[Литература] Ангела Јаневска – VII одд.

 

 

„Што ме движи кога сѐ стои“

Детство, најубав период од животот на луѓето. Создавање први пријателства, правење први грешки, запознавање со многу нови работи кои претходно биле непознати. Животот е убав на овој свет. Но светот пред околу една година се замрачи, запре. Земјата се разболе од вирусот наречен ковид 19, корона вирусот. Училиштата престанаа да работат, родителите почнаа да работат од дома, многу фирми и дејности се затворија. Светот застана, застанавме и ние со него. Застанавме во најубавите тинејџерски години. Години кога треба да се шетаме, да се дружиме. Години кога првпат ќе искусиме некои работи, први симпатии и први љубови.

Надвор светот е сив. Сите луѓе се со маски, нема повеќе прегратки и допири меѓу луѓето. Забранети се собири за да се намали ширењето на вирусот. Се функционира од далечина. Сите имаме визуелен свет околу себе. Училишната настава ја следиме преку лаптопите, седнати на бироата во нашите детски соби. Дури и кога има некој убав повод или причина, не можеме да го обележиме настанот како што прилега. Не можеме ни да ги обележиме успесите што ги постигнуваме како што треба. Не можеме да ги посетиме најблиските кога ќе посакаме или кога ќе почувствуваме потреба од нив. Но светот тука не запира. Јас се надевам на подобро утре, на подобра иднина и среќен живот, исполнет со луѓето што ги сакам околу мене.

Сепак, како што рекле, секое лошо има и свое добро. Оваа ситуација нѐ научи да бидеме посилни карактерно, да можеме да издржиме сѐ, да ги сакаме и да ги почитуваме луѓето што се секогаш тука за нас. Најголемата поддршка во овие тешки денови ја добиваме од нашите најблиски, нашето семејство. Нашите родители прават сѐ за ние да не се почувствуваме дека стоиме во место. Прават сѐ што е во нивна моќ за ние да имаме детство какво што заслужуваме. Иако светот стои, нашите родители се тие што нѐ тераат да се движиме. Љубовта, трпеливоста и грижата што ни ја даваат е сѐ што е потребно да се надмине секој лош период. Празниците поминати со семејството на трпеза полна со љубов и смеа се најубави сеќавања за секое дете. Тие се моменти кои даваат мотивација да се движиме напред, да имаме позитивни мисли во главата. Моментите поминати со моите сестри, деновите поминати играјќи различни игри во дворот, сето тоа е мотивација за подобро утре. Насмевките на лицата на среќните луѓе околу мене се најголемата мотивација за борба со која било пречка која може да ни го попречи патот и среќата во животот. Љубовта која ја делиме меѓусебно е доволно силна да не се откажуваме и да одиме понатаму. Седењето навечер со семејството, разговорите, шегите и смеите се најдобро нешто што се случило во изминатата година. Бидејќи сите имаа свои обврски, речиси никогаш не можевме да се собереме сите, во исто време да бидеме дома и да си посветиме целосно внимание едни на други. Пандемијата тоа ни го овозможи на некој начин. Речиси секоја вечер седиме сите заедно, смеејќи се и играјќи друштвени игри, се забавуваме и забораваме на сивиот свет надвор.

Иако најмногу страдаше образовниот систем, нашите наставнички се тие кои даваат сѐ од себе ние учениците да не ја почувствуваме разликата во образованието. На разни начини, преку слики и видеа ни го пренесуваат нивното знаење нам. Се трудат на секој можен начин да ни помогнат колку повеќе можат, за доброто на сите нас. На некој начин и со нивна помош, ние се движиме напред и имаме позитивни мисли за секоја настаната ситуација. Се обидуваат да ни всадат во главите дека светот надвор и не е толку сив колку што го гледаат нашите очи.

Иако сѐ функционира онлајн, и со соучениците се гледаме преку камера, и наместо на игралиштата во училиштата, ние играме игри на интернет, сепак имаме надеж дека наскоро ќе бидеме слободни. Можеби и тоа најмногу ни недостига… играњето по цел ден со другарките и другарите на игралиштата, собирање на клупи и разговори додека се стемни, возење велосипед по кејот на реката Вардар, шетањето во парковите и посетувањето на Зоолошката градина. Исто така, тренингот и натпреварите, на кои имаше полни трибини публика која нѐ поддржуваше на секој натпревар. Најмногу недостига спортот, прославувањето на победите со другарките од тимот, модринките по колената, кои некогаш многу болеа, а сега би дале многу работи за тоа да се врати повторно назад. Ние сепак сме деца, сѐ не интересира и сѐ сакаме да знаеме, па затоа би рекла дека ни недостига и шетањето по други држави и градови. Запознавањето нови и различни култури, традиции, пробување различни специјалитети.

Во светот кој стои, најмногу ме движи вербата во подобро утре. Вербата во луѓето кои ќе направат нешто за оваа пандемија да помине. Вербата дека сѐ ќе биде како порано, се надеваме и уште подобро. Ме движат напред мислите дека ќе создаваме нови спомени со семејствата и пријателите, дека ќе редиме многу нови успеси на секое поле во животот и дека граница за ништо нема да постои. Таа верба и надеж треба да ја имаме секогаш во себе, за секоја замисла да се оствари. Затоа, ако светот стои, не треба да стоиме и ние. Треба да се движиме и да одиме напред.

 

 

 

+247