[Литература] Ивана Иванова – IX одд.

 Што ме движи кога се стои?

 

        Додека ти некаде луташ, низ дивините на технологијата, не знаеш дека ден ќе дојде кога срце ќе те боли. Додека ткаеш погледи со твојот компјутер, не знаеш дека еден ден солзи на очи ќе ти навираат. Си помислил ли некогаш дека тие, токму тие те трујат? Си помислил ли некогаш дека од екранот цвеќињата не никнат? 

        Да, токму ти, стоиш во место, додека во таа виртуоза чекориш без чувства! Над тебе сиви облаци натежнале, а капка дожд не испуштаат. Знаеш ти дека тоа невреме е најтмурно и најтешко? Посакува да врне, но не може. Знае дека , ако капките свои ги пушти, ќе му олесни, но сепак не може. А во меѓувреме јас каде газам, не можеш да замислиш ти скитнику низ стрмнини опасни. Знам, мислиш дека светот в раце ти е, но грешиш. Светот не може в раце да го држиш, додека во место стоиш. Светот се става во срце, да спие, да сонува за секој твој копнеж, за секоја твоја желба и радост. Додека ти во место стоиш , чекајки нешто набрзина низ прсти да ти пројде, јас садам темјанушки надвор. Ја гушкам пролетта со сета своја страст и милина. Пред мене вистинска слика, за која што збор нема. Пред мене портокалов залез, малку сокриен  зад небесни планини сино-зелени. Пред мене живот и воздух. Околу мене среќни птици, кои црцорејќи ми велат да живеам. Да се смеам, да плачам, но не и во место да стојам. 

         Да, токму ти, знаеш ли додека се стои, мене природата ме движи. Знаеш ли дека таа е мајка втора? Излези надвор, чувствувај ја секој ден, секое утро. Доволно е само насмевка со себе да си понесеш и неколку грама позитивна енергија. Таа енергија, природата ќе ти ја размножи во десетици килограми. Ќе имаш доволно , за да ја поделиш. Ќе имаш доволно, за да исчезнат сивите облаци, што над глава ти тежат, а душата, таа ќе ти мириса на темјанушки. 

 

 

                                           

 

 

 

 

 

 

 

 

 

+34