[Литература] Бојана Ваљавичарска – IX одд.
ШТО МЕ ДВИЖИ КОГА СЕ́ СТОИ?
Секој човек има нешто што го движи во животот, нешто што го тера да оди напред и му дава сила никогаш да не застане. И, еве, додека пишувам во ова време- невреме, се прашувам: Што е тоа што мене ме движи кога се́ стои? Дали е тоа желбата за успех или некоја моја емоција?
Не, се лажам себеси и на крајот сфаќам дека ме движи животот кој е еден и единствен, ме движи мислата за неговата неповторливост, за тоа дека нема реприза… Но, оваа пандемија ни го промени животот на сите, а најмногу нам, на децата. Нема повеќе училиште, но има онлајн настава. Нема повеќе дружење и игра, загрижени се сите – и големите и малите.
Деновите ми поминуваат во размислување. Размислувам најмногу за луѓето. Се прашувам кои се тие луѓе кои уште не сфатиле дека треба да останат дома со што би го спасиле својот живот и животот на некој друг. Како да им се објасни овој збор, зборот „ЖИВОТ“? Зарем не е доволен тој самиот за да разберат? Рацете ми се врзани. Не можам ништо освен да пишувам. Пишувам, но се вртам во круг и не знам што да кажам, нема крај, кругот е затворен и никако да излезам од него. Морам да ставам точка. Ќе помине се́. Ќе дојдат нови денови. Секој ден ќе донесе некоја нова можност за сите нас. Ќе ни биде полесно, сепак не почнуваме од нула.
Има само една вистина, а тоа е дека и овој ден ќе останам дома. Чувствувам лутина и бес. Короната ми ги поремети сите планови! Оваа ситуација ме тера да мислам дека животот не е фер.
Јас сум деветто одделение.Требаше да направиме фотографија за табло, полуматура… Никој не очекуваше вакво нешто… Ми недостига се́: пријателите, дружењето, училиштето, па дури и обврските. Се чини како животот да запре одеднаш и неочекувано.
Времето лета, не чека никого. Стоиме мирно. Кога го велам ова, мислам на нас, децата. Возрасните се борат. Лекарите се обидуваат повеќе отколку што можат. Сите сакаме ова да заврши што е можно побрзо. И ќе заврши, знам, ќе помине, затоа што по дождот доаѓа сонцето. А тогаш, тогаш ќе се обидеме секој ден да го направиме поубав од претходниот и да уживаме во него.
А сега што? Сега повторно се враќам на почетокот и на моите чувства кои не ме напуштаат уште од првиот момент. Меѓутоа, кога малку подлабоко ќе погледнам, сфаќам дека, во суштина, ова е само тест кој сака да не́ опомене сите – да не́ натера да се зближиме повеќе и да размислуваме за иднината. А, кога сето ова ќе биде далеку зад нас, ќе остане само сеќавањето на еден тежок период кој не́ направи посилни и не́ научи да се бориме.