[Литература] Ксенија Серафимовска – VIII одд.

Што ме движи кога сѐ стои

Мали нешта, големи луѓе

Во свет каде владеат материјалните добра, многу е тешко да најдеме соодветен начин на изразување. Како мало девојче, сакав да бидам принцеза, да го имам принцот на бел коњ, да носам круна и скап фустан. Како растам, разбирам и созревам, сметам дека животот е многу повеќе од желби и надежи.

За постигнување на посакуваната цел, потребна е храброст за да се направи првиот чекор, чекор кој на долг рок е повреден од самата цел. Мечтаам за среќен свет во кој нема проблеми, но животот не е бајка. Дозволете да ви претставам неколку сценарија.

Пред сѐ – замислете си го човекот кој ви значи најмногу, тука, во овој миг, на овој летачки камен во вселената. Кој е тој човек кој може да направи сѐ подобро? Јас веќе знам кој е тоа, а сигурна сум дека и вие. Атмосферата околу вас е прекрасна – ѕвездено небо, пролетен ветер. Ден на плажа, потемнета кожа која се претвора во чоколаден тен, ручек на крајбрежјето. Попладне изминато искачувајќи се на планинскиот врв кој одамна сте го гледале оддалеку, а во овој момент, вие сте до него, го чувствувате ладниот ветер на вашиот грб како допир кој испраќа морници низ вашиот ‘рбет. За малку…

Потоа реалноста ве удира како автобус – се враќаме дома, веќе не сме на планетата кој има лижавчиња наместо дрвја, облаци од шеќерна волна, речни сливови од топло чоколадо и дождец од прелив со вкус на карамела. Луѓето не се слатки како мед, воопшто. Напротив, тие се лути и гневни. Горко кафе без шеќер, бидејќи само така го пијат. Вашиот човек веќе не е изгрејсонце во шарени бои, тој е сиво небо кое вам одлично ви прилега, бидејќи се чувствувате празно како капка дожд која паѓа на човечка глава. Мислам дека светот треба да се промени, дали забележавте? Во овој миг, јас направив вистинска бура од контрадикторни емоции.

Чувствуваме еуфорија и како во скок, ние сме десет метри под земјината површина. Ние не сме благодарни, не ги цениме работите кои ги имаме на дланка сѐ додека не ни се одземени насила. Секогаш сакаме повеќе, никогаш не е доволно, а дали вреди? Дали вреди да размислуваме и да посакуваме нешто што е далеку од дофат, нешто што би бегало од нас. Доколку предметите можеа да прозборат, мислам дека би имале многу за слушање и кажување, особено предметите кои се околу материјално ориентираните луѓе.

Следува второ сценарио. Замислете повторно – во банка сме, седиме до господин во одело кој држи чанта полна со документи и договори. Пред него седат менаџер и помошник – менаџер на банката, се подготвуваат да потпишат нежто важно, кога за секунда, во просторијата влегува една несредена госпоѓа. Таа полека се доближува крај нив, седнува до господинот. Тој се врти кон неа, мислејќи дека е некоја привлечна личност, но во неговите очи, таа изгледа одвратно. Премолчува. Помошник – менаџерот ја одведува во друга просторија каде пијат чај или кафе и разговараат за идните соработки. Моментот кога се затвори вратата на просторијата, господинот се сврте кон менаџерот и со презир почна да ја озборува госпоѓата. Вие би мислеле, менаџерот сигурно не би рекол ништо, логично е, таа е клиент како и секој друг, но не, тој воопшто не се воздржал. Кога завршила смената и сите си заминале, пенкалото од деловната зделка може да прозбори, отвора уста, но зборови не излегуваат…

Знаете, понекогаш се прашувам, зошто во светот постои омраза? Можеби поради луѓето кои не се прифаќаат себе, па за возврат, мораат да си ја зголемат својата самовредност со навреди насочени кон успешни и самоуверени луѓе или пак, поради безбројните негативни коментари кои ги слушаме на дневно ниво. Евентуално, можеби и поради самоомаловажувачкиот говор кој го користиме секојдневно. Сигурно ви е познато – „Леле колку сум глупав/а“, „Ништо не знам“ и слични етикети кои си ги лепиме самите себеси. Ние, луѓето, сметаме дека сме поголеми од светот. Морам да признаам, ние имаме измислено изуми кои ќе траат до крајот на човештвото т.е до последниот здив на последниот човек на овој камен кој случајно поминувал низ вселената, па од замор, решил да одмори на оваа прекрасна тропска дестинација. Но, сето тоа на страна, главната поента е разбирањето на животот. Која е замислата зад него? Зошто постои? Зошто сме ние среќните добитници кои ја имаат оваа шанса за вакво незаборавно искуство? Сепак, ние сме неблагодарни. „ПОМОШ!“ – би викнала на цел глас. Помогнете ни, дозволете ни да се задоволиме и да ги цениме малите нешта кои не движат напред, додека сѐ стои.

