[Литература] Андреј Стојчев – I година

Што ме движи кога сѐ стои

или дали ова вртењето во круг е движење?

 

Зад нас останува една тешка година. Тешка за сите во светот. Оптоварена со страв и неизвесност, со разочарувања и лични битки да се зачува индивидуалноста и здравјето, и при тоа исполнета со надеж дека еден ден наскоро сẻ ќе се врати во нормала. Впрочем надежта е она што секогаш го движи човекот. Лично и мене ме движи откако во март 2020 година за првпат мерките за заштита ни скратија дел од основните човекови права, како и она право на слободно движење и на дружба без вето. Си рековме „Здравјето е на прво место“ и прифативме. Се дистанцираме и се изолираме од пријателите. Нашето најблиско семејство се претвори во оска околу која бесконечно вртиме, во потрага по поддршка да се зачуваме себе си, здравјето и сепак да го задржиме и она што нẻ прави различни од мноштвото. Но ваквата состојба отвори и мноштво дилеми. Ако имаме оска околу која ротираме, дали тоа значи дека одиме напред? Дали е доволно да се движиме, или треба нешто плус да нẻ понесе, да ни даде насока? Или едноставно да се помириме со бесконечните кругови?

Овие бесконечни кругови за мене значеа загуба на првиот школски ден во нова средина. Возбудата во ново училиште, да креирам нови пријатели, нова мрежа контакти кои понатаму ќе се множат и во мојот универзум ќе донесат нови лица, нови дружби. Наместо да живеам, да творам, креирам, да влегувам во дебати и да се забавувам, да учам нови животни вештини, но тоа не ме направи среќен– како и сите околу мене. Моето образование се сведе на монитор кој ме научи како да гледам и да слушам за животот, без притоа да го почувствувам неговиот сиров смрдеж – да ме здоболи нечиј поглед, да ме понесе нечија насмевка. Почнав да наликувам на сите околу мене. Иако се бунтував. Се обидов да ги поканам учениците од моето одделение на дружба со вето – со маски, растојание, на отворено. Имав идеја да се запознаеме, да пробаме нови работи за да пркосиме. Прифатија само бунтовниците како мене. Само оние кои сакаат да го прекинат бесконечниот круг околу оската, која сепак и нам, бунтовниците ни е најсигурната точка во животов.

Предупредувањата од родителите дека средното училиште нема да биде шега, дека ќе треба многу да се учи за да се одржиш на површина, дека ќе има и праведни, и страшни и добродушни професори…, ги прифатив како нешто сигурно. Не очекував дека ќе ми се скрати ова искуство. Точно е, пак мора да се работи, пак мора да се учи додека кругот не вовлекува во вртлог и нẻ гуши монотонијата на боите од мониторот. На крајот наместо ѕвоно и некоја досетка за поздрав спроти мене има речиси странци. Си се тешиме – ајде од следната година ќе биде подобро, ќе се вратиме во школските клупи, онаму каде треба да бидеме, ама можно ли е тоа ако не ја поместиме оската.

Кога разговарам со другарите, сфаќам дека се соочуваме со истите предизвици. Немаме услови каде да се дружиме. Дури и кога сме во мали групи од по четворица, повторно е проблем каде да се најдеме. При тоа мора да одржуваме и растојание затоа што сите внимаваме и се штитиме од вирусот. Ограничувањата на сите им влијаат негативно, но никој од нив не застанува. И тоа, во услови кога вирусот мутира во сẻ полоши и поопасни соеви. И јас, како и моите другари не се трудам да ги следам вестите. Ниту пак, ме интереси како почнало и до кога ќе трае. Едноставно, битно ми е што ми ги нема другарите. Затоа што не по сопствен избор, се најдов во социјална изолација каде единствениот отворен прозорец ми се онлајн игрите и чатовите.

Пробав многу начини да си го живеам животот. Запознавав нови пријатели онлајн, разговарав со странци и иако не ги запознав оние околу мене, нешто добро излезе и од тоа.

