[Литература] Андреа Томовска – VIII одд.
Што ме движи кога сè стои
Кога се навраќам назад во времето, пред неколку години се сеќавам колку ни беше полесен животот тогаш. Коклу полесно можевме да живееме без да имаме страв од секого. Тогаш имамвме проблеми кои во тој период мислевме дека се огромни, но кога ќе ги споредиме со денешната тема на разговор, а воедно и проблем со кој секојдневно се сретнуваме, тие не можат ни да се наречат проблеми. Тоа биле само мали ситници кои што без потреба не загрижувале. Тогаш не ни можевме да замислиме што следи. Сите мислевме дека животот ќе остане ист и слободно ќе продолжи да тече како и дотогаш. Јас тој безгрижен период од мојот животот го замислувам како убав филм кој сите сакаат да го гледаат.
Но, одеднаш како лентата на цветниот и убав филм што се емитуваше во животите на сите луѓе да се скина и во кината започна нов чуден, црн и морничав филм кој го застрашуваше целиот свет. Луѓето, овој филм го гледаат веќе една година. Како да имаме змија замотана на вратот која што нè стега и задушува. Тој филм во кој сите имаме главни и споредни но, ни најмалку неважни улоги се вика „Корона“. Во филмот се работи за пандемија која се рашири низ целиот свет и секој ден се појавуваат нови случаи на зразени и починати пациенти. Главна улога во ова „ремек дело“ ја имаат медицинските работници кои секојдневно се трудат да им помогнат на болните.
Знаете ли дека и јас учествувам во овој филм кој сè уште се снима и никој не знае кога ќе заврши. Јас имам улога на дете кое е приморано како и сите други деца, својот најубав дел од животот да го помине дома. Се затворија училиштата и учениците мораат да учат од дома преку компјутери, сами без своите соученици. Замислете колку е лошо тоа да не можеш да си ги видиш своите пријатели. Посебно во годините на пубертет кога ни треба некој да не разбере, бидејќи родителите не можат секогаш да не сфатат. Секако дека ја добиваме најголемата поддршка од родителите, но другарите се оние кои размислуваат исто како нас. Сакам овој страшен филм да заврши, бидејќи тој ме раздели од најблиските. Освен другарките, ми недостасува да ги гушнам моите баба и дедо. При секое среќавање, поради одржувањето дистанца не можеме целосно да ги искажеме своите емоции и својата љубов едни кон други.
Оваа светска катастрофа го запре времето. И нашето детство како да застана, не се случува ништо во нашите детски животи кои треба да бидат исполнети со смешни случки, симпатии и забава. Каде да најдеме симпатија кога не сме виделе никого освен четирите ѕида од нашиот дом и никој не го видел нашето лице освен маската? Детските насмевки ги покривме со маски. Моравме да се навикнеме да се смееме со очите.
Но, сепак и покрај оваа тешка ситуација во која се наоѓаме јас не ја губам надежта и останувам упорна. Времето поминато дома го користам да научам нешто ново. Поголемиот дел од денот го поминувам сама. Во тој период размислувам за мојата иднина. Размислувам за мојата огромна желба да се запишам во некое добро средно училиште, потоа да студирам и најважното од сè, мојата крајна цел, да постигнам успех во работата од моите соништа. Сакам да го работам она што го сакам, а не нешто на што ќе бидам приморана. Сакам да станам програмер.
Овој вирус ми помогна да започнам да ги остварувам, реализирам моите цели. На крајот на месец март минатата година, јас се запишав на курс за програмирање. Тоа беше едно големо искуство за мене и ги добив темелите на програмирањето. Таму стекнав мноу пријатели, а воедно учев многу нови работи за кои дотогаш не сум ни слушнала. На последниот час од курсот сите имавме задача да направиме своја веб- страница и да му ја презентираме на наставникот. Јас се решив да ја изненадам мојата баба и мојата веб страница да и ја посветам на неа и на нејзиниот труд и љубов што таа го вложува во плетењето и изработувањето накит. По тој курс јас сватив колку многу сакам да го работам тоа, бидејќи програмирањето беше она што ме исполнуваше кога сè застана. Во тој миг сфатив дека времето што е пред мене треба да го искористам паметно и секој ден сè повеќе да работам и да се стремам кон реализирањето на мојот сон.
Љубовта кон компјутерите и големата заентиресираност кон кодирањето, мене ми претставуваат мотивација да започнам полека, но сигурно да ја градам својата иднина, која според моите планови и соништа ќе биде исполнета со многу успешни проекти и љубов кон мојата работа за која што мечтаам уште сега на моја тринаесет годишна возраст. Идејата дека ќе можам да го работам она што го сакам и да живеам од тоа, ми дава дополнителна желба, особено во моментите кога овој вирус сите нè стаписа и нè поттикна да размислуваме што ќе биде во иднина и како да продолжиме понатаму. Јас секогаш се трудам да бидам одлична и да дадам сè од себе.
Оваа пандемија го запре времето и ме спречи во многу работи. Таа успеа да ни ја земе слободата, близината со најблиските и многу други работи кои порано нè правеа среќни и не можевме да живееме без нив, но ниту една друга болест, па ни оваа нема толкава сила да ни ја земе желбата и решеноста да вложиме труд во нешто што толку многу сакаме да стане реалност.
Од сета оваа ситуација јас извлеков поука која што ме води низ животот. Сфатив дека нашите соништа нема да се остварат доколку ние не вложиме труд. Не треба да се откажеме после една пречка на патот. Да не дозволиме херојот во нас да исчезне или да биде обесхрабрен. Ако станува тешко, тогаш чекориме на правиот пат. Некогаш е потребно подолго време за да го постигнеме она што го сакаме, но тоа е она што ја прави крајната цел толку вредна. Напорната работата, желбата и трудот се вистинскиот рецепт за успешна иднина. Соништата што ги посакуваме можат да бидат реалност. Тие постојат! Тие се реални! Тие се можни!