[Литература] Лана Нацев – IX одд.
По воздухот се чувствуваше дека сонцето ја губи силината на своите зраци. Беше веќе спуштено долу и сокриено зад високите згради. Наспроти него се засилуваше џагорот на децата и фреквенцијата на луѓето кои беа веќе излезени и спремни секој миг да го поминат во забава и смеа. Во нивните очи можеше да се забележи среќа и радост.
Го чувствував мирисот на шеќерната волна, мирис кој ги обземаше сите сетила. Балоните во разни бои го обојуваа просторот и нежно подигруваа во воздухот кој полека но сигурно ветуваше дека ќе даде дополнителна свежина таа приквечерина.
Кловнови одлично ги забавуваа малите деца, и изнудуваа насмевки на нивните мали и мили лица. Беше сè како во шарена бајка. Каде и да го насочев погледот ме обземаше невидена позитивна енергија и восхит. Тој восхит го надополнуваше и среќата на мојата помала сестра.
Луна-паркот изгледаше прекрасно, голем, бескраен, бајковит. Целата слика ја надополнија светилките кои го дочекаа моментот да блеснат со сета своја сила и магијата да ја направат уште повистинска.
Високо над нас се издигаше панорамското тркало. Изгледаше толку интересно и восхитувачки. Да, таму горе високо над сите, високо меѓу облаците. Чекајќи во редот подигрувавме на музиката која силно ечеше и се натпреваруваше со вревата кој да биде погласен. Конечно дојде и нашиот ред. Се качивме во кабината која наликуваше на балон кој само што не се вивнал таму горе во облаците. Тркалото започна да се движи. Поткревањето нагоре ја поткреваше и енергијата во моето тело. Издигнувањето до највисоката точка навестуваше дека од таму, од горе, сè е појасно, сè е повидливо, сè е попрегледно, па дури и сè е повозможно. Од таму можеше да се види целиот град сега веќе исцртан со ноќните светилки кои му го даваа животот. Овој пат беше поинаку, како градот да не држи во дланка. Тркалото полека не спушташе надолу и тој прекрасен поглед се губеше. Потоа повторно започнувавме да се искачуваме кон највисоката точка. Возбудата одеше нагоре, надоле ѝ се така во круг, во тој магичен волшебен круг. И така во еден момент…стоп…молк…темница.
Момент кој ја отслика вечноста, момент кој ја голтна сета светлина, момент кој го стише сиот џагор и музика. Ние бевме на највисоката точка. Енергијата која поттикнуваше радост сега се претвораше во страв. Рефлексно ја прегрнав сестра ми, а со тоа и дадов доза на сигурност и доза на спокој. Гледајќи во далечината и барајќи одговор на ново настаната ситуација во мојата глава, започнаа да се точат многу прашања.
Зошто? Како? Сега ли? Зошто не порано-подоцна? Кој е виновен?
Јас…тој…некој друг или можеби сите?
Како брзината на светлината низ мислите ми провејуваа прашања, одговори, дилеми. Можевме ли поинаку? Можевме ли подобро?
Светот денес е многу поинаков, поразличен и се движи во друг правец. Свет кој се темели на техника и технологија. Свет кој навидум со брзина на светлина не зближува, а всушност не отуѓува едни од други. Во контакт сме постојано, со звук, со слика, а сепак толку далеку. Контакт виртуелен, но контакт ладен и без чувства.
Навидум сè е добро, функционално, навремено , но во длабочината празно, пусто, осамено.
Се имаме, а како ништо да немаме! Сите желби се исполнети, а сепак се чувствуваме на моменти тажно.
Но која е причината за сето ова?
Има многу причини, но во моментов една е над сите други, една, а невидлива. Сама наспроти сите нас. Стои тука и сее страв. Ја нарекоа – вирус. Допре многу луѓе, допре многу семејства, зеде многу животи.
Не натера да се затвориме, да се изолираме, да се оддалечиме. За да не нè препознае ставивме маски, се сокривме.
Дружбите престанаа. Училиштата се затворија. Продавниците го скратија работното време. Слободните активности престанаа.
Светот како да престана да се врти. Навиките исчезнаа или пак можеби се мачевме да ги потиснеме.
Емоциите на среќа и љубов, гушкањата и срдечноста останаа со подадени празни раце.
