на својата свест! Секој човек е свет во свет и поле за културна манифестација – односно има потенцијал да го промени теркот на нехуманоста.

Идеалното ќе се постигне само ако сите се водени од идеалите – смислата на животот и светлината која покажува кон вистинскиот пат. Идеалот, како највисоко добро, единствено може да биде постигнат преку почитување на моралните норми. Додека важен добродетел за човекот е пријателството и љубовта, најпотребниот добродетел за светот, е општото ниво на мир и соработка. Сепак, најголемото богатство со кое еден поединец може да се пофали, е чесноста.

Праведноста е сила на еднаквите, израз на слободата и ред кој треба да се следи во секоја заедница, со цел да се состави единство. „Ако исчезне праведноста, човековото живеење ја губи вредноста“ – вели Имануел Кант. Еднаквоста, според мене, е душата на слободата, чие тело пак, е недискриминацијата. Само преку заедништво од еднаквост и недискриминација, ќе се продуцира еден организам, кој би го нарекла слобода.

За да се мисли глобално, потребно е да се дејствува локално – да се препознае локалниот проблем и да се искорени од општеството. Еден од најголемите проблеми на светско ниво, е дискриминацијата, особено онаа заснована на неразумните етнички, верски и полови размислувања. Расизмот и сексизмот не се ретки во денешното општество, а нивната единствена функција е да станат предизвикувачи на конфликт помеѓу „нормалните“ и „различните“.

Под терминот „различни“, во денешно време се подразбираат сите оние кои носат хиџаби, оние кои се дискриминираат заради бојата на нивната кожа, оние кои ѝ припаѓаат на некоја религија различна од христијанството, оние кои се ориентираат поразлично од хетеросексуалците… Дискриминацијата има својство на полиморфизам и има разрушувачка моќ, бидејќи директно му се спротиставува на мислењето за еднаквоста!

Ако целиме кон шарен, а не безбоен свет, она што ни недостасува, е една универзална катарза и искрена љубов кон светот, околината, семејството и секако, кон самите себеси. Љубовта се раѓа во мозокот, а има способност да се манифестира на илјадници начини. Зарем не ќе беше идеално, секој од нас да прерасне во алтруист и со тоа засекогаш да се замолкне кризата во културата?

Културата е квинтесенција на животот, бидејќи е исто толку стара колку и човекот. Сеопфатна е во однос на човековите интеракции, а претставува збир од материјални и духовни вредности кои биле под влијание на традицијата и современите промени. Културата правопропорционално нѐ носи и кон односите со нашата животна средина, а според еколошката етика, најстрого нѐ учи да го почитуваме нашето место под Сонцето.

Со брзиот техничко-технолошки развој на денешницата, просечниот човек како да ја подзаборава природата. Ако имаме желба да бидеме изворно културни, треба повеќе да ѝ посветиме внимание на екологијата како една од најважните научни дисциплини. Неоспорно е дека економскиот развиток и пазарот се најважните фактори во постоењето на една земја, но каква корист би имала економската стабилност, ако немаме соодветно место за живот?

Човековата природа ни налага да бидеме свесни за нашите постапки. Сите сме сведок на народната „многу луѓе, малку луѓе“ и сметам дека токму во оваа поговорка се крие одговорот за подобар свет. Според мене, човек во вистинска смисла на зборот, е некој кој свесно избира да го подобри местото каде што живее и оној кој со најчисти намери се осврнува кон љубовта спрема битот на светот.

Мојата цел е да не бидам онаа која следи спорт на телевизија, туку онаа која сама станала повеќе физички активна. Мојата желба е да не читам веќе за добротворни дела, туку јас да бидам нивниот креатор. Мојата идеја ме води да создавам, а не да уништувам. Сакам докрај да останам човек пред сите, па и пред светот. Продуховувањето навистина потекнува од нас и нашата созреаност, а не од димензиите на периодот или местото каде што егзистираме. Зарем не би бил совршен светот, ако ниеден поединец пред себе не ја гледаше сопствената сенка?

 

 

+5