[Литература] Петар Дошев – VII одд

Што ме движи кога сè стои?

 

Седам на нашата тераса и се обидувам да дишам воздух со полни гради. Пролетта пристигна, а со неа се разбуди и природата. Птиците се вратија во своите гнезда, а дрвјата ги облекоа своите цветни фустани. Сонцето ми го гали лицето, а мирисот на свежо искосена трева ми ги полни градите. Сепак нешто недостасува. Улицата е пуста, а од соседните станови не се слушна никаков звук, плашејќи се да ја наруши тишината. Ги нема детските гласчиња, звукот на автомобилите, лаењето на кучињата, викотниците на мајките од лулашките во паркот и гласот на човекот од „старо купујем“. Изгледа како градот на духовите, заборавен од времето, а беше мојот град во кој секогаш имаше врвулица од луѓе и деца што уживаа во денот.

Да, ова е едно ново време, време на пандемија, а сите ние учиме што значи карантин и изолација. Се чини дека доживеавме уште една револуција, а короната е наша нова учителка.Тоа е дамата која ни втера страв во коски и го клекна светот на колена. Станавме заробеници во сопствените домови, заробеници во сопствените души, а не можеме да испуштиме крик и силно да викнеме. Сите сме на овој исти брод на кој му треба спасување, а се надевам дека не е ,,Титаник“. Ни треба спасување, но само ако излеземе како други луѓе. Подобри и посовесни. Нашата нова парола гласи – Седи дома и спаси живот.

Пред да дојде короната, на сите ни недостигаше време. Без да водиме сметка за некој друг, грабавме со двете раце како да ќе нема утре. Но дојде тоа ново утро, ни удри шлаканица по нашите заспани лица и ни ги распрска соништата. Мислевме дека Вухан е далеку, а ние уште подалеку. Славевме Нова година и не мислевме на неколкутемина мртви Кинези. Потоа дојде Бергамо кој сите го викаа град на смртта и незнаењето нè стигна многу брзо. А што сега? Како понатаму?

Набрзина ги стиснавме редовите, ги распоредивме силите и се приспособивме на новата ситуацијата.Ова стана биолошка војна која треба да се добие.

Вака затворени и изолирани ги ставивме работите на вага и ги поделивме на корисни, потребни и расипнички. Се затворија училиштата, градинките, рестораните, дискотеките. Луѓето ги поплавија продавниците правејќи резерви на брашно, зејтин и шеќер. Никој не знаеше што ни носи утре. За сите нас ова беше нешто ново и непознато.

Големите спортски сали станаа привремени болници во кои се бара кревет повеќе. Набрзина се градеа монтажни болници за да не дојде до колапс на здравството. Мораше брзо да се дејствува зошто постоеја многу непознати како и за лекарите така и за народот. Пациентите боледуваа сами, а и сами беа испратени во вечните почивалишта. Нивната смрт се гледаше само на дигиталните екрани, никој не ги држеше за рака и не им праќаше утешни зборови. Никој не смееше да оди на погреб, да се прости од своите најмили. Многу фамилии останаа очајни и сами во својата тага. Никој од нас не сакаше да ја доживее истата судбина и да биде само број во утрешната статистика.

Јас и моето семејство останавме затворени во нашиот стан зашто владата прогласи вонредна состојба и карантин. Ние децата баравме објаснување, а родителите се трудеа колку што можат да ни ја објаснат ситуацијата. По цел ден седевме пред телевизорот и ги следевме вестите. Се кажуваа бројки на заболени и починати од кој ни се ежеше кожата. По цел ден пред очи ни поминуваат лекарите и медицинскиот персонал, кој се обидуваше да спаси човечки животи и да издржи. Тие беа на крај со своите сили, спиеја по ходниците и јадеа од нога. На пладне излегувавме на балконите и аплаудиравме за големите херои. На многу балкони се пушташе музика и луѓето играа и пееја, така борејќи се за да останат присебни и во душите и во главите.

Еден ден моите родители рекоа дека е доста. Не можевме вечно да живееме во страв, зашто стравот нè јадеше како црв во гнило јаболко. Пробувавме да се справиме, приспособиме и да останеме прибрани. Родителите, иако се плашеа за своето и за нашето здравје, сепак се радуваа што сме сите заедно. Знам, треба да се биде стрплив и да се издржи. Сфатив дека сепак семејството е најважно сè додека сме заедно. Го добивме заедничкото време кое ни недостасуваше зашто секој беше зафатен со својата работа и обврски. Телевизорот го вклучувавме само по потреба, а татко ми не дозволуваше нашите лица да бидат намуртени. По цел ден бевме како кловнови со нашите насмеани лица за да ги смириме родителите, а богами и да се охрабриме и самите себе.

