[Литература] Јана Сиљаноска – IX одд.

 

Што ме движи кога сe’ друго стои?

 

 

 

 

Чекорејќи по патеката наречена живот, наидуваме на многу доживувања, авантури и предизвици. Понекогаш се сретнуваме со препреки и тешкотии и секој од нас на различен начин се труди да ги надмине. Ги пронаоѓаме во себе мечтите, целите, ги бараме причините кои даваат храброст да се продолжи кога се’ друго како да застаналo.

Секогаш мојата движечка сила била љубовта. Го сакам семејството кое е моја поддршка, извор на совети и добредојдена помош секогаш кога нешто изгледа далечно, недостижно. Искрената радост и насмевките тука за секој мој успех се мотив плус за да продолжам понатаму, похрабро. Среќата блика во мојата душа кога сите сме заедно. Фамилијарните седенки се оние кога најважно е заедништвото. Слогата е онаа која не зближува и заедничките моменти ги прави посакувани. Кога ќе речат со слога сe’ се постигнува, верувајте тоа навистина е така. Посебни емоции тука создава магијата на празниците. Тука нема значење полната маса со храна туку исполнетото срце на членовите на семејството. Прегратките на моето семејство се најтоплото гнездо. Во тоа гнездо нема место за лаги и разочарување. Единствено прифатливи се довербата и радоста за успесите, за решените проблеми, за заедничките спомени и трудот да се изгради поубава иднина. Моето семејство за мене е најсигурното катче во кое се чувствувам безбедна и сакана. Љубовта е обострана и се забележува една длабока поврзаност тука, толку силна нераскинлива врска. И како што секој греши, можеби и тука имало грешки, но со разговор, со разбирање секоја пречка се отстранува и се продолжува понатаму со едно искуство повеќе.

Дел од сликата на се она што ме движи е и љубовта кон пријателите. Бесконечна вредност за мене имаат оние најискрени пријателски врски. Секоја тајна тука можеш слободно да ја споделиш без да чувствуваш несигурност или сомнеж. Ги сакам долгите разговори на клупите. Ах, колку тајни се тука прошепотени. И тука останале, никогаш не било изневерено пријателството. Ретки се таквите пријатели па затоа овие врски со посебно внимание ги негувам. Како мали садници ги полевам со доверба, со искреност и грижа и претставуваат непроценливо богатство за мене. Не сме во крвно сродство, но душите ни се сродни, размислувањата, плановите… Благослов е да имаш такви пријатели со кои и со поглед се разбираш и помеѓу вас не постои љубомора, завист или скриени намери. Ги сакам заедничките прошетки, тинејџерските мисли за љубовта, подадената рака.

Денес, кога корона вирусот го ограничи секојдневниот живот, синџирите на стравот и паниката притискаат насекаде. Неочекувано се затворија училиштата, се соочивме со полициски час, карантин и што уште не. Информациите за заболените, за смртоносниот вирус кој многу брзо се прошири во целиот свет донесоа немир и целиот живот се промени. Никогаш не сум помислувала дека насмевката како најубаво нешто на човекот ќе биде сокриена под маска. Но ете, денешницата ми покажа дека и тоа е возможно. Се чудам како овој вирус, невидлив со голо око ги промени сите наши

 

навики. Застана пред нас и ги сопре сите наши движења. Помешани се емоциите. И со најблиските станавме далечни како да не делат океани. Другарувањето и комуникацијата станаа зависни од технологијата. Многу човечки животи ја изгубија битката со вирусот и прерано згаснаа. Во оваа состојба сфатив уште повеќе дека за мене значењето на семејството и пријателите има огромни димензии.

Oткрив ново парче од мојот љубовен мозаик, љубовта кон природата. Затворена во својата соба, најчесто пред компјутер, сфатив дека навидум малите нешта за мене се нешто големо кое ме исполнува со спокој и радост. Прекрасно е кога во раните зори блеснуваат првите сончеви зраци. Шаренилото на ливадите го мами погледот насладувајќи го со убавина. Прошетките во планината пак, наградуваат со пејзажи и даваат инспирација. Неочекувана насмевка буди секое пронаоѓање на шумски јагоди, на сокриено изворче кое ја гаси жедта. Сите звуци на природата тука прават една совршена мелодија пријатна за слушање и релаксирање. Тажно е кога во таа прекрасна околина ќе пронајдете отпадоци, злонамерно пресечени млади дрвца, диви депонии…

Зошто да го уништуваме сето тоа знаејќи дека така се уништуваме и самите ние? Зарем не е прекрасно чувството кога градите се полнат со чист планински воздух? Зарем не е прекрасна глетката на зајдисонцето? Не само што е прекрасно туку во овие тешки мигови сето тоа е мојот најдобар лек за исполнување на времето.

Цврсто ме одржува и пишувањето и се гордеам со секој нов стих кој го обележува моето постоење. Инспирација добивам од природата, опкружувањето, од моменталните случувања. И моите соништа се дел од моите литературни дела. Ги преточувам чувствата на лист хартија. А кога ќе започнам зборовите сами еден по еден како да извираат од длабочините на душата. Понекогаш се препуштам да ме води

фантазијата, но најчесто пишувам за моите желби, за она што силно го посакувам. Знам дека кога нешто силно посакуваме, тоа еден ден ќе се случи, ќе биде реалност. Затоа во стихови ја преточувам и желбата за еден поубав свет, свет во кој длабоки корени имаат правдата, еднаквоста, хуманоста… Посакувам посигурна иднина за

децата, иднина која не го познава насилството. Гладувањето и дискриминацијата тука се непознати поими, а застапени се образованието и здравјето. Во моите желби светот е обоен со боите на природата и е една совршено чиста и здрава средина за живеење. Сето тоа е ставено во рамките на вечноста со пишаниот збор, збор кој е мојот најголем борец против мрачните мисли кои се раѓаат од денешната несигурност.

Можеби корона вирусот е опомена за нашите грешки и мораше да се појави за да не принуди да застанеме и уште еднаш да се преиспитаме и размислиме. Можеби е поука повеќе да ги цениме и почитуваме духовните вредности и природата. Сега е повеќе од јасно дека материјалните нешта некогаш немаат никакво значење и не можат да надоместат за изгубеното. Огромна е цената на штетата која ударот на овој вирус ја направи во нашите животи. Сепак доста е! Ја научивме лекцијата и посакувам да му кажеме збогум. А до тогаш чувајте се себеси и другите околу вас. Почитувајте ги правилата, бидете хумани онаму каде што е потребно. Бидете поддршка и упатате позитивна мисла насекаде. Понекогаш и тоа е доволно за да пробудите кај некого желба и надеж дека ќе успее. Во себе пронајдете барем мала причина за да издржите и да продолжите да чекорите кон иднината во која ќе го освоиме пехарот на победата во битката со корона вирусот. Тука оваа тешка состојба ке ја оставиме во урнатините на минатото како еден лош спомен.

 

Јас продолжувам да се движам по животниот пат чувајќи го во себе благословот на љубовта која ми дава сила и огромна храброст да ги освојувам предизвиците носејќи го во рацете факелот на надежта дека моите цели ќе се вгнездат во школката на исполнети нешта.

 

 

 

 

 

+131