[Литература] Бојана Димитријовска- IX одд
ШТО МЕ ДВИЖИ КОГА СÈ СТОИ
Сè стои, но моите мисли летаат. Сè стои, но трпеливото девојче во мене не стои. Сè стои, но мојата надеж за подобра иднина не стои. Како што не знае да застане бучавата во сообрајќајот на големиот град, така не можам да застанам и јас. Како да имам запален светилник во мене кој ми дава сила да им го осветлам патот на сите животни бродови на отворено море. Како да не чувствувам болка во моите колена, како да имам сила пеш да ја изодам цела Земја. Како универзумот да чека да направам нешто за него, како да сака секој човек да има моќ да се движи кога сè стои. Но, секој не го може тоа, не ја има секој таа моќ. Не знае дека таа е необична моќ, не знае дека е составена од трите најбитнии, највредни работи на светот, а тие се довербата, позитивизмот и надешта.
Но, за жал, самиот човек не е свесен дека поголема моќ од оваа нема. Толку е многу голема и моќна што може да се каже дека нејзината сила е и поголема од универзумот. Толку многу што никогаш не мирува, не стои…и која може да се раздава како искрите во распалено огниште. Доволно е само да ти даде трошка од нејзиното постоење за да се придвижиш напред. Понекогаш, тоа толку малку што ми го дава, таа чудесна моќ ,ми влева сила за да можам да го стигнам и брзиот воз кој минува низ старата битолска железница, да го престигнам и да му посакам мирно патување. Но, размислувам нешто. На кој начин и на кои луѓе да се заблагодарам за таа голема дарба, затоа што не секој ја има оваа привилегија. Дали да се заблагодарам на докторите кои деноноќно се борат за да спасат нечии животи од најголемиот и најлошиот непријател до сега, за кој,никој до сега не нашол лек или пак, да се заблагодарам на луѓето кои секој ден од дваесет па сè до пет часот наутро го контролираат градот. А дали да се заблагодарам на луѓето кои ги викаме втори мајки и кои нè учат сè до нашето полнолетство, или на луѓето кои нè учат како да се биде човек и кои во секој тежок момент се до нас. Или пак, да се заблагодарам на обичните луѓе кои секој ден делат позитивна енергија насекаде, без да се свесни дека прават благородни дела.
Кога ќе размислам, не е ни многу тешко на сите овие луѓе да им кажеме едно благодарам или пак да направиме некаков убав,пријатен гест за нив. Тоа е,можеби малку за нивната голема добрина,за нивното место и заслуга, бидејќи тие се луѓето кои ни даваат сила и во оние моменти кога имаме чувство дека стоиме,дека не се движиме! Тие се нашиот поттик за живот и верба во себе, тие се нашата мисла водилка. Заради овие луѓе сега ние живееме, заради овие луѓе ние живееме живот без грижа, затоа што тие се грижат за нас, тие ги апсорбираат и ги лекуваат нашите маки и непријатности. Понекогаш си помислувам, што ќе беше ако ги немаше токму овие луѓе. Дури се плашам од помислата. Не сакам да ги изгубам. Како овие луѓе да се моите раце и нозе. Како што еден човек не може да се движи и да работи без рацете и нозете така и јас не можам да работам и да се движам без нив. Се плашам дека и тие некој ден ќе застанат и не ќе можат да се движат, па сè ќе застане,ќе остане во едно место.Се плашам како стрелките на стар часовик. Се плашам дека ќе ја изгубам таа моќ, таа мисла,таа надеж и верба. Не сакам да стојам напразно во место, сакам и јас како тие луѓе да придонесам нешто за планетата Земја и универзумот.
Како едно живо и способно суштество посакувам кога ќе пораснам да станам една од овие моќни луѓе кои делат моќ насекаде. Посакувам да се борам и да ги бранам луѓето од страшни вируси, или пак, посакувам да бидам дел од полицискиот тим кој секој ден ги штити граѓаните и градот од несакани неволји. Исто така, посакувам да станам една од оние луѓе кои те учат постојано во твојот живот или пак,оние кои секојдневно ти кажуваат дека се секогаш покрај тебе и во моментите кога ти е најтешко. Едноставно, им се восхитувам на овие луѓе кои ме придвижуваат кога сè стои. Камо секој да ја имаше оваа моќ, камо секој да беше како овие луѓе…
…Кога ќе помислам каков ќе биде тој начин на живот, можеби смешно е да кажам, но им се восхитувам на моите мисли. Хаахах……. Да, им се восхитувам. Зошто? Зарем ти никогаш не се восхитуваш на своите мисли? Знаеш ли што? Понекогаш си се восхитувам на себе си. Затоа што не сите деца на овие години размислуваат вака. Бидејќи денешните тинејџери немаат време, имаат ,,поважни“ обврски.
