[Литература] Петра Блажевска – VIII одд.
Што ме движи кога сè стои?
Бродот со целото човештво го зафати голема, страшна бура, која го фрла низ големите бранови, со целата своја сила. Мирното патување под светлото сончево небо се претвори во патување за опстанок. Затворени во своите кабини, се оддалечивме едни од други, а многумина ја изгубија битката. Секој од нас на свој остров, како осамени бродоломци. Се бориме со силните бранови кои се закануваат да нѐ превртат и самите преживуваме во ова невреме. Небото е покриено со модри облаци од кои сонцето не се гледа, преживеаните и не очекуваат нешто да видат и тие полека ја губат надежта. Веќе ништо не ги движи.
Светот застана, стои и чека. Чекаме сите, да се разведри и да се смири, но најмногу од сѐ, да си ги вратиме животите од претходно. Човечки е да се бориме, да не се струполиме под надворешните предизвици. Секој се бори како што знае и умее, го управува својот брод, оди напред и го бара светилникот кој му дава правец и го насочува.
Мојот светилник во ова време се книгите. Книгите се мојот портал во друга реалност, патувам, доживувам и размислувам, на мојот остров, во мојата соба на поткровот. Одвреме- навреме ќе слета некоја птица и ќе ме посети гавранот потсетувајќи ме дека светот е таму надвор, таму се искуствата кои треба да ги стекнам, но во ова време тоа не е можно. Затоа утеха и спокој наоѓам во приказните и бесконечните фантазии скриени под дебелите корици. Од книгите дознавам за нови светови, човечки судбини, како карактерот го одредува патот во животот, за чувствата и што ги мотивира луѓето во најголеми несреќи и на некој начин се поврзувам со мислите на многу писатели. Бидејќи се чувствувам како да сум на таа авантура со нив, како да го доживувам истото. Тие приказни ме исполнуваат со љубов, тага, среќа, возбуда, лутина.Зачудувачки е како еден писател може да пренесе толку чувства и емоции на еден лист само со своето перо. Тоа ме поттикнува еден ден јас да предизвикувам такви реакции и емоции кај луѓето. Откога постои човекот сака да твори, да создава, да остава на идните генерации. Се изразуваме најразлично, некој преку гласот, некој знае да зборува преку боите, некој на сцената, а некои луѓе преку приказните и зборовите.
Генијална е идејата за Дон Кихот, тажно е кога читаш за ненадминливите различности и караницата меѓу најбогатите две семејства Капулети и Монтеки која ги однела Ромео и Јулија во смрт, ве лутат случувањата за време на Втората светска војна прикажани во писмата на девојчето Ана Франк, судир на гордоста и предрасудите во општеството во 19 век, фантазијата и ликовите во Хари Потер и хуманата и топла приказна на Бојан и планината…
Секој треба да го најде својот начин на изразување, да ги раскаже своите мисли, да ги сподели своите сознанија, да даде дел од себе и својот разум и да помогне на луѓето околу себе. Јас сакам да бидам една од тие кои не се плашат да зборуваат и кои поттикнуваат на љубов и надеж. Токму тоа му фали на светот. Недостасува, сила која ќе ги обедини сите луѓе, посебно сега, кога треба да сме едно за да ги надминеме овие предизвици. Сакам да направам промена во светот и да ги инспирирам луѓето. Секој човек може да го направи тоа, има потенцијал да се трансформира и да оствари сè што посакува, но не сите го користат.
Можеби во моментов си велите “Што го мотивира ова девојче да скокне од креветот наутро?”.
Ќе ви одговорам, за мене секој нов ден е ново искуство и нов план. Мислите ми се преокупирани со секојдневните обврски, но и со планови за иднината. Како ли ќе биде во средно училиште, кои земји ќе ги посетам, што сакам да видам, со какви луѓе сакам да се дружам, како ли е да живееш сам?! Што носи иднината за мене? Нема ден да не дојде тоа прашање во моите мисли, ме возбудува и тивко во себе си ја замислувам иднината, која силно верувам дека ќе се оствари.
Јас гордо стојам на бина, а околу мене широк аудиториум исполнет до последното место, тивко е, се чекаат моите зборови, полека со сигурен глас течат мислите, а луѓето восхитено го слушаат и пијат секој мој збор. Се гледа по нивните очи и насмевки, зборовите ги исполнуваат нивните срца со љубов, топлина и мудрост.
Скоро прочитав убава мисла: “Ние имаме два животи, вториот започнува кога ќе сфатиш дека имаш само еден”. Тоа ме замисли малку, само еднаш се раѓам, нема втор пат, нема втора шанса! Во исто време оваа помисла ме плаши, ако имам само една шанса тогаш не сакам тоа време да го поминам во несреќа и чекање на нешто што не знам и дали ќе дојде. Заради тоа едвај дочекувам да излезам од дома, го земам мојот велоспед и го чувствувам ладниот ветер, го отворам прозорецот и ме прска ситен дожд а сонцето веќе направило прекрасно виножито. Уживам во секој миг, кога ќе мириснам цвет, кога гледам во ситните ѕвезди на небото, кога започнувам нова книга, кога пукам од смеа со другарките, кога пеам. Не треба да го гледаме животот како опстанок, туку како шанса за откривање на овој голем свет. Ете тоа ме полни со мотивација, тоа го движи мојот брод кон нови места, да оди и да не застанува, да плови и по мирно и по разбранувано море. Така создаваме нови искуства од кои учиме или пак ја полниме собата со смеа. Не треба да се плашиме од промена, само со неа ќе се развиваме и ќе одиме напред со нашиот брод, инаку ќе стоиме на истиот брег целиот живот, со заглавено кормило и компас што ништо не покажува.
Сепак, во секое зло има и по нешто добро, па така оваа бура е лекција за сите нас да знаеме да се прилагодиме и адаптираме на нови услови, дека комуникацијата со останатите е клучна и многу важна за личноста бидејќи луѓето опстојуваат во заедници. Се свртев кон семејството и најблиските, се потсетив како е да имаш долги разговори со родителите и да уживаш во семејните вечери играјќи Монопол.
Јас сум слободна да бидам тоа што сакам и затоа денес одбирам нова книга и влегувам во нов свет – ерата на џезот, животот и љубовта на Големиот Гетсби. Возбудливо е, ќе продолжам тоа да го правам и затоа мојот свет се движи кога сè стои. Ј
И
ИИИМ