[Литература] Деа Денковска – II година

Ноќта веќе завладеа, а темнината како да испушта траорен молк што звучи по

пустите улици. И домовите личат на напуштени гнезда. Времето небаре застанало и

секоја секунда добива димензија на цело столетие. Се стои. Дури ни ѕвездите не го

пробиваат мракот. Во една болничка соба, само блесокот од рефлекторот ги отцртува

контурите на женското тело што се извива во болка и грч пред очите на луѓето во

скафандри, луѓето со маски. Одеднаш силен вресок ја распори тишината. Силен плач

откинат од малечките гради раздвижи се. Се родив јас, а можеби и некој друг. Животот

почна, животот продолжи.

Жално е да процветуваш кога се околу тебе небаре венее.

Иронијата на животот, да си жив, а сепак ограничен, се коси со сето она што сум

го научила, со сите совети добиени од родителите, со сите лекции што требаше да ги

научи светот за да ни ги отвори вратите и несебично да не прими на своето тло штом

веќе се родивме.

Војна ли е, се прашувам??? Во лекциите по историја пишуваше дека само во

војните имало полициски час.

Окупирани ли сме од некого??? Простете, но ако е така покажете ни го, зошто

моиве очи не го гледаат!!!

Треба ли да се плашиме за животот, или пак ¨страв¨ во ¨новото нормално¨ се

нарекува претпазливост???

Од каде ли оваа смелост на возрасните, нам, на се уште непроцветаните да ни

кажат стоп??? Знаат ли дека ако ние застанеме и животот ќе застане???

Трагајќи по одговорите на моите реторички прашања одеднаш сфатив. Наместо

да се прилагодувам на статиката, јас повторно ќе вреснам. Ќе викнам толку силно за да

ме чуе сиот свет.

Ееееееј, Вие уважени возрасни, вратете ни го животот таков каков што го

запознавме со првиот наш вресок!!! Вратете ни ја вербата во сето она во што Вие не

убедувавте дека е добро и правилно!!! Вратете ни го животот, зошто само живите не

стојат!!! Животот е двигателот!!!

Убаво е да се живее. Дури и кога тагуваме, само затоа што сме живи мислиме

како да ја надминеме тагата и таа поминува. Кога проблемите натежнуваат како

планини, желбата за животот во нас раздвижува таква сила и ги решаваме дури и

најтешките. Кога ни е убаво, живееме со полн здив. Љубиме, учиме, патуваме,

запознаваме, осознаваме, твориме, зрееме и создаваме…само затоа што живееме.

Бајките за малите деца започнуваат и завршуваат со зборот живот…¨Си живееше

еднаш, многу одамна…¨, ¨…и така си живееја среќно и весело до крајот на животот¨.

А ние сега треба да го заборавиме сето тоа???

Ве молам почитувани возрасни, вратете ни го животот, за да пораснеме толку

многу, за да ние, сега млади и на среде пат, го најдеме лекот за паметење, а не за

заборав. Оти само ако ги запаметиме овие мигови кога милиони млади срца како моево,

треперат во темнината прашувајќи се што ќе биде утре, ќе ја сфатиме важноста на

единственото нешто што не движи кога се стои, а тоа е животот!

Ноќта повеќе не владее иако сонцето одмана зајде. Ѕвездите сјаат како сонца и

јас ги гледам, иако се уште ноќе шетам единствено на мојата тераса. Повеќе не слушам

траорен молк, туку песни кои одѕвонуваат од терасите на соседите. Градот, земјава и

целиот свет пак се движат. Можеби не по улиците, но се движат внатре во секоја единка

…во секој човек, секоја тревка, секое животно, во се што живее на планетава. Ви

благодарам уважени возрасни што ме чувте, иако јас вистиски не викнав. Мојот крик

беше единствено шумот предизвикан од тропотот на моите прсти по копчињата на

мојата тастатура, но сепак беше толку гласен што додека пишував во мене одново го

разбуди најголемиот подарок и највисоката привилегија што една единка може да го

добие – ЖИВОТОТ!

 

 

+3