[Литература] Ивана Арсиќ- IX одд.

“Што ме движи кога се стои?”

 

Се стои… светот се врти, но во моментов се што се наоѓа на неговата површина стои. Се е вкочането како статуата на слободата, како зградите кои се вешто прилепени на својата конструкција, како дрвјата кои секојдневно ги гледаме низ прозорецот. Се чуствуваме како времето да е застанато, ние сме во една временска машина и таа едноставно одлучува дека не сака понатаму да работи и го запира времето. Нашите животи стојат во место, ние стоиме во место, цупкаме само така напразно, се обидуваме да ја пребродиме оваа пандемија, да го пребродиме овој новосоздаден страв, се обидуваме да најдеме некој или нешто што ќе ни помогне да се движиме во овие моменти.

За да продолжиме понатаму по својот пат на сите ни е потребна некоја мотивација, нешто што едноставно не ни дозволува да застанеме, како на пример желбата за подобра иднина. Иднината, желбата за убава иднина тоа е нешто што лично мене ме мотивира да продолжам да се борам. Желбата во својата иднина да имам можност да си го дозволам она што го сакам, да го работам она што го сакам и да ги исполнам своите поставени цели. Токму таа желба ме води да продолжам, ме насочува да учам, да се школлувам, да работам на себе си. Идејата дека јас можам да направам и создадам нешто, што ќе биде во придонес за нас, за нашата планета. Сакам да успеам да оставам белег на овие земјени патишта кои биле истапкани од чекорите на моите предци, а ќе бидат и тапкани од чекорите на моите потомци. Да создадам нешто што ќе ни служи и нам и на идните генерации, да бидам позната по тоа што сум успеала да креирам дело што на луѓето ќе им го олесни и подобри животот. Да бидам креативец кој сите ќе го знаат. Да го искористам своето време овде на оваа земјена површина на нешто корисно што и по моето постоење ќе им служи на сите.Се надевам дека ќе успеам. Надежта. Надеж, прекрасен збор, едноставно брилијантен, не потсетува дека на крајот сепак има можност нешто да се промени, не тера да веруваме дека нешто ќе се случи и ќе уcпее да ги исполни нашите желби и очекувања. Таа е она што ги тера морнарите да не се откажуваат кога започнува бура, а бродот плови,. Тоа е нешто што им помага да го надминат стравот и мислата дека бродот може да потоне. Таа е она што ги тера докторите до последен момент да се борат за животот на секој болен или повреден пациент, со верба дека ќе успеат да го спасат. Таа е она што во моментов ни помага да продолжиме со желба и верба дека утре денот кога ќе станеме ќе биде поубав ,подобар и дека ќе ги исполни нашите очекувања. Надежта е боженствена, но доколку нема кој да ти ја влее не си секогаш свесен дека е присутна. Мене надеж ми влеваат моите родители, моите пријатели, мојата поширока фамилија, тие ме поттикнуваат покрај тешките моменти сепак гордо да се движам. Во последниот период од кога започна оваа пандемија своето време најчесто го поминувам со моето потесно семејство, мајка ми, тактко ми и брат ми. Се дружиме, ги поминуваме своите пандемиски родендени заедно, разговараме, се шегуваме, имаме прилика да ги надополниме сите моменти што не сме успеале да ги поминеме заедно, поради тоа што сме отсуствувале заради некоја работна обврска, тренинг, курс или пак можеби некое патување. Во овој период од една година се присетивме на некои стари спомени кои ни предизвикаа чувство на радост и задоволство, за тоа колку убаво сме си поминале или пак колку убаво сме се изнасмеале. Во тие моменти се потсетив колку навистина овие работи се важни, колку всушност нашите најблиски имаат влијание во нашиот живот, се движат со нас за да стигнеме до целта уште од првиот момент кога сме стапиле на оваа планета. Кога првиот пат сме прооделе тие биле тука, се труделе да ни помогнат и внимавале случајно да не се сопнеме. Кога прв пат сме стапиле во дворот на нашата градинка, мали палави дечиња кои не знаат како да се снајдат и тука не придружувале нашите најблиски. Потоа кога се запишуваме во основно училиште првиот ден за рака со мама и тато сите стоиме во своите униформи. Нашите најблиски ни помагаат да чекориме по оваа патека наречена живот. Одат до нас и кога се запишуваме во средно, кога се запишуваме на факултет, не бодрат кога се трудиме да ја пронајдеме својата прва работа, кога стануваме и ние родители, до својот последен ден тие се тука. Кога ни е тешко нашите најблиски не советуваат и ни нудат утеха споделувајќи го со нас нивното лично искуство. Кога сме среќни тие се радуваат заедно со нас и ја делат нашата радост. Кога ни е потребна помош тие ни ја подаваат својата рака и ни помагаат. Тука се за нас во секој момент. Од друга страна тука се и нашите пријатели. Луѓето со кои се надополнуваме, со кои другаруваме, со кои разговараме за своите проблеми, со кои се разбираме. Во текот на животот запознаваме многу личности. Најпрво децата кои се со нас од првиот ден кога влегуваме во својата градинка, оние кои си играат со нас, кои танцуваат со нас, кои ги прославуваат нашите први шест родендени со нас. По тоа во тек на деветте години основно образование се среќаваме со многу деца, создаваме многу пријателства. Тука ги создаваме своите први другарства кои знаеме дека ќе траат. Потоа пријателите кои ги сретнуваме во средно, на факултет, кога започнуваме со својата прва работа, во својот живот запознаваме и се здружуваме со многу луѓе. Но одреден дел од нив остануваат верни пријатели за цел живот. Тие се оние пријатели кои не туркаат кога не сакаме да појдеме, оние кои ни велат да ги следиме своите соништа, да трчаме кон своите цели, да бидеме први, да успееме да победиме, оние кои веруваат во нас дури и кога ние самите не веруваме.Тоа се луѓето кои ни ја нудат својата пријателска љубов. Љубов. Љубовта која ни ја пружаат луѓето кои не окружуваат таа е уште една причина заради која продолжуваме напред. Љубовта која ни ја пружаат нашите родители, нашите браќа и сестри, нашите баби и дедовци, нашите братучеди, нашиот партнер, таа љубов не исполнува. Таа љубов не охрабрува да се нурнеме во океанот и да испливаме до крајот, да ги покажеме своите способности и таленти, да се одвоиме од другите, да се истакнеме. Таа љубов не мотивира да бидеме најдобри, да им докажеме дека нивната доверба која ни ја пружиле и вербата во нас дека ќе успееме не била залудна. Оваа љубов ни помага да се движиме.

Сите ние имаме различна мотивација, различна причина што не поттикнува да се движиме понатаму, што не тера да успееме. Неопходно е да имаме нешто или некој кој ќе ни посочи дека мораме да одиме напред . Без разлика што во одредени моменти се ќе стои или пак ќе мислиме дека оди назад .Секогаш треба да не води патоказот дека не треба да застанеме. Патоказ за мене се желбите да се истакнам, вербата во самата себе, љубовта и надежта што ми ја пружаат моите блиски и мојата желба за подобра иднина. Тие се оние работи кои ми ја дополнуваат сликата, ми покажуваат дека не треба да се откажувам без разлика на се. Можеби нема да успеам денес, но тие ми велат да се обидам утре. Такво нешто му е потребно на секој човек. На секој човек му е потребна сила или светлина “ШТО ЌЕ ГО ДВИЖИ КОГА СЕ СТОИ”.

 

+962