Но со минувањето на секој нареден ден се надевам дека се доближува и крајот на оваа пандемија. Секој ден научници бараат и наоѓаат нови начини и сознанија да се справиме со неа, иако сè уште нема конечно решение. Вакцините изгледаат како најсигурен начин за решавање на проблемот и можеби за некој месец, можеби за година или пет, кога сите неколку милијарди на оваа планета ќе бидат вакцинирани ќе запре и ова зло. Потребата да се вратиме на нашиот нормален живот каде не мора секојпат кога ќе се оди до продавница за да се купи леб да се носи маска или конечно да седнеме назад во школските клупи е голема, и извесна само ако заедно работиме.

Историјата бележи дека во минатото имало многу пандемии. Некои од нив полоши и од тоа сега што го доживуваме. Но, ја имале истата цел како и ние сега – да се преживее. А кога имаш цел, можеш и да делуваш, да успееш, да најдеш начин да придвижиш сè што си во овој запрен свет. Вакцините се наметнаа како решение за сè. Ако си вакциниран ќе се отворат границите, ќе можам пак да патувам надвор од државата, повторно да се прошетам низ Италија. Пак да го посетам Рим, да се изгубам во античката архитектура и да заборавам дека пандемијата, карантините, изолациите воопшто се случиле.

Најмногу од сè ми недостигаат патувањата, затоа што тие се доказ дека не се вртам во круг. Доказ дека имам правец на движење кое секој ден ми носи новини. Нема рутини, нема исти лица. Едноставно лидерот во мене живее и дише со полни гради и граба напред. Неговиот пријател – оптимистот во мене, само да напомнам да не добиете погрешна слика зашто прво ги набројав работите што ми недостигаат, сепак чашата ја гледам полна до половина. И покрај сẻ што се случува во светот, сẻ уште не е до половина празна.

Всушност хаосот и лудилото испливаа и некои позитивни моменти ќе ни останат во иднина, а тоа е еден нов свет, каде човештвото покажа подготвеност да се здружи и заедно да работи против злото. Барем на почетокот од пандемијата пред империјалистички сили повторно да почнат да се натфрлуваат во трката за лекови и вакцини, и тоа на сметка на посиромашните држави. Добивме и мноштво нови електронските услуги, односно онлајн работењето го олесни секојдневниот живот. Веќе не мора да се чека ред за во банка, или во полиција за нов извод на родените. Сега сè е достапно онлајн за само 30 минути. Научивме и да ги цените луѓето што не опкружуваат. Да уживаме во чаша освежителен пијалок додека се сончаме во бавчата на некое кафуле. Да ги цениме моментите кога може да седнеме во ресторан, па дури и во ограничен број од само 4 и да уживаме во храната. Научив сам себе дека сум си доволен, но и да слушам кога некому му е потребен пријател. Понекогаш во бескрајните кругови има и убави работи, само што стануваат досадни кога секојдневно се повторуваат.

Комбинацијата од она што ми недостига и она што го научив изминатава година се покажуваат како одличен мотивација за да продолжам да се движам. И не само во круг околу мојата оска, тука и да барам начини и можности да ја искористам секоја потенцијална шанса да излезам од кругот. Да ја поместам оската, да го изобличам кругот во елипса, зашто верувам дека така може да ја смениме насоката и да го зачуваме и менталното здравје, покрај физичкото. Рутината и динамиката што секојдневно се повторува е неизбежна, но имам верба, верба дека како млади имаме сила со моите врсници да бидеме генерација која ќе повлече промени. Генерација која ќе направи спој од традиционалното и новите трендови да создадеме уште поквалитетен живот и да ја придвижиме и економијата. А имаме и бескрајно гориво за тоа – љубовта. Ние сме млади, сè уште не сме разочарани од животни тегоби, и додека во нас пламти љубовта, љубов кон сẻ, кон животот, кон родителите, кон брат ми, бабите и дедовците, тетките и чичковците, братучедите и внуците, кон сите и кон сè она што го прави и сочинува секојдневието – ќе имаме и моќ да го разбиеме кругот.

Јас сум подготвен да го скршам кругот. И тоа со разум и внимателно, почитувајќи ги мерките за заштита на здравјето. Кој сака да ми се придружи?

 

 

+1