[Литература] Ивона Фериќ – VIII одд.

Што ме движи кога сé стои?

 

Утро е! Денот веќе се родил и јас се будам кога се појавува портокаловата топка на исток. Станувам и се движам, сè додека навечер не се појави бледожолтеникавата месечина и безбројните кристални ѕвезди, кои ми кажуваат дека е време за мирување. Ете тоа е само оној период кога ние луѓето мируваме, кога нашето тело одмара за да собере сила и да биде спремно за следниот ден. Па додека ние мируваме сè околу нас се движи во овој убав свет. Дрвјата, цвеќињата, реките, растат, се менуваат, така и јас растам, се движам и менувам. Сакам да го гледам изгревот на сонцето, бидејќи тогаш во мене се раѓа среќа и возбуда за новиот ден. Тогаш почнувам да мислам дека животот е навистина убав и во мојата глава се наметнува помислата за мојата иднина.

Што ќе правам јас? Ќе бидам ли успешна во животот, ќе постигнам ли нешто со што ќе се гордеат моите родители? Секако! Јас верувам во тоа и среќата почнува да ме движи кон вербата. Верувајте, јас сум среќна што живеам во најубавата и најживописна земја.Таа е мала, но јас ја обожувам. Ги сакам нејзините шуми, планините и прекрасните езера. Сакам да го слушам шумот на Радика и малите водопади, ветрецот што дува и тивко ги заспива зелените ливади, а во нив се белеат стадата. И пак си велам колку сум среќна што живеам тука во татковината. Мојата земја е во развој и се труди да ги реши проблемите во општеството. Тоа ни дава надеж да се движиме напред и покрај сите тешкотии. Па зар другите земји во светот не се соочуваат со тешкотии? Секако да! Зарем не се борат со пандемијата од корона- вирусот која го зафати целиот свет? Секако да! Зарем вирусот што беснее на сите меридијани, не ја ослабе кревката економија и не ни го отежни животот? Секако да! Од еден нормален, убав, весел и слободен живот навлеговме во нешто ново, непознато и застрашувачко. И одеднаш од таа убавина, бевме принудени да започнеме да живееме еден сосема нов начин на живот. Сè застана како во нем филм, целиот свет, а и мојата татковина. Карантинот кој се воведе го претвори мојот убав град во град на духови. Вонредната состојба за жал нè затвори во своите домови, гледајќи тажни слики кои се редеа на медиумите и социјалните мрежи за болни, починати, тажни слики кои ќе останат длабоко врежани во моето срце. Училиштата се затворија, детските игри и смеа престанаа, затворените граници доведоа до забрана за патување, излегување и дружење. Но, ние нема да потклекнеме на нападите од тивкиот непријател, туку ќе се движиме и ќе направиме сé, да извојуваме победа. За да продолжиме со животот ни треба само мала мотивација или нешто да нè поттурне, како Њутновиот закон или Никола Тесла. Ако такво нешто засвети во нас, ако го вклучиме мозокот, силата и емоциите тоа ќе не мотивира и сите негативни работи ќе ги претвори во позитивни и корисни. Не смееме да дозволиме поради мали нешта, да пропуштиме многу поголеми, поубави, повредни и посветли. Знам и дека ќе дојде денот кога ќе појдеме на училиште, излегувањата со другарките и другарите повторно ќе се врати, а за време на распустот ќе одам на море, езеро или планина. Секоја личност како поединец има свои соништа и план за својот животен пат. За да се остварат тие соништа претстои долго патување, а тоа патување се нарекува живот. На тој пат кој треба да се помине ќе има и препреки, оправдани или неоправдани кои во еден момент сакале ние или не, мора да ги поминеме и да бидеме силни за остварување на тој животен пат. Но, ако се има желба, работа, сила и цел за она што сакаме да го постигнеме во животот и невозможното ќе стане возможно. Некој ќе праша: „Што не движи кога сé стои?“ Јас велам, па секако љубовта и упорноста. Ги љубам родителите, сестра ми и секако најблиските роднини. Ги љубам моите другари и другарки, правливиот школски двор и училиштето. Би можела уште долго да набројувам што ни го прави животот убав и покрај сè, но најголемата мотивација и сила која ме движи е секако моето семејство. Тие се корењата, стеблото и гранките, движечка сила за сè она што го правам. Инспирација да се снајдам во животот, да се изборам за сето она што го сакам и да ги остварам моите соништа. Од нив ја добивам силата кога ме советуваат, упатуваат на грешките, милуваат и секогаш се тука за мене. Преку нив го согледувам животот колку е убав и тогаш кога се наидува на тешкотии. Гледам дека и во тие моменти треба да бидеме позитивни и да веруваме дека за сè има решение, само треба да најдеме сила таа негатива да ја смениме во позитива, а со тоа животот станува поубав. Секој од нас има нешто во себе што го движи во животот, верба, мотивација која ќе биде смисла-патоказ-водилка низ животот, која не ни дава да застанеме, туку да одиме само напред. Мојата ѕвезда водилка е многу силна и нема да застанам. Верувам во себе дека таа ќе ме одведе до целта што ја сакам. Таа има врска и со сите деца на овој свет. Сакам секое дете да биде среќно, да не гладува, да има можност да учи и игра со насмевка на лицето. Многу ме растажува кога ќе прочитам или слушнам за децата во Африка , кога ги гледам тие изгладнети, болни и тажни лица, благодарна сум на сè што имам и како живеам. Но, ме радува што многу познати личности, глумци, спортисти помагаат за да им овозможат подобар живот, а со тоа и моето срце е посмирено и мојата желба е многу силна, еден ден и јас со моето знаење да придонесам и да помогнам некому, во било која сфера од мојата идна професија. Многу ми се допаѓа и иницијативата на организацијата УНИЦЕФ и нашиот Претседател кој во своите изјави вели: „Она што го правиме за децата и младите, заедно со нив и во нивно име денес, ќе го одреди нивното утре“. Оваа нова иницијатива е можност, децата и младите да се вклучат во дефинирањето на визијата за иднината што ја сакаат за себе и идните генерации. Иднината на нашата земја е во младите генерации, а образованието е темелот на едно општество. И токму поради таа иднина, треба гордо и со кренати глави да чекориме само напред, никогаш да не застанеме и секоја препрека успешно да ја решаваме.

Сметам дека секој поединец треба да размислува позитивно и да го следи својот животен пат, никогаш да не запре, бидејќи времето е скапо и не стои во место. Се менува од ден на ден, па затоа и ние не треба да стоиме, туку треба да го зграбиме секој миг од денот. Денот треба да ни биде исполнет со движење, учејќи, размислувајќи и разликувајќи ги добрите и лошите нешта, не само во нашата татковина, туку и во целиот свет, бидејќи луѓето се луѓе каде и да живеат на оваа наша планета Земја. Сакам така да мислам и се надевам дека мојата желба за посреќна и посветла иднина ќе ми се оствари, бидејќи таа зависи само од нас и нашата упорност и истрајност до посакуваната цел. Ние нема да се враќаме назад, туку ќе се движиме напред кон светлата иднина и кога сé стои!

 

+104