Трето сценарио – емотивен подем: вашиот човек и вие, рака во рака, цврсто споени, ни најголемата сила нема да ве раздели. Одлуката донесена од импулс, да одиш на таа забава преовладува, тоа била една од најдобрите одлуки во твојот живот. За прв пат, после неколку години, излегување со твоите родители на ручек, сите заедно, атмосферата е семејна, тивка музика во позадина. По само две чаши црвено и бело вино, мама и тато танцуваат на некоја стара песна од нивната младост. Роденден, одбројување додека замислуваш желба, првиот залак од тортата, музиката која ѕвони во ушите дури и следниот ден, честитката од најзначајниот човек. Првиот училиштен ден, колку и да тврдиме дека го мразиме училиштето, сигурна сум дека има барем еден дел од нас кој навистина, искрено и целосно го сака. Првото ѕвоно, детскиот џагор низ ходниците, безбројните декорации кои го красат училишниот хол, каде често се среќаваме со нашите другари од поголемите класови. Излегувањето со пријатели, миг во кој како изгледаш е најмалку важно, треба само да се забавуваш и да живееш во присутниот миг. Треба да се препуштиш на слободата и полека да се опушташ додека тонеш во кревет од цели и вредности бидејќи соништата се само за луѓето кои лесно се откажуваат, па дури и да е по цена на нивниот мир. Вистински големите луѓе стануваат и го прават тоа што го наумиле, имаат цели, влијаат, имаат личен допринос и белег во промената.

Додека седев во задното седиште на автомобилот кој мама го возеше, разговаравме за мене, мојата навика, за сѐ што правам, оставам дел од себе во него, нешто како белег, како што би рекле многумина. Секое мало нешто, бакнеж, прегратка, заем од десет денари кој во моментот изгледа како ништо, но можеби на некој му значи живот, изненадување, училиштен проект, цвеќето во викендицата, секоја авторска проза и поезија, секој збор, секој здив, има дел од мене. Малите нешта имаат дел од мене, подобро, тие се парче од мене. Тие ме движат напред. Светот има потенцијал да стане виножито и пеперутки ако јас имам нешто во врска со него. Тој може да биде место каде сите сме оптимисти и мислиме позитивно, цветаме, произлегуваме како нови личности, имаме различна перспектива кон материјалните нешта, не се обесхрабруваме од успехот на другите, напротив – ние се мотивираме од него. Можеби еднаш и засекогаш ќе престанеме да се преправаме, ќе престанеме да се преправаме дека сѐ е во ред, дека нема зло, дека ние сме совршени луѓе. Здраво е за психата понекогаш да загубиме, на тој начин ќе научиме да се избориме за нашето место под сонцето и така нема да има потреба да живееме во туѓата сенка.

Големи луѓе, станете од вашите места, разбудете се, време е, ќе направиме промена, ќе се бориме за малите нешта кои имаат голема вредност за нас и нашите сакани. Сакам животот да ми помине во еуфорија, да уживам во секој ден, утрото да ми биде како брза песна со интересен ритам, а вечерта да биде како морето на зајдисонце. За пократко отколку што замислувам ќе станам вистински возрасен човек во реалниот свет. Ќе имам задача да се грижам за нештата кои ме движат кога светот стои, кога никој не презема одговорност во врска со проблемите во светски рамки, кога малите нешта повеќе не се ни важни, само поради тоа што сѐ стои. Некој да ми кажеше пред пет години дека светот спие, немаше да поверувам, ама денес…

Сѐ уште не е доцна, имаме време за промена, време да станеме големи луѓе, да имаме почит еден за друг, љубов меѓу нас. Малите нешта се оние кои нѐ прават големи луѓе, кои нѐ движат кога сѐ стои. Дозволете да не одржуваат во живот, ветувам дека светот ќе биде многу подобар на овој начин.

 

 

 

+185