Не знам по колку време седнавме заедно да ручаме. Игравме „Не лути се човече“, „Монопол“, разни игри со карти и низ игра, радост и смеа ни поминуваа деновите. Максимално го користевме гратисот што ни беше подарен и го нарековме денови за семејстото. Гледавме филмови, слушавме музика и танцувавме до бесвест. Цртавме слики кои никогаш нема да ги закачиме во станот, но беше забавно тоа што го правевме заедно. На Јутјуб гледавме претстави, цртани филмови и пак бевме оние мали деца на кои ништо никој не им може. Многу големи ѕвезди онлајн имаа свои концерти, па уживавме во добра музика зашто кој знае кога ќе може да се отворат вратите на големите концертни сали. Се свртевме на пишаниот збор на кој порано имавме заборавено. Мајка ми нè натера на пролетно чистење. Ги превртевме плакарите, ги светнавме прозорците и ги редевме украсите. Работевме, пеевме, дури и плачевме заедно.

Наставата се одвиваше онлајн, но мене ми недостигаше училиштето. Шепкањето за време на часовите, трчањето по полните училишни ходници, другарите и играњето фудбал за време на одморите. Седењето по клупи низ парковите, играњето криенка и возењето велосипеди во природата. Трпение – си велев. Секој ден учев нешто ново. Учев да ги почитувам работите што претходно ги игнорирав, заборавав и запоставував. Дури и сега во оваа тишина, која се заканува дека ќе ме голтне, го слушам шумот на лисјата, пчелите што зујат, дури и водата што жубори како да имав некоја поголема моќ зашто порано не го можев.

Сепак, длабоко во себе чувствувам натчовечка сила и моќ кои ми се потребни да ја издржам оваа агонија. Светот застана, но јас продолжив да чекорам. Силата што ме движи се вика љубов. Неа ја има во различни облици и секој треба да сака и да биде сакан. Љубов кон саканите, љубов кон спортот, кон пријателите, за миленчињата. Но она што не ми дава да застанам е љубовта кон животот. Животот е убав и јас сакам да живеам. Точка. Тоа е најголемиот предизвик кој стои пред мене и за кој вреди да се борам. Ме движи желбата за успех и остварување на моите соништа низ оваа посебна траекторија. Знам, не секогаш, но на патот стојат проблеми и треба на нога да се издржи зашто следниот пат ќе биде подобро. Ќе одам чекор по чекор. Ќе уживам во секој момент, во секој нов ден, ќе се радувам на мали нешта, ќе се смеам и ќе плачам. Ќе ги следам моите соништа и ќе верувам во себе. Не сакам мојот живот да биде залудно истрошен. Ќе продолжам да верувам во чуда за на крајот да ми се исполнат. За мене сепак уште е далеку светлото во тунелот.

Од оваа лекција научив неколку важни работи: држи дистанца, носи маска, одржувај хигиена.

Маските станаа дел од секојдневието и ги скрија нашите насмевки. Ги нема веќе прегратките со пријателите и роднините зашто мора да се држи растојание. Средствата за дезинфекција ни ги наполнија чантите и џебовите, но мора да се одржува хигиена.

Светот доживеа крах, економијата дојде со самиот раб. Цените рипнаа до плафон, а работникот остана да се бори за гол живот. Но по сите борби што ги доживеал човекот тој како феникс ќе се издигне од пепелта и ќе извојува победа. Стариот часовничар ќе ги подмачка запчаниците на часовникот и ќе го натера времето да тргне напред. Зашто така треба и мора да биде. Јас сум полн со надеж за подобро утре, а знаеме дека надежта последна умира. Вакцините почнаа да пристигнуваат во целиот свет и треба да помине време за да стекнеме имунитет и да ја победиме короната која се обиде да ни ги земе соништата. Нема да дозволиме невидливиот непријател да управува со нашите животи.

Затоа гласно велам – доста!

Сите сме потенцијални бегалци, но не можеме да избегаме од самите себе. Не знаеме дали живот ќе се врати во она што ние го викаме нормално, но веќе ни ние не сме истите луѓе што бевме во минатото. Не се жали за она што поминало, но треба да се негува тоа што ќе дојде. Старите не за џабе рекле дека тоа што го имаш не го цениш додека не го изгубиш.

Секој човек, секоја нација, секое живо суштество, секој богат или сиромав, стар или млад се еднакво вредни во синџирот кој треба да обезбеди преживување на планетата. Резервна планета немаме. Се надевам дека оваа генерација нема да ја изневери следната.

+181