[Литература] Ангел Симоновски – IX одд.
Есеј „Што ме движи кога се стои?“
Искрено, не сакам да гледам телевизија. Не ме интересира тоа што како звук и слика излегува од таа мала кутија. Повеќе сакам да се дружам со мојот компјутер. Таму влегувам во еден замислен свет во кој се борам со некои замислени јунаци кои пак се во некои замислени игри.
Но, веќе подолго време ме измачува една мисла. Постои ли надеж за излез од ова коешто не мачи веќе подолго време. Некоја чудна болест или некој чуден вирус се вгнездил меѓу луѓето.Сите се исплашени и вознемирени. Исплашени за својот и животот на блиските, за своите работни места, за сопственото здравје, за својата иднина. Ни се промени реалноста која ја познававме и живеевме. Живееме во време на нова реалност.
Вирусот се уште е тука. Свесен сум за се што ни одзема. Ни го одзема училиштето, дружбата, прегратките и ништо не е како порано. Оваа година сме полуматуранти, кои најверојатно нема да ја прослават ниту својата полуматура. А, сите сонуваме како и каде панатаму, каква ќе биде нашата иднина? Прочитав некаде дека надежта последна умира, таа не крепи и не држи живи.
Во ова време кога се стои, кога училишето е затворено, а ние сме по своите домови, ми недостасува и разговорот со моите наставници. Сакам со нив да разговарам за мојот сон, за моите очекувања, да им кажам како ја замислувам својата иднина. Сакам своите размислувања да ги споделам и со моите другари!
Ех, ќе ми кажете дека, тоа можам да го направам преку интернет – онлајн, но тоа не е исто, верувајте ми. Сакам да ги слушнам нивните совети, бидејќи тие ме познаваат најдобро. Училиштето за мене беше мојот втор дом, а сега е само една виртуелна слика. Тоа ни дава сила и храброст, ни дава поддршка, и најмногу од се знаење!
Не ни помослував дека толку ќе ми недостасува.
Но, јас сакам да се врати времето кога немаше вирус, немаше болни, луѓето не беа само бројка, а немаше ниту страв. Сакам се да биде како во мојот сон, а мојот сон е мојата иднина. Тоа е мојата цел која сакам да ја остварам. Сите ние, нашиот човечки род има сон и има цел која не движи напред. Често се прашувам и размислувам дали нештата стојат или тоа е само наша слика и претстава за околината во која живееме.
Секојдневно се движам и забележувам одредени промени. Тие промени ме прават љубопитен и почнувам да размислувам за нив. Дали можеби можат да изгледаат поинаку и што треба јас да направам за да бидам дел од тие промени кои ќе му донесат напредок на мојот род.
Имам сон!
Мојот сон е да градам и да создавам нови домови, нови паркови, нови патишта кои ќе не одведат во иднината. И, почнувам. Ги затворам очите и пред мене како на филмска лента започнуваат да се движат слики, кои се стварни и вистински. Улиците се пространи и широки. Покрај нив дрвореди, широки и бујни крошни, кои на моменти мислам дека ги покриваат и широките тротоари по кои се движам.
Покрај булеварите и улиците згради, најразлични, но сите со големи прозорци и светли бои. Тоа е и мојата цел, да го впиеме секој сончев зрак, кој доаѓа до нас. Затоа моите згради се чудесни, во различни форми и големини и блескаат со својата убавина под ова наше македонско сонце. Па нели, ние сме земја на сонцето!
Покрај мене поминуваат луѓе, сите се ведри и насмеани.Парковите се преполни, а во нив најразлични растенија, дрвја и цвеќиња, донесени од најскриените делови на светот. Фонтаните се преполни со вода, ме воодушевува нивната големина и форма. Убаво се вклопуваат со моите градби!
Тука некаде има детски игралишта, понатаму слушам детски џагор, некој игра баскет, некој фудбал, а некој пак само седи на дрвените клупи наредени покрај големите зелени површини. Прекрасна слика!
Но, не застанувам, продолжувам понатаму. Луѓето забрзано се движат, сигурно секој по своја работа, помислувам. Слегувам до подземната железница, а таму како и горе по улиците. Едни влегуваат други излегуваат од подземните вагони. Се е во совршен ред. Влегувам и јас, седнувам, го чувствувам забрзувањето – мислам дека летам. Мислам дека бргу стигнав до мојата станица, речиси за миг.
Излегувам и повторно сум горе, а сонцето ме грее и ми ја топли душата. Ова е мојот град, а ова е мојот сон.
Мојот сон е за мене, за тебе, за сите нас. Сон во кој мојот град ќе живее и ќе се развива. А, јас ќе помогнам во тоа! Сигурен сум!
Зарем има нешто поубаво од тоа да создаваш и да градиш! Да оставиш нешто од себе за својот народ, за својот град и за својата земја.
Почнувам, полека но сигурно ќе го изодам мојoт пат за да стигнам до мојата цел и да го исполнам мојот сон – градител, архитект, неимар.
И, да бидам искрен, овој сон кој го сонувам ме држи буден и кога сите спијат и кога се е тивко. Јас имам надеж и јас верувам во битката која секојдневно се води за секој човечки живот, бидејќи мојот сон е за мене и за сите нас – сон во кој сите ќе бидеме посреќни и ќе живееме без страв за сопствениот живот.Јас верувам во мојот сон, верувам дека од ова зло поради кое светот застана, ќе научиме нови лекции. Ќе научиме дека животот нема цена. Ќе научиме дека неможеме едни без други, дека вербата, надежта и љубовта не движат напред.
Ете, тоа е она што ме движи, кога се стои!