[Литература] Андреј Димовски – III година

Што ме движи кога сè стои?

 

Во времиња како овие, во кои светот е замрзнат, нејасен, безбоен па и сосема застрашувачки, барање мотивација е слично како барање игла во куп сено. Речиси е невозможно. Луѓето почнаа да се враќаат во своите черупки од кои штотуку ќе излезеа, како уплашени полжави кога ќе го видат надворешниот свет и ќе одлучат дека сепак внатре им е поудобно. Улиците се изпразнија, а болниците се наполнија. Всушност сиот свет се чини како да запре, а со него и сиот поттик кој што претходно го движеше.

Па по сето ова кажано се наметнуа прашањето “што е тоа, што мене ме движи кога сè останато стои?”. Мојот одговор на ова прашање, колку и да звучи контрадикторен или бесмислен е следниот: Тоа што ме движи кога сè стои е сознанието дека сепак сè се движи.

Оваа мисла или пак овој мој обид за модерна адаптација на Галилеовата изрека: ,,Сепак се врти” за мене е всушност најголем извор на мотивација и ми претставува гориво за и самиот јас да се движам. Менталитетот дека целиот свет стана една огромна чекална во која секој чека да си го чуе името и да дојде на ред некако нарасна на сите, а според мене тоа е многу погубно. Од сите страни сме изложени на празни ветувања за подобро утре, тешења и тапкање по рамо, како мали деца на заболекар на кои им велат: “Ајде ќе помине.” Но во многу помал број се оние кои живеат сега и тука, и им помагаат на луѓето да се соочаат со сегашноста наместо да копнеат по иднината. Се додека размислуваме со носталгија кон минатото и сонуваме за иднината, можностите од сегашноста ќе ни се лизгаат од раце.

Всушност мислам дека овој фактор е еден од најголемите проблеми кој веќе долго време го труe општеството. Сиот живот од страна на образовниот систем, како и од било која друга институција, е претсавен како припрема. Основното училиште е припрема за средно, средното училиште за факултет, а пак факултетот за работа. Кога најпосле луѓето ќе дојдат на работа постојано се во исчекување за повисока позиција за кога ќе се снабдат финансиски да можат да огледаат дете кое ќе треба да го продолжи истиот мизерен и монотон циклус. Секако тоа се одразува и на менталитетот на луѓето. Кога врне сме во исчекување за сонце, а пак кога ќе почнат жештини да се лепат по улиците, одеднаш се присетуаваме на убавите времиња од детството кога веело снег и сме правеле снешко. Кога има пандемија, наместо да се адаптираме на состојбата и да го искористиме максимумот од неа, ние само чекаме да заврши, без да размислиме дека тоа може да нè чини години кои не ќе можеме да ги вратиме. Со ова не кажувам дека треба да работиме неуморно занемарувајќи ги факторите што ни се неизбежни, туку дека треба да ги прифатиме условите какви што се и да се прилагодиме и допуштиме на секој момент. Дури и биологијата ни кажува дека ниту најсилните ниту најбрзите не опстојуваат како најадапдибилните

Во вакви случаеви се потсеќам на песната ,,Time” од Pink Floyd и на стиховите: ,, No one told you when to run, you missed the starting gun ” Овие стихови ми ѕунат во потсвеста толку гласно, што ми се претопуваат и во совеста бидејќи денес тие се порелевантни од било кога. Луѓето со нетрпение го чекаат почетниот истрел на животот, без да сфатат дека стрелецот воопшто не постои. Всушност луѓето не ни знаат што чекаат, но сепак не се откажуваат од тоа, а според мене тоа не е ништо помалку од лудост. Земјата не престана да се движи, ниту пак сонцето, ниту било кое друго тело во универзумот. Па тогаш зошто ние како еднакво важен дел од него, заедно со нашите пориви и страсти да не продолжиме исто така да се движиме?

Токму во тоа прашање мислам дека се крие и неговиот одговор, а тоа се самите тие пориви и страсти. Секако сознанието дека сè се движи и дека животот не нè чека е важно, но без некаква пасија што би не одржала во движење, тоа сознание ќе остане неприменето на најдалечната полица во нашата совест и само ќе собира прашина. Пасијата за мене е најважната природна сила што постои бидејќи таа е храна за самата себе. Би можело да се каже дека страста е единствениот успешен perpetuum mobile. Тоа е она за кое што можат да зборуваат двајца со сосема различни интереси, и сепак да звучи како да зборуваат за нешто исто. За мене таа страст е музиката и откако го разбрав и прифатив тоа сознание, сиот живот ми стана послободен. Сите работи кои и претходно постоеле одеднаш се здобија со суштина, а мојата цел стана да ја екстрахирам таа суштина и да ја пренесам во песна. Кога човек знае што сака и ги гледа работите низ призмата на својата пасија, светот за него станува библиотека со информации за напредување на својот занает. Па така и за мене, секој човек што го знам и секој мирис што сум го почувствувал, станаа инспирација, првично за живот, а потоа и за творење. Од бесконечно многуте бранши на љубов што постојат, страста е една од најважните, бидејќи е водилка во сечиј животот. Некои сè уште ја бараат, некој веќе ја знаат, но ја игнорираат, но во секој случај, таа е моќта што треба да се злоупотреби, односно предиспозицијата што треба да се искористи.

Иако начинот на кој што ги гледам работите, како и сите претходноспоменати теми ги опишав како утопични, всушност и јас се соочувам секојдневно со многу предизвици. Тоа ме доведува до она што сметам дека е уште еден проблем во светот денес а тоа е стравот од страдање и опсесијата со среќа. Пред сè сакам да кажам дека ова не се однесува на оние кои вистински страдаат и се во потреба од помош и би било крајно себично јас како средношколец на кој не му е загрозен ниту животот ниту работното место да зборува за страдењето на другите луѓе. Но страдањето за кое што сакам јас да зборувам е она неминовно и неопходно страдање, односно оној помалку видлив, но повеќе присутен дел од секој занает. Во процес на творење, работа или било кое дејство, страдањето и пожртвуваноста не само што се неизбежни, туку се заслужни за најголемиот степен на напредок. Уметникот секогаш треба да оди во длабокото, каде што прстите не му допираат до дното, бидејќи само тогаш ќе биде приморан да прета најсилно што може, односно да даде сè од себе во име на својата цел. Доколку е премногу удобен во областа во која што е, тогаш тој не е во точната област. Затоа сметам дека доколку среќата е цел во животот на луѓето, тие нема да почувствуваат потреба да излезат од своето меурче и да го прошират својот хоризонт. Според мене среќата е заслуга, и како и ручекот, е најслатка после работа. Доколку сакаме да го избегнеме поливањето и одржуањето на едно дрво, тогаш воопшто не ги ни заслужуваме неговите плодови.

Токму ова е силата што ме движи кога сè стои. Љубовта во сите нејзини мутации, како и творењето со сите негови предизвици. Самиот овој есеј за мене е предзивик, односно обид да излезам од моето удобно меурче, а штом ќе почне да се создава ново ќе преминам веднаш на следниот предизвик. Животот и сите негови задоволства и незадоволства се оние кои ме движат, подобрувањето на она што можам да го контролирам, како и прифаќањето на тоа што не можам. Иако светот денес и светот пред една година се два сосема засебни чина од делото наречено живот, сепак станува збор за истото дело, а во секој негов чин лежи посебна поука која треба да ја извлечеме.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

+2