– Кој ќе седи цел ден пред телефоните? Или пак кој секој ден ќе ги мери улиците? Но, не се виновни само децата, туку вината ја наоѓам повеќе во родителите кои дозволуваат нивните деца да прераснат во суштества без емоции и свесност за проблемите во светот. Мислам дека сите ја знаеме старата поговорка, крушата под круша паѓа, а тоа значи дека родителите се одгледало за децата. Одговорноста на родителот е одговорност за иднината. Родителите се корените на едно дрво. Ако коренот на дрвото не се исуши, тогаш и листовите на дрвото нема да се исушат, и колку пие вода коренот толку пијат вода и листовите. Значи како коренот што му дава вода на листовите, така родителите му ги предаваат своите карактеристики,особини и вештини на своите деца.
Посакувам сите да живеевме под едно исто мото ,,Еден за сите, сите за еден!“. Посакувам тоа да го чувствуваме сите подеднакво. Тогаш таа голема , чудесна и беспрекорна моќ ќе стане посилна од кога било и што и да се случи никој не ќе може да ја запре. Таа ќе биде една и единствена, таа секогаш ќе биде ветар во нашиот грб. Во таков свет нема да има никаква дискриминација, секој ќе се сака со секого. Нема да постои разлика помеѓу луѓето со попреченост и луѓето кои се здрави, без никаква попреченост. Насекаде ќе има љубов, смеа, радост, и еднаквост. Дури животот во ваков свет ќе биде поубав и поволшебен и од бајка. Како што во една бајка сите се прифаќаат какви што се- големи, мали, дебели, слаби, радосни и тажни, сите ќе бидеме важни. И во токму ваков живот ќе има многу луѓе кои ќе ти помогнат да се движиш кога сè стои. Никој нема да гледа дали имаш петка или единица, никој нема да гледа дали не можеш да одиш или имаш некој друга попреченост. Сите би живееле под едно, еднакво небо. Можеби тогаш не би постоеле ни судовите, полициските станици, нотарите и адвокатите…
Никогаш не е доцна оваа волшебна бајка да стане реална, секогаш постои втора шанса. Иако се смета дека процесот за еден човек да го смени стариот начин на живот е тежок и комплициран, тоа не значи дека е невозможен! Зашто, кој не сака ваков живот од бајка, сите сакат да живеат без расправии и навреди!?
Искрено мислм дека и најсуровиот човек би сакал да живее во еден ваков волшебен свет. А дали сакаш ти? Не, не мора веднаш да ми одговориш. Прво добро размисли дали сакаш да се промениш и да бидеш дел од ваков волшебен живот или пак твојата желба и замисла е да живееш еден беден и суров живот, во ваков непријатен,мрзелив и немотивирачки свет?…
Запомни, таа одлука е само твоја и не смее никој да ја промени. Одлуките и изборот се наши. Не мора да бидеме совршени во сѐ, освен во едно: во љубовта, во нејзиното давање и споделување,во нејзиното славење и секојдневната примена како нешто најсвето и најблагородно. Да бидеме витези со огнена љубов во срцата!
Затоа ти мал пријателе кој ќе го прочиташ текстов со цело срце те замолувам како твоја постара сестра… подај ми ја раката! Да се движиме заедно кон подобро утре. Да оставиме сè во минатото, дa нема повеќе негативна енергија, да нема конфликти и расправии или дискриминација, нека владее хармонија помеѓу луѓето, да си помагаме кога ни е најтешко. Да бидеме огледало во кое ќе ја препознаваме убавината на животот. Затоа што кога сме заедно никој ништо лошо не може да ни направи. Нека се плаши лошата и негативна енергија од нас, а не ние од неа, нека бега секој вирус од нас. Мило мое , да знаеш дека раката која што ќе ме допре, јас никогаш нема да ја испуштам,никогаш не ќе се откажам од неа и никогаш не ќе ја напуштам!
Те молам запомни:
– Ништо и никогаш не стои! Сè се движи поради твојата желба,поради твојата сила и поради твојата верба! Сè се придвижува од љубовта,од почитта,од разбирањето и слогата! Стоењето е лага и привид, тоа не постои.Постои само движење, енергија, развој и напредок!