Одеднаш молк, одеднаш празнина. И што сега, што понатаму?
Дали е ова момент за себе, момент на самопреиспитување? Дали овој момент ќе трае кратко или можеби ќе трае цела вечност?
Што сега со желбите, мечтите, целите и идеите? Што и како понатаму?
Но дали навистина сè запре? Има ли нешто добро во сето ова?
Не паметам после колку време дома сме сите, целото семејство сплотени, заедно.
Секој своите задолженија, трчање од едно на друго место, домашни задачи, училишни обврски, тренинзи како да ги одложи на неодредено. Сега имавме време секој да си раскаже по нешто од случките кои ги доживеал, да се изнасмееме, да извлечеме поука, да размениме мислење. Сега го имавме моментот само за нас и нашето семејство.
Телевизорот во дневната соба конечно ја доби својата правилна улога. Досега беше само плоча на ѕидот кој имаше задолжение да прави врева, за оној кој е дома да не се чувствува осамен. Сега спокојно го емитуваше филмот на кој ние сите заедно седевме и се смеевме, враќавме сцени и ги повторувавме. Речиси прекрасно.
Сфативме дека ваквите денови ни недостигале, дека треба почесто да ги практикуваме. Нема ништо поубаво од тоа да си заедно со своите најблиски, да ги кажеш сите проблеми или идеи кои ти лежат на душата или пак да им го направиш денот поубав и да ја видиш насмевката на нивните лица.
Додека успеавме моментот да го заграбиме за себе всушност и дадовме прилика и шанса на природата. Природата која несебично ја уништивме, шумите кои ги исековме, водите кои ги загадивме.
Создадовме тони и тони пластика. Животинскиот свет го доведовме до работ на изумирање.
Мразот се топи, нивото на океаните се зголемува.
Дали нашата себичност е во прашање?
За час озонската обвивка се обнови. Животните направија чекор понапред и навлегоа во она што ние го запоседнавме и себично мислевме дека е само наше.
Дрвјата речиси никогаш немале толку убав цвет, а цветот толку убав мирис. Зракот од сонцето беше наменет овој пат само за нив, чист, мек и нежен.
Вибрациите на земјената кора се намалија, поради малиот транспорт и движење на тешките и големите товарни возила и возови.
На кратко кажано Земјата доби мир, одмор од нас луѓето.
Ова е време да почнеме да размислуваме не само за себе туку и за идните генерации.
Време е. Сега! Не подоцна!
Не утре, денес, веднаш!
Навидум се стои, но сепак и сè движи! Се движи мојата мисла, се движи мојата решителност за подобро утре! Ме движи љубовта во моето срце, ме движи широчината во мојата душа! Ме движи врелата млада крв во моите вени, која бара динамика и акција!
Ме движи позитивната мисла и енергија. Ме движи надежта за подобар свет, ме движи моето семејство кое секогаш ми дава поддршка и е тука за мене.
Ме движи насмевката на сите луѓе околу мене, сè што е позитивно и сè што може да направи еден човек посреќен. Ме движи и негативното, со цел да стане позитивно. Ме движи мислата дека ќе успееме сите ние заедно да создадеме подобар свет за идните генерации, мислата дека можеме сè да победиме. Мислата дека ќе се подобриме, дека ќе успееме да и вратиме на природата, дека ќе го спасиме нашиот дом. Накратко кажано, ме движи светот и луѓето во него.
Некаде во далечината се моите цели, мојата иднина, моите погледи преплетени со убавото, природното, рамноправното, еднаквоста и еднаквите можности и почитување на различностите.
Можеби изгледа како светот да застана, но сепак нешто се движи, времето тече во неповрат, а ние треба да го зграпчиме и искористиме максимално секој миг.
Замислена, со насочен поглед кон буквите на мојот лаптоп, ненадејно во очи ми падна
иконата “Антивирус – стоп”.
Со еден клик над иконата, се што стои, започнува да се движи.
Вресок, струјата повторно се врати. Светлата силно блеснаа и тркалото продолжи да се врти. Музиката продолжи да пее. Се продолжи во својот тек, нов тек, ново нормално…
Поискусни за еден миг кој навидум трае колку една вечност, помудри за еден цел живот!!!