[Литература] Ангела Лазаровска – VIII одд.

“Што ме движи кога се стои?”

”Верувај во себе”

 

Животот е движење, а движењето авантура. Никој не смее да го троши своето време во чекање, бидејќи животот не чека тој е краток како песна која никој не сака да заврши.

Живеам со моите татко и мајка. Нив ги знам уште откако се испилив. Тие секогаш биле добри, така се сеќавам. Сега сум сама. Немам никого, бидејќи бев љубопитно мало пиленце кое сакаше да го запознае светот уште од мали нозе. Тоа мало пиленце, сакаше да лета во облаците и сакаше да ги види ѕвездите одблизу. Така една вечер, ѕвездите го красеа вечерното небо, додека штурецот ја свиреше својата песна. Месечината беше огромна, и нежно светеше во моите очи. Нашата куќа се наоѓаше на стариот даб во една шума. Се доближив кон Месечината со моето испружено крило, но одеднаш почнав да паѓам. Паниката во мене растеше и одеднаш се најдов на земја. Лежев на грб некое време додека не ги отворив очите, и не забележав колку сум далеку од мојата куќа, од моите сакани. Тивко се обидував да цивкам, да мавтам со крилјата но, сѐ беше безуспешно. Почнав да скитам незнаејќи каде да одам. Светот сега изгледаше огромно. Сѐ беше различно. Светулките светкаа, блискиот поток клокотеше, а јас исплашено само одев. Набрзо стигнав до едно големо растение, под кое решив да ја поминам вечерта. Таа вечер тешко заспав. Во моите соништа постојано се појавуваа моите родители. Единствено нешто на кое се сеќавам после тоа беше дека станав завиткана во пајакова мрежа. Таа беше леплива, и не ми дозволуваше да мрдам. Се вртев, се обидував да мрдам но, пајажината не ми дозволуваше да се ослободам. На крајот се откажав и почнав да плачам. Сега навистина сакав да сум дома и силно да ја прегрнам мајка ми. По моето долго плачење се појави еден жабец. Тој беше стар. Имаше шешир, бастун и долга бела брада. Го замолив да ми помогне, а тој само се насмевна. Ми помогна да застанам на нозе, и почна да пее. Додека тој пееше јас почнав да тапкам со ногата по некој измислен ритам. Набрзо се разбуди целата шума. Птиците свиреа на тапани, гуштерите танцуваа, а скакулците свиреа на гитари. Сѐ беше како во бајка. Јас почнав да танцувам без да приметам дека сум веќе ослободена од пајаковата мрежа. По долго време се сѐ стиши. Песната престана и жабецот го снема. Сега повторно бев сама. И ете така јас пораснав, сама. Сигурно некој се прашува дали научив да летам. Ќе излажам ако кажам дека не сум се обидела, бидејќи навистина сѐ обидував, ама ниеднаш не успеав да полетам. Денес повторно шетам во шумата скршена и тажна, надевајќи се дека ќе го најдам стариот даб. Иако поминаа 2 години јас сѐ уште го правам ова секое утро па сѐ до вечер, но никогаш не го наоѓам. По долго одење, решив да седнам на еден камен за да се одморам. Го погледнав Сонцето кое полека заминуваше. Тоа ми кажуваше дека е веќе касно и дека морам да се вратам. Имав изградено мала куќичка во која го поминав времето откако паднав од нашето дабово дрво. Таа не e нешто посебна, но барем ме штити од дождот, кој се чувствувам дека веќе секоја вечер сака нешто да ми каже. Кога станав следното утро, Сонцето веќе до пола ја осветлуваше блиската ливада која беше полна со шарени цвеќиња. Сѐ би дала во овој момент да можев да летам над нив и да го мирисам нивниот опојувачки мирис. На големиот лист до мојата мала куќа имаше капки роса. Го измив лицето со нив, и решив да одам да побарам храна. Одејќи низ шумата, слушнав тивок шум. Брзо се сокрив позади едно дрво и почнав да надгледувам. По долго чекање слушнав како некој пее. Решив да се доближам до местото од каде што ја слушам песната. Тивко почнав да одам, а таму стоеше стариот жабец кој ми помогна да се ослободам од пајаковата мрежата. Тој без да ме погледне, се насмевна и ми рече да се доближам. Кога бев доволно блиску до него, забележав дека стариот жабец држи нешто во рацете. Бев многу изненадена кога приметив дека тоа беше омилениот цвет на мајка ми. Ми потече една солза по образот, кога го земав цветот во моите раце. Жабецот се сврти кон мене и полека ја стави својата рака на моето рамо. Ме погледна со своите полу затворени очи и рече: ”Тие те чекаат.” Јас радосно го прегрнав и почнав да трчам до мојата куќа. Стигнав задишана, но тогаш се сетив дека јас не знам да летам. Разгледав наоколу, и добив идеја која морам да признаам беше малку будалеста. Брзо отидов кон една пајакова мрежа, ја собрав и го искинав големиот лист кој се наоѓаше до мојата куќа. Ја ставив пајаковата мрежа на него, и убаво го зацврстив за мојот грб. Се оддалечив од блиската карпа, но пред да рипнам ги затворив очите и помислив на мајка ми и татко ми. Во истиот тој момент скокнав кон ливадата, но листот се искина, а јас почнав да паѓам. Мрдав со крилјата паничејќи но, набрзо почнав да верувам во себе, и почнав да мислам дека ќе успеам. Но сепак се откажав и повторно ги затворив очите. Ама нешто ме задржа, бидејќи јас повеќе не паѓав. Сега лесно летав низ облаците, како што сакав да направам кога бев мала. Тоа беше ветрот. Ветрот ме крена и не дозволи да паднам. Се насмеав и почнав да ја пеам песната на која многу добро се сеќавам. Летав над ливадата и над океанот во кој го гледав одразот на моето насмеано лице. Конечно можев да заминам дома и да бидам со моите сакани!

Секогаш треба да имаш верба во себе, бидејќи дури и кога си сам и исплашен, и кога светот стои секогаш ќе има некој покрај тебе кој ќе ти помогне да се движиш.

 

 

 

 

 

+83