[Литература] Анастасија Ѓорѓиевска – IX одд
Што ме движи кога сè стои
Снегулки се пластат надвор. Крај на март е и вее. Толку убавина врамена во еден прозорец. Белината која полека се постила, покрива сè, едновремено правејќи се важна поради својата величествена чистота. Покрива сè, и црно, и позеленето и малку расцутено.
Долго го чекав снегот оваа зима. Падна сосем малку, а чекањето траеше долго. Сега сè е сведено на чекање, продолжение на минатата 2020 година. Чекање.
Секојдневието е исполнето со социјални алатки, информации, факти и лажни вести, инстаграм и фејсбук новости, инфлуенсерки кои диктираат совршен свет.
По секое гледање во телефонот, посегнувам по нова ужинка или по нова чаша чај. Ми се полудува поради неможноста да ги имам барем некои од неверојатните патики или пак спортски блузони кои ги гледам постојано.
Часовникот врти, но никако да сврти. Како да нè демне некој свртничар од железничка станица од Недојдија. Некогаш си мислам дека сме во погрешен воз, некогаш дека свртничарот којзнае каде нè упати.
Понекогаш цела ноќ сонувам дека играме граница надвор. Цела моја улица и овие од подолната, трчаме како улави низ дворови и скали, паѓаме, крвават колена, соседите врескаат колку сме без осет… Трчаме, небаре од победата на тимот зависи светскиот мир. Другпат сонувам …сонувам како тренерот Тале 30 минути ни брои трчање на скалите низ трибините на спортската сала зашто двајца доцнат на трениниг, а другите се кикотиме без каква и да е причина. Трчаме, а потоа тренинг уште цели 60 минути. Тренингот е со мешана екипа. Со еден збор си спомнувам за тој период – радост.
Сега со ракометот се дружам, се разбира онлајн. Следам играчи и тимови, онлајн, натпревари исто, небаре сите се одвиваат во Америка. Новото ги прекина сите тековни филмови. Сегашните филмови, се строго со семејна тема и се разбира се одвиваат само од/по дома.
Секој ден, броиме, се преиспитуваме, размислуваме. Но, секогаш над нашите глави, како кај ликовите од стриповите стои облаче, не со текст, мисла, туку еден знак – бодликаво топче.
Во таква една состојба на тотално неслучување се свртев кон спорт или хоби за кое татко ми душа дава. Од немајкаде и од неможење веќе да се седи дома, почнав да одам двапати неделно на планина.
Прво негодував, ракометот беше моја љубов. Но салите беа затворени, а на енергијата ù беше тесно. Се натерав себеси на нов предизвик. Планинарски. Остар воздух, мирис на шума, освоен врв. Врв. Водно ми стана викенд прошетка без која не можев, и уште не можам. Ми пречи понекогаш метежот, но тоа е… Пресвртот во моите аматерски планинарски потфати за викенд стаса ненадејно. Го искачив Црн Врв, на Скопска Црна Гора. Нема подобро чувство од чувство на освоен врв. Веројатно тоа важи за сите врвови, планински и непланински. Јануари, снег во смоговската скопска долина немаше. Горе снег, карпа и темни облаци во контраст со зелената шума. Патеките мокри, лизгави и стрмни. Погледот ти се полни со убавините на чудеснава Македонија. Дишев гладно, како да треба да го наполнам градниот кош со кислород кој треба да потрае. Ширев раце, срцето ми пееше. Бев задоволна што кондициски издржав, а среќна што можев да го почувствувам сите радости на планинарењето. Радоста ми се гледаше во секое движење, уживав. Не се опишува, се доживува.
Сега, после секои 5 дена живот он лајн, гасам сè и пакувам ранец. Планината лекува и ме движи. Ме движи зашто во мојот свет на деветтооделенка сè стои и ме чека, здодевни лекции, невозможни барања и рокови, задачи за кои треба, пак он лајн да барам материјал.
Откако ја усвоив оваа животна лекција и откако се уверив себеси дека ми е подобро викендите наместо со дополнителни курсеви за сè и сешто да ги помивам вака, почнав повеќе да мислам. Се сетив на она што физиката го кажува за движењето: „движењето е постојана промена на местоположбата на едно тело. Промената во движењето е резултат на сила применета врз тоа тело…За тело кое не се движи, се вели дека се одмара, дека е неподвижно, стационирано или дека има постојана положба, независна од времето. ….И уште поважно: движењето е едно од основните својства на живите суштества.
По законот на физиката, а под присила на чудната биологија ние се претворивме од тела, чие основно својство е да се движат, во тела кои се стационирани, тела во постојана положба, независно од времето. Ова изгледа малку спротивно, физичарите велат да се движиме, а епидемиолозите да се стационираме затоа што е опасно.
На часовите по Граѓанско образование нè учат да бидеме отворени за сите страни, да се бориме за своите права, да работиме на дијалогот како основно средство за разрешување конфликти. На прашањето каков конфликт е ова, одговарам дека е конфликт од збунувачка природа, јас ова не можам да го разберам…знам само дека една година се гледам он лајн со сите со кои сум пораснала од јасли во градинка, знам дека ми недостигаат за да се дружиме. Знам исто така дека правам натчовечки напори да ги издржам сите наставници кои си ги сакам на свој начин, ама наставници кои ја изгубија насмевката и станаа здодевни оставајќи се и нас и себеси во позиција на мирување.
Неспорно е дека сите сакаме движење, некои од нас можеби и нагласено повеќе… Во тој метеж од задачи и неможности за изменување на положбата, донесувам одлука и конечно решение за себеси – планино, љубов моја, од овој момент натаму јас сум твојот посетител, а ти мојата дефиниција за движење во време кога сè стои.
За другите не можам да решам, но можам да порачам: луѓе, врвови(те) треба да се освојуваат!
Снегот се пласти, снегулките се ту големи, ту мали. Отворам прозорец и ги вдишувам и нив и свежината. Неверојатно колку оваа свежина го насмевнува мојот лик, сепак снег на 25 март е чудо.